За осудувањето (4)

Еден брат го прашал ава Пимен: Што да правам? Седејќи во ќелијата, попаѓам во униние (очајание). Старецот му рекол: Никого не понижувај и не осудувај – и Бог ќе ти дарува спокој, и твојот престој ќе биде невозмутен.

Еднаш имало собрание во Скитот. Браќата разговарале за гревопадот на еден брат. Но, ава Пиор молчел. Потоа, откако станал, излегол и, земајќи една торба, ја полнел со песок и ја носел на грбот. Исто така наполнил и малку песок во една кошница, а неа ја носел пред себе. Отците го прашувале: Што би значело тоа? Тој одговорил: оваа торба, во која има многу песок, ги означува моите гревови: тие се многу, но јас ги ставив зад себе, затоа што јас не се каам за нив; а ова, пак, се малкуте гревови на мојот брат – тие се пред моите очи и од нив се возмутувам, осудувајќи го братот. Но, не треба така да се прави! Подобро да ги носам своите гревови пред себе, да жалам за нив и да Го молам Бога за мое помилување! Откако отците го слушнале ова, рекле: навистина ова е патот на спасението!

Ава Пафнутиј велел: еднаш, кога патував, поради магла скршнав од патот и се најдов близу една населба. Таму сретнав едни што срамно зборуваа. Откако се оддалечив, паднав пред лицето на Бога, осудувајќи се самиот себе. И, еве, ангел доаѓа накај мене со меч и вели: Пафнутиј! Сите што ги осудуваат своите браќа, ќе загинат од овој меч. Но, ти добро направи што не ги осуди, туку се смири себеси пред Бога, како ти да си го направил нивниот грев. Затоа твоето име е напишано во книгата на животот.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *