Религија и наука (8): За инквизицијата (5)
Инквизицијата функционирала како институција, којашто попрво заштитувала од гонење, отколку што запалувала.
Црковните казни за оние кои правеле магии биле помеки од она што можела да им стори толпата. Таа забелешка особено е справедлива за Русија: за гревовите, за кои во Европа во тие векови гореле на клада, во Русија само наложувале епитимија. Според набљудувањата на еден историчар, „за голема чест на нашето духовенство, ќе кажам дека при нив маѓепсниците си поминувале многу полесно, отколку кај западните. Во истиот 16 век, кога во Европа накладувале клади, на кои живи гореле стотици вештерки, нашите пастири своите грешници ги терале да прават само покајни поклони… За нашите патријарси, митрополити и другите претставници на високото духовенство, вештерот и вештерките биле заблудени луѓе, суеверци, кои требало да бидат вразумени и наклонети кон покајание, а за западноевропскиот папа, прелат, епископ, тие биле директни адски изроди, кои требало да бидат истребени“[1]. Се забележува мекоста на епитимиите. Во патријаршиската грамота од 1586 година, на основа на лвовското братство, за магии се пропишува „епитимија: 40 дена поклони, по 100 на ден“[2]. Ако издавачот на таа грамота сметал дека маѓепсништвото е дејствено и може навистина да му наштети на човек, и дури да го погуби неговиот живот и здравје, или, уште полошо, да доведе до вселување на бес во човек, кој за ништо не виновен, тогаш епитимијата би требало да е значајно построга и, како минимум, да се израмнува со епитимијата за убиство. Овде, без сомнеж, казната се наложува за реална штета, пред сè, која маѓепсникот си ја нанесува себеси: зашто кај него имало намера да причини зло на друг човек. Токму таа намера се казнувала со законот – како обид за убиство (па, макар тоа било и со нож од хартија).
Кој го разгорувал ловот на вештерки, а кој го спречувал, се гледа од околностите што го прателе укинувањето на инквизицијата. Во Русија „за крајот на 19 век на располагање имаме цела статистика за самоволни судења над маѓепсници. Проучувајќи 75 споменувања за волшебништва за периодот од 1861 до 1917 година, кои се однесуваат на великоруските и украински губернии, К. Воробец дошла до заклучок дека во 48% од случаите, светот реагирал со ’гнев и жестокост‘. Кон бројот на најзнаменити случаи припаѓа и расправата над вдовицата на воено лице Аграфена Игнатјева во селото Врачевка од Тихвинскиот реон (1879 год.). Ја затекнале Игнатјева во куќата, ги затвориле прозорците и го потпалиле огнот, пришто присуствувале повеќе од 300 луѓе. Како што тврди Семјон Франк, тешко било таквите лица да се обвинат по судски пат, зашто маѓепсништвото повеќе не се сметало, од правничко гледиште, за престапно дело, а често се случувало да се казнат самите тужители, ако маѓепсникот останувал на слобода. Како во случај на кражба на коњи, селаните, наидувајќи на штетни магии и чувствувајќи дека не се заштитени од државата, го земале случајот во свои раце. Следејќи ја таа логика, треба да се признае дека своеволните судења растеле по мерата на прекинување на гонењата врз маѓепсништвото од врвот… Важно е тоа, дека напоредно со своеволното судење, постоеле и традиции на организирано гонење оддолу, кога селаните го предавале виновниот на светските власти“[3]. Последниот маѓепсник во Русија по судски пат бил запален век и пол претходно – во 1736 година (тоа бил симбирскиот жител Јаков Јаров, изгорен по осуда на Казањската губерниска канцеларија. Синодот, кој своевремено не бил запознат со случајот, дури четири години по казната предлагал Јаров да не биде казнет, за да не биде лишен од можноста да се покае[4]).
Еве само три од големиот број на публикации на таа тема во современиот печат: „Во Можајск престапник застрелал веднаш две жени – 64-годишната Лариса Старченкова и нејзината 39-годишна ќерка Надежда Самохина. Зошто? Кога го фатиле убиецот, тој спокојно рекол: ’Тие мене ме маѓепсаа‘. Еве што раскажал сопругот на Надежда Самохина, Евгениј, на коресподентот на ’Труд‘. ’Утрото, околу девет часот, Лариса Тихоновна почнала да подготвува појадок. А јас и Надја сè уште спиевме. И се слушна ѕвонење. Се разбудив и го слушнав вресокот на соседот зад прозорецот:
– Престани да се занимаваш со тоа!
– Што е работата? – прашала Лариса Тихоновна.
– Ти го маѓепса до смрт соседот, а сега и нас сакаш!..
Потоа се слушнаа неколку плескања, слични на истрели‘.
Подоцна ќе се разјасни дека нивниот сосед, 51-годишниот професионален фотограф Александар Родионов, четири пати пукал во главата на жената. Подоцна, Родионов признал дека откако ’маѓепсничките‘ дошле овде во овој предел, почнале да умираат луѓе. А дека неговите соседи сите се разболеле од непозната болест. И тогаш тој се обратил кај гатачка, која му кажала дека сосетката им фрлила магија. Најчудно е тоа, што истата работа ја повторила наизглед здравата сопруга на престапникот. А Александар цело време повторувал: ’Ако не ги убиев тие маѓепснички, тие ќе ме убиеја мене‘.
Слични вакви трагедии на лов на вештерки се случуваат и во други региони на Русија. До денес, никој од жителите на селото Знаменки од нижегородските области не може да рабере, со што 87-годишната старица им згрешила на чуварите на селскиот живинарник. Две момчиња се обиделе жива да ја запалат, откако решиле дека таа е маѓпсничка. Жената по чудо ја избегнала смртта, а нејзината куќа до темел изгорела. Ѕверски престап бил извршен во селото Драбовка од Корсун-шевченковскиот реон (Черкаска област). Во куќата на 37-годишниот месен жител Михаил В. се случил пожар. Пожарникарите, кои пристигнале на местото, на верандата пронашле изгорен труп на жена. Подоцна нејзиниот сожител признал дека ја запалил жената, затоа што таа била ’вештерка‘. Пришто, тој ја запалил уште и црната мачка на жената, која, исто така, ја сомничел дека има врски со нечистата сила“[5].
„Во Конго, во јуни 2002 година, се одржа ’месец, посветен на избавувањето од маѓепсници‘. Уф и леле, тоа не е шега, тоа се зборови на племенскиот водач Ову Судар. Овој длабокопочитуван маж со нескриена гордост изјави, дека тој лично дал заповед на поданиците да започнат колежи на соплемениците. Според месните претстави, маѓепсници и вештери се старци, кои живеат на краевите од населбите, и по правило се жени со црвени насолзени очи. Ги извлекувале на улица, до смрт ги претепувале со стапови, ги расекувале, ги каменувале. Барале да им ги кажат имињата на ’замениците‘ и ’членовите‘. Според приближните оценки, на тој начин погинале неколку илјади луѓе, стотици бегале, спасувајќи се од насилството. Центар на ловот на вештерки станал градот Ару, 30 километри од Судан, на границата со Уганда, по што бранот на агресија го притиснал целиот североисточен дел на земјата. ’Селаните велат дека некои луѓе фрлаат магии на други, од што тие и заболуваат‘ – изјави главниот командант на армијата на Конго, Хенри Тумукунде. Тој кон тоа додаде, дека жителите на земјата, во принцип, ги обвинуваат ’маѓепсниците‘ и ’вештерите‘ за пораѓањето на заболувања, карактерни за тој регион. Во индиската држава Андра-Прадеш, 200 жители живи запалиле за сомневање за маѓепсништво, од кое биле погубени двајца луѓе, пет свои соселани – четири жени и еден маж. Нив едноставно ги зеле, ги довлечкале до централниот плоштад на селото, без да им дадат да ги отворат устите, ги врзале за дрво, ги полеале со керозин и ги запалиле. Во државата Бихар (исто Индија) месните жители казниле две жени на возраст од 90 и 60 години, осомничувајќи ги за маѓепсништво“[6].
„03.07.2003. Во Индија две жени, обвинети за маѓепсништво, биле живи запалени. Две жени, обвинети за маѓепсништво, биле запалени живи од соселаните во државата Џаркханд, на исток на Индија, изјавува АФП повикувајќи се на полицијата на државата. Претставникот на полицијата изјавил за агенцијата, дека престапот се случил во едно од селата, расположено 300 км северно од градот Ранчи (главниот град на државата). Во тоа село, забележал тој, најголемо влијание има групата – племето Года. Толпата на селските жители ги фатила 35-годишната Бахамаи Киску и 50-годишната Нанку Хембром. Потоа двете жени биле одведени во најблиското поле, кадешто ги полиле со бензин и живи ги запалиле. Месните жители нив ги обвинувале за маѓепсништво, од коешто еден од нив се разболел. Асоцијациите за заштита на правата протестирале по повод жестоките напади, на кои се подложуваат жените во далечните села на Индија, каде маѓепсничката пракса е широко распространета во племенските општини. Суеверијата, црната магија и верата во зли духови претставуваат дел од традиции на племињата, коишто живеат во некои реони на исток и југоисток на Индија. Во повеќето случаи, семејствата на жртвите и селските жители не ја известуваат полицијата за тие напади и племенските лидери кон нив рамнодушно се однесуваат. NEWSru.com (http://www.religare.ru/article5678.htm.)“.
Христијанска инквизиција немало во тие земји и села. А вера во маѓепсници, страв пред нив и лов на вештерки – има. Според законите на логиката, од тоа излегува дека инквизицијата не може да се смета за причина за ловот на вештерки.
[1] Орлов М.Н., История сношений человека с диаволом, 656-657. Примери на слични епитимии види: Афанасьев А.Н., Поэтические воззрения славян на природу. Опыт сравнительного изучения славянских преданий и верований в связи с мифическими сказаниями других родственных народов: В 3 т. Т. 3., М. 1995, 295-296.
[2] Афанасьев А.Н., Поэтические воззрения славян на природу, Т. 3, 296.
[3] Лавров А.С., Колдовство и религия в России 1700-1740 гг., М. 2000, 368-369.
[4] Лавров А.С., Колдовство и религия в России …, 365.
[5] Золотов О., Инквизитор из Можайска // Труд, 2003, 27 марта.
[6] Николаева И., Как распознать ведьму? // Аргументы и факты, 2000, 23 марта.
ѓакон Андреј Кураев
Прв дел Втор дел Трет дел Четврти дел
Г.Г.