Под самарот на злопамтењето

Човечкиот ум е украсен со многу способности и сили. Една од најважните меѓу нив е заборавањето. И кога велам заборавање, не мислам само на бледнеењето или губитокот на релативно трајните промени во структурата на мисловните искуства – на позитивистичката верзија со која се објаснува овој процес, сведен само на неговата психофизиолошка конотација, туку првенствено на природната селективност во односот кон знаењето, која заборавањето ни го открива како моќно оружје со онтолошка, односно есхатолошка функција. Што тоа всушност значи?

slugaСите елементи и процеси во човечката природа се совршено хармонични и во нив се исчитува присуството и дејствувањето на божествениот Логос. Тоа ја раскрива нивната богоизворност и богологичност, но и упатува на промислата и сведоштвото Божјо дека сето создание и човекот како негово нон-плус-ултра е навистина мошне добро. Човекот е обдарен со разум кој може да ги созерцува и божествените нешта. Нештата кои ги надминуваат границите на неговата создадена природа. Со тоа тој, во гносеолошки контекст, исчекорува од светот на сетилното (телесното) познание кон височините и длабочините на духовното знаење. Предмет на неговото внимание, на неговата љубопитност, на неговатa „theoria“ станува безмерниот „простор“ на мудроста Божја. Во книгата на Мудроста на Исус синот Сирахов среќаваме вакво размислување: Кој законот го држи – мудрост ќе придобие. Ќе го пречека како мајка, ќе го прими како мудра невеста. Со лебот на разумот ќе го нахрани; ќе го напои со водата на мудроста. На неа ќе се потпре и нема да се поколеба; на неа ќе се надева и нема да се посрами. Таа ќе го издигне над неговите ближни; сред собир народен ќе му ја отвори устата. Тој ќе наследи веселба, и венец на радост и име вечно (15,1-6). Држењето на законот за кое зборува Сираховиот син, како услов за стекнување на премудрост, е всушност живеењето и расудувањето според природниот морален закон. Според дарот на образот Божји – дарот на слободата на волјата, човекот има власт да ја воскресне во благодатна бесмртност својата смртна природа, или истата да ја погуби осудувајќи ја на вечни маки преку горделивото одбивање или негирање на премудроста Божја. Прифаќајќи го совршениот образец на морално живеење човекот станува не само послушно битие, изразувајќи ја довербата кон Логосот Божји, туку, низ светотаинскиот принос на слободата која му дарувана, тој станува исто така и мудро битие.

Parable of Two DebtorsЧовекот е создаден (и обдарен) да биде слободен. Гревот како негација на неговата слобода се остварува и во првородниот Адамов грев, како и во секој личен човечки грев потоа, имено како злоупотреба и делумно (или потполно) отфрлање на слободниот призив: да Му се содејствува на Бога во Неговиот Домострој. Оној кој живее во грев, роб му е на гревот. Оној, пак, кој е роб на човечките слабости тој ја ислуклучил слободата од својот живот. Зашто, Адамовиот грев не се состоеше во непослушноста кон едно правило, кон една заповед. Адам не згреши со тоа што ја пречекори слободата која, божествена по својот происход, всушност беше безгранична, а со тоа и непречекорлива, – туку во ограничувањето, злоупотребата на таа слобода и нејзино сведување до рамките на создадената и оттаму смртна човечка природа. Во рамките на анималниот аспект на битието. Адамовиот грев и секој грев потоа е доброволно ропство. Наместо да биде добар домостроител и господар на Божјото создание и литургиски, себеси и светот, на Бога да Му ги принесува, човекот, ова наследство, со секој свој грев, го жртвува на олтарот на себеобожувањето, станувајќи грабливец, а оттаму и непријател, подеднакво и на светот кој го опкружува и на самиот себеси. Светот стана место на прогонство и проклетство, сеисториско прогонство за човекот. И умот човечки стана место на прогонство и проклетство. Губејќи го здравиот критериум за заедничарење со Бога, со Неговите созданија и со самиот себе, огревовениот човек низ невоздржание и секоја неодмереност се опогани со злострастие, зловерие, злоумие, зломислие и со секое зло кое може да се докосне до неговото битие, станувајќи на тој начин туѓ и несличен на својот Создател. Оттуѓен од мудроста, оттуѓен од животот, оттуѓен од благодатната бесмртност.

two-debtorsЦелата историја на човечките науки заради тоа се претвори во нескротлива агонија од надежи, наѕирања, пусти желби, сомнежи и спекулации. Неумесно и неумерено оптеретувајќи се со знаењето својствено на неговата богоотуѓеност, како компензација за жедта по божествената мудрост, човекот се извешти во создавањето методи и средства да сочувување и систематизирање на знаењето. Библиотеките, енциклопедиите, семејните албуми со фотографии, визуелните и вербалните записи од секаков вид, спомениците и надгробните записи, хрестоматиските зборници и историските учебници, архивите и складиштата, вистински силоси на целулоза и пластика, сето тоа треба да му помогне на човекот да ја додржи тежината на човечкото знаење или поточно само-човечкото, т.е. премногу-човечко „знаење“. Но човечкиот ум и понатаму останува заробен од злото. Зашто мудроста значи чување и исполнување на законот Божји. Закон без кој нема слобода, ни венец на радоста на умот, ни вечно име. Тоа ни го открива и Сократовата теза дека злото е незнаење, злото е негација на знаењето. Затоа човек треба да биде храбар и да проштева, зашто љубовта, во која е восредоточен севкупниот добродетелен живот на човекот, сè проштева, со сè пребива во мир. Да се измолкне од под самарот на злопамтењето и како заблудениот син од евангелската парабола, кој си дојде на себеси, да го прими прстенот на мудроста од својот небесен Родител. Човекот треба да биде храбар и да заборава.

митрополит Методиј Златанов

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *