Религија и наука (5): За инквизицијата (2)

Во Египет, во случај на помор „во градот Илитија – пишува Манетон – палеле живи луѓе, кои ги нарекувале Титонови и, провејувајќи ја нивната пепел, го расејувале и уништувале (поморот)“ (Плутарх, За Изида и Озирис, 73).

Индиските закони на Ману (2 век пред Христа) пропишувале: „За секое заколнување, за давање клетва врз корени, за маѓепсништво од секаков вид – во случај на неуспех – казна од двеста (пани)“ (Закони на Ману, 9,290). Казната била иста со глобата за грабеж – околу 2 килограми злато (види: Артхашастра, 3, 17). Сепак, ако резултат на маѓепсништвото била смртта, тогаш на маѓепсникот – смртна казна[1]. Освен државната казна, брамините наложуваат религиозни „епитимии“ за гревови, рамни еден на друг, како што се „вражањето и маѓепсништвото со помош на корени… непалење на свештени огнови, кражба, ненаплатување на долгови, изучување на грешни книги и занимавањето танцувач и пеач“ (Закони на Ману, 11, 64 и 66).

rsz_1pompeii_-_villa_del_cicerone_-_mosaic_-_man

Јапонските закони гласеле: „Ако некој поради омраза направи маѓепсничко изображение или писмена клетва или, пак, усно некого проколни и на тој начин има намера да ја погуби душата на другиот човек, тогаш виновниот да се суди како за заговор со цел да убие, со намалување на казната за два степени (во делата, кои се однесуваат на сродниците, казната да не се намалува). Ако како резултат на маѓепсништво умре човек, тогаш во секој случај да се суди како за вистинско убиство… Ако за маѓепсништво се употребени лични предмети на господарот, тогаш виновниот задолжително да биде обесен“[2]. Друг јапонски закон содржел „индекс на забранети книги“: „Не смее во приватни домови да се чуваат: астрономски прибори, дела за астрономијата, кинески карти; карти за гатање; кинески воени дела; книга на претскажување; за нарушување на таа забрана – 1 година робија“[3].

Законите од Дванаесетте таблици на Стариот Рим, составени во 5 век пред Христа, претположувале дека виновниот за урок можел да биде осуден на смртна казна[4]. Текстовите од тие закони до нас дошле во нецелосна форма. На осмата таблица има член (8, 8а) кој започнува со формулирање на престапот: „Оној кој ќе ги маѓепса посевите…“[5], но, понатаму, текстот е изронет и формулирањето на казнувањето недостасува. Впрочем, тој дел се надополнува според цитирањето на истиот закон од страна на Плиниј: „Според Дванаесетте таблици, за таинствено уништување на посевот се назначувала смртна казна… потешка, отколку за убиство на човек“ (Природна историја, 18, 3. 12. 8-9).

Платон мечтаел за општество, во кое законот за труење и маѓепсништво ќе биде изразен вака: „Ако се покаже дека човек заради магиски јазли, заговори и заколнувања се изедначи со оној, кој нанесува повреда на другиот, нека умре, ако е пророкувач или гаталец. Ако е туѓ на пророкувачкиот занает и биде фатен како прави магии, нека го снајде истото што и трујачот од бројот на обичните луѓе; нека реши судот на каква казна да биде подложен“ (Закон, 933д). Демостен „ја довлечкал до суд свештеничката Теорида и ја добил таа казна“ (Плутарх, Демостен, 14). Теорида ја обвинувале за волшебништво, пришто таа била казнета со целото свое семејство[6].

Така што, во потполност е умесно прашањето на Августин: „Можеби христијаните ги востановиле тие закони, кои ги казнуваат магиските вештини? Зар пред христијански судии бил обвинет за магија Апулеј?“[7] (За Градот Божји, 8, 19).

Руската „Повест за времињата“ од 1071 година раскажува како паганските волшебници во Горната област од поречието на Волга ги убивале жените, обвинувајќи ги за маѓепсништво: „Се јавија двајца волшебници од Јарославл, велејќи ’ние знаеме кој го маѓепсува посевот‘. И отидоа по Волга и, каде и да одеа, таму ги обвинуваа благородните жени, дека некоја (од нив) житото го маѓепсала, друга – медот, а трета – рибата, четврта, пак, крзното. И ги доведувале при нив своите сестри, мајки и жени. Волшебниците ги расекувале на грбот и оттаму ваделе или жито, или риба, или верверица, и убивале многу жени…“. На испрашувањата тие појаснувале, дека жените што ги убивале „ги маѓепсувале посевите, и, ако ги истребиме и испоубиеме, ќе има изобилие“. Бидејќи станувало збор за регион со финско-угорски традиции, се претпоставува дека е можно да се идентификува тој расказ со ритуалите на Мордвите, кои битствувале дури до 19 век. „Кога настапувало времето за општествени жртвопринесувања на паганските мордвински богови, специјални собирачи оделе по куќите и собирале секаква храна, но задолжително од жени. Жените, разголени до појас, откако ќе ги префрлеле торбите со намирници преку рамењата, стоеле при вратата завртени со грб и ги очекувале собирачите. Последните ги пресекувале торбите, притоа, бодејќи ги жените петкратно во грбот“[8].

pagans

Арапскиот патешественик Абу Хамид ал-Гарнати, кој ја посетил Источна Европа во средината на 12 век, го посетил и Горното поречие на Волга. За едно од племињата кои живееле таму, тој го кажува следново: „Кај нив на секои 10 години се случуваат многу магии, а нив ги правеле стариците-маѓепснички. Тогаш тие ги фаќаат стариците, им ги врзуваат рацете и нозете и ги фрлаат в река: онаа старица, која тони, ја оставаат и знаат дека е маѓепсничка, а онаа која останува на површината од водата – ја горат на оган“[9].

Така што, ненаклонетоста на луѓето кон маѓепсниците, воопшто не зависи од Христијанството…

Еве ја „Салиската правда“ на Франките од 6 век. Тешко таа да се нарече споменик на христијанското право и на христијанската култура. Тоа е чисто „традиционално право“ (иако веќе е омекнато со влијанието на римската правничка култура и на црковното право). И потполно традиционален, „општочовечки“ однос кон маѓепсништвото стои на неговите параграфи: „Ако некој фрли магија на друг и оној, кому е направена, ја избегне опасноста, виновникот на престапот, за кого ќе биде докажано дека си го дозволил тоа, се осудува на исплата од 63 солиди. Ако некој фрли на некого магија или на некое место од телото постави врвка, се осудува на исплата од 62,5 солиди. Ако некоја жена маѓепса друга (жена), така што таа нема да може да има деца, се осудува на исплата од 62,5 солиди“[10] (Салиска правда, 19). Германското право ја привело во европското судство веќе познатата нам од вавилонските извори пракса на „испитување со вода“ (Leges visitgothorum, 6, 1, 3).

Како што рекол Б. Мелиорански, „паганските сфаќања за односот на религијата кон државата, во многу се покажале поживи од самото паганство“[11].

[1] Види: Эльтанович С.Д., Примечания // Законы Ману. М. 2002, 388.

[2] Уголовный закон о мятеже, разбое и грабеже (Дзокуторицу) (702-718 гг) // Хрестоматия по истории государства и права, 548.

[3] Административно-уголовный закон (Сикисэйрицу) (702-718) // На истото место, 543.

[4] Види: Гольцман Е.Е., Дурной глаз и порча, М. 1996, 3.

[5] Памятники римского права. Законы XII таблиц. Институции Гая. Дигесты Юстиниана, М. 1997, 11.

[6] „Вие на смртна казна ја предадовте маѓепсничката Теорида од Лемнос заедно со нејзините роднини за тоа што тие подготвувале магиски напивски“ (Демостен, Против Аристогитон, 1, 79).

[7] За обвинувањето на философот Апулеј за магија, види ја неговата книга „Апологија или За магијата“.

[8] Фроянов И.Я., Начало христианства на Руси, Ижевск 2003, 172.

[9] Фроянов И.Я., Начало христианства на Руси, Ижевск 2003, 173.

[10] За споредба: за убиство на туѓ роб, казна од 30 солиди; ако Римјанин ограби салиски варварин, тогаш казната е 63 солиди, ако, пак, Франк ограби Римјанин, тогаш 35. За посегнување по животот на слободен човек – 63 солиди.

[11] Мелиоранский Б.М., Из лекции по истории и вероучению древней христианской Церкви (I-VIII vv.): В 2 вып. Вып. 1. СПб. 1910, 87.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел    Трет дел    Четврти дел

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *