Отец Стефан: Misteria tremendum

rsz_tissot-resurrection-nain777x561-e1275418053902

Lex credendi (законот на верата) учи на смирение и послушност. Верата и послушноста учат смерно да се исполнува законот на љубовта со учество на целиот наш живот. Да влеземе во радосниот свет на пасхалниот живот! Да го предвкусиме несмртниот живот, животот што ја победи смртта! Нашиот живот е нашиот Бог. Денешното Евангелие моќно слови за тоа.

На самиот почеток, Писмото нè соочува со една извонредно драматична сцена. Во малечкото палестинско гратче Наин, кај градските порти, Христос се соочил со една мачна и тажна поворка. Погребувале младо момче, син единец на мајка вдовица. Вдовицата ја придружувале мнозина сограѓани, кои излегле и се собрале околу одарот на момчето, искрено оплакувајќи ја неговата прерана смрт. Рането било срцето на мајката. Таа се движела потоната во тага. Колку љубов кон синот имала толку страдала. Единствениот вистински срцевидец, Христос, со Своето богочовечко око ја видел и ја познал трагедијата што се случила во срцето на мајката, па ѝ пристапил и ја замолил да престане да плаче. Потем, се приближил до одарот и му заповедал на момчето: Момче, тебе ти велам, стани! Момчето станало и почнало да зборува. Пред момчето стоел Господарот на животот, Оној што има власт да го даде и да го земе животот. Свет и чудесен е животот сам по себе, браќа мои. Голиот живот од Бога на дар примен е нашето најголемо богатство. Сето друго е плод на тој живот, нешто што може да се има, но не мора, и без што може да се живее. Зашто, сè може да се има, но и сè да се изгуби. Ако го сочуваме животот, сè имаме и сè сме сочувале.

Модерниот човек е заробеник на потрошувачкото општество. Ја изгубил радоста и неконтролирано им се предава на предметите. Престанал да пее. Потонат во грижата за поседување предмети, ја изгубил радоста. Хиперпродукцијата на предмети, наменети да му го олеснат животот, ја претвора планетава во депонија на предмети, во ѓубриште. Човекот е соочен со сериозен еколошки проблем. Јонеско, еден од пророците на нашиот век, светов во кој живееме со право го нарекол голем реквизиториум, а епохата на човечкиот цивилизиран и културен развој – цивилизација на предмети. Безбројните, ситни откритија го оневозможија човекот да изгради скала на вредности и да ја согледа смислата на сè. Браќата Цигани сè почесто му стануваат житејска парадигма на модерниот и пребогат човек за тоа каков однос треба да се гради кон голиот живот. Ќе се научиме ли да му се радуваме на животот од Бога примен и ќе се врати ли песната во нашите домови? Ќе престанеме ли да хулиме на Бога, обвинувајќи Го за сето она што ни недостасува во животот? Чергарите, живеејќи во шатор, под отворено небо, крај река и пат или под дрво, не престанале да пеат и да му се радуваат на животот. Што е тоа што ги спасило од неисцелената тага и од бесмислата поради неумитноста на смртта? Без сомнение, простотата на животот и чистотата на срцето. Не се залагаме за анатема на техничката цивилизација, туку за нејзино ослободување од сите злоупотреби.

По оваа дигресија, да му се вратиме на Евангелието. Мртовецот се вратил во живот. Момчето ја доживеало својата лична Пасха. Икономот на светот и животот, Христос, како вистински домаќин и Господар, источил голема радост во срцето на мајката и граѓаните на малечкото гратче Наин. Но, радоста била проследена со свештен трепет на душата и срцето. Misteria tremendum значи благословена состојба на духот, предизвикана од победата на животот над смртта. Еве што вели за тоа Светото писмо: страв и ужас ги обзеде граѓаните на Наин. Откако се причестиле со силата, светоста и славната радост на воскреснатиот живот, Го славеле Бога. Го молам Бога сите вас, овде собрани, изобилно да ве дарува со таа радост. Кога ќе излезете надвор од светиов храм, ве молам да ја споделите со сите браќа ваши радоста на момчето од смрт во живот преведено. Амин.

отец Стефан Санџакоски

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *