Биоетика (8): За евтаназијата (1)

Што се однесува до молбата на човек да си замине од животот, мислам дека позицијата на Црквата е одречна, но со еден исклучок. Претставете си: човек што знае дека не може да живее без апарат на вештачки бубрег дознал, дека во болницата примиле дете со изгореници и неговиот живот зависи од самиот тој „вештачки бубрег“. А тој е единствен во цел град… И тогаш човекот бара: „Исклучете го апаратот од мене. Дајте го на детето“. Во тој случај, тоа нема да биде самоубиство, туку саможртвување, т.е. подвиг… Работата не е во постапката, туку во мотивацијата.

Belgium-euthanasia-for-children

Во Црквата, кон самоубиството се има посложен однос. Во житијата на светиите не еднаш се опишува како некои девици-христијанки претпочитале да завршат со себе, но да не бидат осквернети од варварите. Сега тие се почитуваат како светии.

Во „Црковната историја“ од почетокот на 4 век читаме: „Во Антиохија имало една жена, света и прекрасна по својата душевна добродетел, позната по својата убавина, богатство, потекло и добрата слава за себе. Двете свои ќерки таа ги воспитала во правилата на вистинската вера; биле тие во цутот на младоста и убавината. Злобните завидливци, со сите сили се обидувале да пронајдат каде се кријат. Откако дознале дека живеат во друга земја, со итрина ги повикале во Антиохија и тие се нашле во стапица, поставена од војници. Мајката, кога ја видела безизлезната ситуација за себе и за децата, им ги опишала сите ужаси што им ги подготвувале луѓето; заканата била најстрашна и најнеподнослива… Таа им рекла дека ниту тие, ниту таа ни со крајот на увото не треба да слушаат за тоа и им кажала дека да се предаде сопствената душа во ропството на демоните е пострашно од секоја смрт и полошо од секоја гибел, и го предложила единствениот излез – бегство кон Господа. Ќерките се утврдиле во таа мисла, пристојно се замотале со своите плаштови, на пола пат побарале дозвола од стражата да се тргнат малку настрана и се фрлиле во реката, којашто течела во близина“ (Евсевиј, Црковна историја, 8).

Станува збор за светите маченички Домнина, Вероника и Просдокија. Нивниот спомен (според мартирологот на блажениот Ероним) се празнувал на 15 март. „Помнам уште една историја, која е полозно да ја раскажам. Велат, дека Магнентин, имајќи престапнички врски со многу паганки, сакал да има исти такви со христијанки. Но, последните сакале попрво да умрат, отколку да го продадат своето целомудрие. Кога Магнентин пристигнал во еден град, нему му се допаднала жената на еден советник при градоначалникот. Нејзиниот исплашен маж му рекол на Магнетон: ’Прати, земи ја‘. По неа биле пратени војници, но таа им рекла: ’Почекајте малку, додека да се дотерам‘. Таа отишла во спалната, зела меч и си ја прободела утробата. Слушнете и засрамете се, девојки, кои се нарекувате себеси невести Христови и го изневерувате Него со своите нечисти желби. Да му дарува Господ секому од нас да го пази целомудрието“ (Лавсаик, 131).

St_Drosis_Saco_-_2009Во житијата на светиите се повествува за маченицата Дросида, која сама влегла во печка (се споменува на 22 март/4 април). Маченицата Пелагија се фрлила од вториот кат, спасувајќи се од војниците, кои дошле да ја уапсат (спомен на 8 / 21 октомври).

Говорејќи за монахињи-самоубијци, блажени Августин воскликнува: „Какво човечко чувство ќе откаже да ги извини оние што се убивале себеси, за да не претрпат нешто такво“ (За Градот Божји, 1,17).

Самоубиство без осуда се опишува во една библиска епизода:

Тогаш на Никанора му го предложија некојси Разис, еден од ерусалимските старешини, човек што ги сакаше своите сограѓани и беше на многу добар глас, па поради неговата добрина го нарекуваа татко на Јудејците. И во претходните немирни времиња тој се беше истакнал во јудејското движење и од сè срце и со сета своја душа постојано се жртвуваше за својот народ. Никанор, сакајќи да покаже колкава е неговата омраза спрема Јудејците, испрати повеќе од петстотини војници да го фатат, зашто си мислеше дека, ако го фати, ќе им зададе тежок удар и ќе им направи непријатности. И кога народот јуреше кон кулата и речиси ја беше освоил, кршејќи ја портата, кога беше заповедано да донесат оган за да ја изгорат, тој, наоѓајќи се во неизбежна опасност, со меч се прободе, сакајќи повеќе храбро да умре, отколку да им падне во рацете на безбожниците, да поднесува навреди недостојни за неговата благородност. Но, бидејќи ударот поради брзината беше неуспешен, а народот навлегуваше низ портата, смело се искачи на ѕидот и храбро се фрли врз народот. А кога сите што стоеја брзо се потргнаа, па остана празен простор, тој падна среде нив на земјата. Уште жив и пламнат од негодување, не гледајќи ја сопствената крв, која течеше од него, ниту тешките рани, тој се исправи, потрча кон народот, па застана на една стрмна карпа. И кога крвта речиси му беше веќе истекла, си ја извлече утробата со обете раце и ја фрли врз народот, молејќи Му се на Господарот на животот и на духот, пак да му даде живот и дишење. Така го заврши тој својот земен живот (2Мак 14,37-46).

kingsaul

Впрочем, блажени Августин сметал дека „делото на Разис може да се нарече големо, но не и добро“. Августин така се изјаснил и за Клеомброте, кој се самоубил, откако го прочитал платоновиот дијалог за бесмртноста на душата: „Неговата постапка попрво е голема, отколку добра“ (За Градот Божји, 1,22).

Кај самиот Августин, при опсудувањето на таа тема, се појавува чисто религиозен, „задетички“ (надетички) мотив.

„Но, велат, дека многу свети жени, бегајќи во време на гонење од гонителите на нивst-augustine-icon1ното целомудрие, се фрлале во река, за таа да ги однесе и да ги потопи; и иако тие умирале на таков начин, сепак, нивното мачеништво многу се почитува од Католичанската црква. – Не се осмелувам да судам за тоа непромислено.  Дали Божествениот авторитет со некакви доверливи сведоштва ѝ заповедал на Црквата на соодветен начин да го почитува нивниот спомен – не знам; можеби и да. Што ако тие жени постапиле така не по својствена за човекот грешка, туку за исполнување на Божествената заповед, не заблудувајќи се, туку покорувајќи се, онака како што треба да мислиме за Сампсон? А кога Бог заповеда и не остава никакви недоразбирања, поврзани со она што Он заповеда – кој ќе го смета послушанието за престап? Кој ќе ја обвини благочестивата покорност? Но, од ова не треба да излезе дека секој, кој решил да го принесе својот син во жртва на Бога, со тоа нема да изврши престап, затоа што на таков сличен начин пофално постапил Авраам. Бидејќи и војникот, кога убива човек, покорувајќи се на поставената над него законска власт, според законите на својата држава не е виновен за човекоубиство; напротив, ако не го сторил тоа, ќе биде виновен за непослушност и пренебрегнување на власта. Но, ако тоа би го направил своеволно, тогаш би извршил престап. Значи, кој слуша дека не е дозволиво да се убива сам, нека се убие, ако му заповедал Оној, чии заповеди не бива, а да не се исполнат; само нека пази, дали навистина има за тоа несомнителна Божествена заповед“ (За Градот Божји, 1,26).

Така што, Христијанството не може да се стави во прецизни компјутерски инструкции. Да, ние ја знаеме заповедта, знаеме дека треба да се живее според неа, но го знаеме и тоа, дека понекогаш принципите на љубовта и духовната потреба се над заповедта.

И по описот на најживите исклучоци од правилото, да го споменеме и самото правило: „Не треба да се твори принос и Литургија за самоубијците, но нека има милостина, зашто таа донесува полза и на неверниот, како што зборува Златоуст; притоа, и по бесењето на Јуда, сребрениците биле дадени за погребение на туѓинците. Нека го постават живототворниот Крст на местото, каде се обесил“.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел    Трети дел    Четврти дел

Петти дел    Шести дел    Седми дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *