За духовното преуспевање (2)
Ава Исаија презвитер кажуваше како некој од отците рекол: секој човек е должен, пред сè, да придобие вера во Бога и непрестан стремеж кон Него, потоа незлобливост и невозвраќање на зло со зло, добродушно сносување на злото, смирение, чистота, човекољубие и љубов кон сите, покорност, кроткост и долготрпение, постојаност и љубов кон Бога; треба непрестајно да Го повикува Бога со скрушеност на срцето и со вистинска љубов; не треба да гледа на минатото, туку да обраќа внимание на иднината, не треба да се надева на сопствените добри дела или на служењето, туку непрестајно да бара помош Божја против искушенијата што секојдневно наидуваат.
Еден брат го молеше ава Исаија да каже слово. Старецот му рече: ако сакаш да Го последуваш нашиот Господ Исус Христос, тогаш пази ги Неговите зборови и (умртвувај го) стариот човек; ако сакаш да се прилепиш до Него, тогаш треба до самата смрт да ги отсекуваш (сите) оние што те оддалечуваат од крстот и да се подготвиш себеси за поднесување на понижувања, како и на спокој по однос на оние што ти нанесуваат зло, треба да се смириш пред оние што сакаат да господарат над тебе, да го запазуваш молчењето и никого да не осудуваш во своето срце.
Еден брат го праша ава Исаија за зборовите од евангелската молитва: што значи тоа, да се свети Името Твое (Мт 6,9)? Авата му одговори: тоа се однесува на совршените, бидејќи Името Божјо не може да свети во нас, кои сме исполнети со страсти.