Сестра Васа: Живото предание и спасението во градот

Прв дел од излагањето во два дела

Би сакала да поговорам за ова, бидејќи под „град“ јас го подразбирам светот, т.е. местото каде што во денешно време живеат мирјаните и каде што многумина живееле во древниот свет.

Би сакала да се ослободиме од премногу распространетата идеја дека живата црковна традиција во градот е нешто многу комплицирано или не „традиционално“, бидејќи, ако си спомнеме за основните факти од историјата на Црквата, Христијанството се распространило и процветало, пред сè, во градовите.

Во древната Црква, Христијанството не се распространувало во селските населби. Освен тоа, токму селските жители најдолго останале пагани. Етимологијата на зборот „pagan“ – незнабожец – е погрешна, тука е важно самото восприемање на зборот, зборот „paganus“ означува „жител на селско место“. Т.е. во историјата на Црквата, незнабошците се поистоветуваат со жителите на селско место. Тоа е првиот факт што сакав да го споделам и да ви напоменам, дека во оние ретки моменти кога Христос говори за Црквата, Он Самиот ја употребува метафората што нè потсеќа на древен град. Во 16 глава од Евангелието според Матеј, Он ја произнесува фразата што многумина од нас ги збунува: „Ќе ја изградам Црквата Своја и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“.

Не знам дали сте се замислувале над ова, но знаете дека луѓето во војна не користат врата како оружје. Што има Он предвид? Христос овде зборува за високиот орган на политичка власт во Стариот завет. Градските врати биле местото каде што се собирале старешините и ги решавале сложените прашања. Ова подолго време било орган на висока власт за избраниот народ и во посебни денови, наречени моед, тие при вратите ги разрешувале важните прашања. Ова го има во книгата Рут и во Изреките Соломонови.

Односно, Христос ги спротивставува политичкиот орган – ад – и политичкиот орган, така да се изразиме – Божјиот град, којшто е Црквата. За него тоа било толку вообичаено, едноставно градски поим, што Он говори за изградување на Својата Црква во контекст вообичаен за Древната Црква, имено во контекстот на древниот град.

Би требало да напоменам дека во литургиската наука, кога ја изучуваме Литургијата, ние обично систематизираме некакви нешта, и макар што тоа е некакво упростување, сепак ги делиме традициите на христијанската Литургија на катедрален чин и манастирски чин. Денес понекогаш се зборува и за трет: за чин на градско монаштво. Но, она што е важно е дека најстар меѓу овие чинови несомнено е катедралниот чин. Со други зборови, чинот во градовите, чинот на на градските катедрални цркви. Така што службата во градски цркви, всушност е и најтрадиционалната варијанта на христијанско богослужение, затоа што монаштвото, организираното монаштво, се појавува единствено во 4 век.

Што сакам да кажам со сево ова? Сакам да кажам дека мирјаните, луѓето што не живеат во манастири, не треба да поаѓаат од претпоставката дека вистинскиот духовен или христијански живот е достижен само во манастир или некаде во пустина. И не треба да живеете во некое тивко очајание (оние што се мирјани меѓу вас), сметајќи дека ако сопругот или сопругата не починат во блиска иднина, вие никогаш нема да можете да доживеете вистински духовен живот.

Во современото Православие денес, понекогаш може да се сретне сокриена мисла дека на мирјаните не им е достапен вистински духовен живот. И тие, или се стремат да наликуваат на монаси во саботите и неделите, или се надеваат во некаков момент да примат постриг. Но, во суштина, градскиот соборен живот е совршено автентичен и традиционален христијански живот. Всушност, тој и претставува првична оригинална форма на христијански живот.

Сега би сакала да го обратам вашето внимание на тоа, дека зборот „традиција“ потекнува од латинскиот „tradere“ – предава, доставува. Традицијата е социјална: за да може таа да постои, за да може таа да се предава, потребни се луѓе. Традицијата најефективно се предава онаму каде што има многу луѓе. Традицијата најефективно се предавала и се предава во големите и мали градови, какви што сега има и какви што имало во древниот свет. Затоа ние што живееме во градови не треба да очајуваме.

Најдревните форми на светост исто така се социјални. Самото наше постоење во Црквата претпоставува постоење на други луѓе. Спомнете си за таква древна форма на светост, каква што е мачеништвото: μάρτυς значи „сведок“. За ништо не можеш да сведочиш, ако ги нема оние пред коишто сведочиш. Или исповедник – Ὁμολογητής коешто значи кога ние говориме Ὁμο и λεγειν, т.е. го говориме истото, но постои и друг човек со којшто заеднички го говориме истото. Така што сите овие појави се социјални и сите ние во тој организам, кој го нарекуваме Црква, заеднички се спасуваме.

(продолжува)

сестра Васа Ларин

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *