Отец Ричард Рене: Ное (2)
2.Тензијата и рамнотежата меѓу правдата и милоста. Како што погоре споменав, ликот на Ное се грижи за правдата; всушност, како што се развива приказната, правдата станува опасна опсесија за него. Тој почнува да верува дека мора да ги спаси невините од уништување, но кога оди во логорот на Тубал-Каин и станува сведок на тамошните зла, неговото чувство за целта се менува. Тој сега не е само заштитник и чувар на невините, тој е и носител на казна за виновните – вклучувајќи го и сопственото семејство, коешто е извалкано преку асоцијација со Тубал-Каин. Овде филмот прави еден темен и тежок пресврт: опсесијата на Ное го води да стане закана за оние што ги љуби. Во кулминацијата тој треба да одбере меѓу следењето на логиката на правдата до нејзиниот ужасен заклучок или да дозволи љубовта и милоста да победат…
Како некој што се интересира за јудаизмот, Аронофски несомнено е запознат со теолошката мистерија, положена во приказната за Авраам и Исак: справедливоста и правдата на Бога ја бараат жртвата на Исак; милоста на Бога го запира Авраама да го стори делото. Во етичките дилеми на „Ное“, Аронофски како да прашува, како можеме да Го спознаеме Бога без да ја загрозиме или Неговата правда или Неговата љубов?
И тука православното Христијанство може да придонесе во дискусијата. Наместо Бог Кој ги суди Своите созданија, според апстрактни правила на правдата (а потоа некако да ги промени тие правила и да биде милостив), ние можеме да предложиме дека спасението на Ное и неговото семејство било праобраз на Исуса Христа, во Кого праведниот Бог се соединува со паднатата човечка раса, за да може повторно да ја обедини со Себе. Наместо одмаздничката претстава за Бога, каде Навредениот го казнува навредувачот, ние можеме да ја предложиме обновувачката претстава за Исус, во Кого Навредувачот и навредениот се среќаваат и помируваат во Крстот.
3.Предизвиците на толкување и покорување на Божествената волја. Пресвртот на Ное кон темнината се врти околу неговото толкување, или подобро речено, погрешно толкување на Божјата волја, изразена во трите визии. Питер Чатавеј, во неговиот втор осврт на филмот, итро го забележува контрастот меѓу првите две визии, кои го приведуваат Ное да го предвиди идниот потоп и да го изгради ковчегот, и третата „визија“, која го усмерува да се сврти против сопственото семејство. Чатавеј исто така забележува дека визиите поставуваат едно имлицитно теолошко прашање: како ја знаеме разликата меѓу Божјата волја и производот на нашиот сопствен ум?
Ова прашање е уште една област, во која православните христијани можат да имаат збор. Тешкотијата при толкувањето на визиите што Ное ја имал произлегува од фактот дека тој е осамен толкувач. Никој друг, ниту неговиот дедо Матусал, не може да ја потврди валидноста на неговите интерпретации. Сепак, од гледна точка на Православието, ние можеме да потврдиме дека определувањето на Божјата волја, нешто што најчесто претставува тешкотија, е возможно доколку нашето толкување е во согласност со опитот на оние што заминале пред нас. Повикувајќи се на ова „предание“ ние можеме да ги испробаме нашите индивидуални разбирања, со надеж дека ќе ги корегираме нашите заклучоци, ако е потребно. Според ова, за нас Матусал е оној што нуди корекција на Ноевите толкувања. Одлуката на Аронофски да го направи него релативно неполезен околу ова можеби било неопходно за драматични цели, но тоа исто така рефлектира една индивидуалистичка визија, којашто Православието би ја предизвикало и во голема мера одбило.
Макар некому и да не му се допаѓа артистичкиот труд на Аронофски, најмалку што можеме да кажеме е дека ова не е само „холивудска забава“, но и еден сериозен филм чија цел е да отвори поголема дискусија за подлабоките прашања на верата. Христијаните не треба едноставно да го напаѓаат филмот заради неговите т.н. пропусти, ниту треба да го прифаќаме филмот некритички, како пасивни конзументи. Напротив, треба да го гледаме „Ное“, со намера да се вклучиме во дискусија на поголемите прашања што ги споменав, не само со христијаните – православни или не – туку и со луѓето на верата, каде и да ги сретнеме. Само тогаш ќе можеме со нив да ги споделиме даровите што сме ги наследиле, збогатувајќи ги животите на нашите ближни со благата вест на Оној, Кого Ное го прасликува и Неговиот Ковчег на спасението, Црквата.
отец Ричард Рене
Г.Г.