Отец Стефан Санџакоски: Возвраќање на љубовта

rsz_1sretenie

Со благослов Божји и по молитвите на Богородица мајка, покровителката на оваа света монашка киновија, се собравме за да го прославиме големиот празник на возвраќање на љубовта. Во што се состои тајната на воздарената љубов? Ако е точно, а точно е, кажувањето на анонимниот православен монах за тоа дека на прашањето зошто Бог нè сака, тој не ќе знае да ни одговори, тогаш е точно и тоа дека Тој од чиста љубов, која не знае за причини и не прифаќа услови, го создаде светов и неговиот жител – човекот. И не само што го создаде, туку како ретка скапоцена билка го чува, го негува, го возрастува до полнотата од неговата мера. А полнотата на неговата мера, според зборовите на великиот апостол, е растот од висината Христова.

Е, па ако тој раст, на тој начин, уште во својот божествен ум го прегрнал овој свет и овој човек, тогаш на денешен ден свети Симеон Богопримец, во името на човекот и човештвото, го прегрнува Бога отрокот, онака како што Бог нè прегрна од пред сите вечности. Затоа овој празник е празник на возвратената љубов. Не затоа што Бог и човекот се присилени на прегратка, туку затоа што прегратката е средба меѓу промислата Божја и слободата на човечката личност. Таму каде што се мора, нема љубов, туку принуда. Љубовта е вистинска во царството на слободата, но и слободата е вистинска во царството на љубовта. Слободата со која Бог нè дарува е својство на божествената природа. Нашата вистинска слобода е Христос и Христос е нашата вистинска љубов. Нашата вистинска вистина е Христос. Господ нека ја приведе кон Себе нашата вистина и нашиот живот онака како што денеска му дозволи на свети Симеон Богопримец да го прими во своите човечки, но обожени од благодатта Божја раце. Амин.

Од зборникот: Беседи од Калишта, Струга: Рубљов 2000.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *