Постот – промена на животната философија

rsz_adam_and_eve

Темата на човечкиот пад е антрополошка тема. Согласно со Божјото откровение, човекот е битие кое е на границата на световите, битие во кое Бог замесил тесто – материјално и духовно; тој е зеница на вселената, создание створено според образот и подобието Божје. Тој е создадено битие, но незавршено битие. Човечкото битие не е само пресликано, не е просто само отсјај на Божественото, туку истовремено има и динамичен дар да, врз основа на она што е, постане нешто многу повозвишено и многу посовршено. Тоа всушност и значи праобраз. Значи, создаден е од образот, според образот – иконата, но и според обликот – подобието. Подобието е нешто кое се движи кон образот. Со образ кон образот – во тоа е распонот и динамизмот на човечката личност кој е основно својство на човечката природа и нема ниту една земна философија која би го довела тоа под знак прашање. Секоја философија и наука опитно знаат дека човекот е динамично битие, исполнето со исклучителни можности. Битие, кое богословски речено, не е само дадено туку и зададено. Човекот е задача, Божја и на природата во која се раѓа, и своја сопствена задача.

Она, што ни сведочи Библиското Откровение, а истото го посведочува и универзалното човечко искуство е фактот, од една страна, на можностите кои човекот ги поседува како битие, а од друга страна, на постоењето на нешто што го ограничува, што го помрачува. Низ целата историја човекот се открива како битие, добро по природа, но и битие кое е загрозено од она што го нарекуваме зло, битие кое со нешто е обременето. Во сите религии и во оние природните, дохристијанските, присутно е не само чувството дека човекот е несовршен, туку и дека човечката природа онаква каква што е сега не е првобитната човечка природа, дека со неа нешто се случило. И дека е неопходно нејзино очистување, нејзино враќање во првобитната состојба која е изгубена.

Се разбира, се зависи од дострелот на религиозната свест, или научна и философска, за да се даде некое објаснување за тоа што се случува со човекот. Модерната психоанализа, и не само таа, тврди и пронаоѓа, како една од егзистенцијалите, нешто што е најдлабоко во свеста на човекот, нешто што човекот го носи со себе – чувството на вина. Некаде во длабочините на човечката колективна свест постои чувството на вина. Како и чувство на страв. Многумина сметаат дека овие две стварности, стравот и вината, се нешто што е најдлабоко во човечката природа. Постојано се трага по нивните причини: дали се тие во воспитанието, религиозно или некое друго, или се тие во нешто кое е подлабоко од социо-психолошката состојба во која се наоѓа човекот? Дали е тоа нешто што е условено од општеството, или е нешто кое човекот го носи во себе, кое го наследува од своите предци и кое се пренесува од поколение на поколение и го оптеретува?

Човекот е она што тој јаде

Библиското Откровение има свој одговор на своето прашање кое не е од вчера. Уште од времето на Стариот Завет е зборувано за човековиот пад, прародителскиот грев. На човекот создаден од Бога, кому му е дадено да биде господар од птиците небесни до морските риби и на секое создание, да господари со небото и земјата, кому му е даден од Бога дарот да господари, дадена му е и една, единствена заповед: да не јаде од дрвото на познанието на доброто и злото, зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш (1Мојс 2,17). И како што понатаму зборува Мојсеј: Но змијата беше полукава од сите ѕверови полски, што ги создаде Господ Бог; па и рече на жената: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?“ А жената и рече на змијата: „Ние јадеме род од секое дрво во рајот; само од родот на она дрво среде рајот, – рече Бог, – не јадете и не се допирајте до него, за да не умрете!“ Тогаш змијата и рече на жената: „Не, вие нема да умрете! Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло.“ И потоа следи еден генијален опис за тоа како созрева гревот во душата на човекот, во неговиот ум, во срцето, и како се претвора во дело; како созреал во умот, во срцето и душата на Ева и се претворил во дело, потоа во Адама, и како непрекинато, низ целата историја секој човечки грев го содржи истиот процес на созревање. Кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде, па му даде и на мажот свој, та и тој јадеше. Свети Јован Богослов, во своето послание, анализирајќи ги на еден поинаков начин овие три основни моменти во процесот на созревање на гревот во душата на човекот, зборува за похота на телото, похотливост на очите и горделивост на животот (1Јн 2,16). Значи на прво место е похотата на телото: дрвото кое е добро за јадење. Прва и најдлабока потреба на човекот е потребата за храна. Човечкото битие без храна не може да постои. Во тој поглед Фоербах бил во право кога рекол дека човекот е она што тој јаде. Само што тој како материјалист сметал дека човекот е тело и дека само телесно се храни. Меѓутоа, човекот не е само тело и не се храни само телесно, туку е и душа и се храни духовно. Ако се храни само со телесна храна, тогаш е природно да биде само телесно битие. Ако се храни и со нешто друго, тогаш ќе биде и нешто друго, поголемо од тоа.

Првото искушение на човечката душа, прв нејзин поттик е прашањето за храната. Тоа е похот на телото. Човечкото битие по својата природа е гладно. А гладно е затоа што не е совршено. Она што не е совршено сака да го надокнади своето несовршенство, да го надополни. И телото и душата и умот имаат потреба од своја храна.

Второто искушение е похотливоста на очитеубаво за гледање. Длабоко во природата на човекот е всадена жедта за убавина. Тоа се гледа уште кај детето. Човекот ранет од убавина, бара да ја задобие убавината за себеси. И трето – дека дрвото е  пожелно поради тоа што дава знаење?! Храна, убавина, знаење – трите најдлабоки човечки потреби: похот на телото, похотливоста на очите и гордост на животот според св. Јован Богослов. Преку нив на човекот му доаѓаат искушенијата, т.е. на Ева. А Ева ја носиме во своите коски: од една крв е крвта на сите луѓе. Демонската сила која во Рајот се појавува во вид на змија, иако лаже од самиот почеток и затоа се нарекува „лажливец и татко на лагата“, не нуди нешто што е потполно лажно, бидејќи така човекот веднаш би го препознал. Тоа што го говори, таа најпрво го облекува во чудесно руво за да може да измами. На првото место и подметнува на Ева и и вели: Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот, лажејќи, бидејќи Бог им рекол да не јадат само од едно дрво. Откако не успеала, потоа им вели дека Бог тоа им го кажал за да ги лиши од најдлабокото знаење.

(продолжува)

митрополит Амфилохиј (Радовиќ)

Подготвила: Мирјана Златанова

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *