Подготовка за Постот – Неделата на Закхеј: Желба

rsz_zacchaeus-1

Црквата го возвестува приближувањето на Великиот пост и нè повикува да се подготвиме за него, многу пред неговиот вистински почеток. Карактеристичната црта на православната литургиска традиција е, за секое од поважните собитија од црковниот годишен круг, за главните празници, за Великиот пост, да нè подготви со претпразнувања или со подготвителни недели пред постот. Зошто? Затоа што Црквата има длабок психолошки увид во човековата природа. Познавајќи го нашиот недостаток на внимание и ужаснувачката „световност“ на нашиот живот, Црквата знае дека не сме во состојба брзо да се промениме, да прејдеме од една духовна (или ментална) состојба на друга. Затоа, уште долго пред почетокот на Великиот пост, Црквата го свртува нашето внимание кон неговата важност и нè повикува на размислување за неговата значајност. До почетокот на вистинскиот подвиг на постот, нам ни се објаснува неговото значење. Таа подготовка продолжува во текот на петте недели коишто му претходат на постот и секое од неделните евангелски четива им е посветено на основните страни на покајанието. Првата најава на Великиот пост е во неделата во којашто се чита евангелската порака за Закхеј (Лк 19,1-10). Тоа е приказ за човекот којшто бил со премногу мал раст, за да може да Го види Исуса, но бидејќи многу сакал да Го види, се искачил на едно дрво. Христос ја задоволил неговата желба и отишол во неговиот дом. Така, тема на оваа прва објава е желбата. Човекот ја следи својата желба. Би можело дури и да се рече дека самиот човек е желба, а оваа фундаментална психолошка вистина за човековата природа се признава во Евангелието: Каде што е сокровиштето ваше – вели Христос – таму ќе биде и срцето ваше (Лк 12,34). Силната желба ја победува природната ограниченост на човекот. Кога страсно посакува нешто, тој прави нешта за коишто вообичаено не е способен. Имајќи „мал раст“ Закхеј самиот се искачува. Затоа, единственото прашање се состои во тоа дали ние го посакуваме вистинското нешто, дали силата на желбата што е во нас е насочена кон вистинската цел или пак, според зборовите на егзистенцијалистот-атеист Жан Пол Сартр – човекот е само една бескрајна желба и страст.

Желбата на Закхеј била насочена кон вистинското, тој сакал да Го види и да Му се приближи на Христа. Во Закхеј ние го гледаме првиот симбол на покајанието затоа што покајанието почнува со повторното пронаоѓање на длабоката природа на секоја желба: желбата за Бога, за Неговата праведност, желбата за вистински Живот. Закхеј е „мал“, ситен, грешен и ограничен, но неговата желба го надминува и го победува сето тоа. Тој во напор го привлекува вниманието на Христа, Го доведува Него во својот дом.

Ете каков е првиот призив на Црквата: ние сме должни да го посакуваме она што е најдлабоко и највистинито во нас, она што е втиснато во најголемата длабочина на нашата душа – да ја признаеме жедта за Апсолутното во нас, без оглед на тоа дали го знаеме или не, и коешто, кога ќе ја одвратиме нашата желба од него, нè преобратува во „бесполезна страст“. А ако сакаме доволно длабоко и доволно силно, Христос ќе одговори на нашите желби.

протопрезвитер Александар Шмеман

Извор: Великиот пост, Скопје 2004.

 

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *