Божествената Литургија

rsz_liturgy_resized

Божествената Литургија е срцето на православниот христијански живот. Тоа е Света Тајна над светите тајни или Мистерија над мистериите.

Централната Света Тајна на Православната вера е службата на Светото Причестување, наречена Евхаристија. Зборот Литургија значи „заедничко дело“, а зборот Евхаристија значи „благодарење“.

Првиот акт на Литургијата е собирањето на сите. Крстените и миропомазаните се собираат на едно место. По заедничката молитва на Црквата наречена Голема ектенија, во која се прават прозби за сите суштински елементи на животот, се пеат библиски псалми и Словото Божјо им се презентира на верните. Тука акцентот е поставен на Апостолот, Евангелието и беседата.

Потем следи приносот на лебот и виното како принос на самите нас и на целиот свет на Бога во Христа. Го молиме Бога да нè прими нас и нашите дарови (лебот и виното), возљубувајќи се меѓусебно и исповедајќи ја Православната вера, Никејскиот Символ на верата, што ние или нашите кумови го исповедале на нашето Крштение.

Потоа се принесуваме себеси и нашите дарови на Бога во Христа, споменувајќи си за сè што Он направи за нас: Крстот, Гробот, тридневното Воскресение, Вознесението на небесата, Седењето оддесно на Бога Отецот и Второто и славно доаѓање.

Потоа го повикуваме Светиот Дух „да слезе врз нас и врз нашите дарови“ и да ги направи нив Тело и Крв Христови, дарувајќи ни го опитот на Царството Небесно. Така ги добиваме назад нашите дарови на лебот и виното како Дар на Светото Причестување со Бога Отецот преку Христа во Духот.

На крајот си заминуваме во мир, сведочејќи му на светот за Царството Божјо што ни беше дарувано, повикувајќи ги сите луѓе во ова единство со Бога и сите во Него.

Православните ја служат оваа Мистерија на Царството Божјо, Божествената Литургија, во секој Господов Ден [неделата], како и на секој празник и посебна пригода. Литургијата претставува жив опит на она што всушност претставува Христијанството, па и самиот живот.

Литургијата е централното Откровение на христијанската мистерија и на некој начин целото Православие се содржи во неа, се запаметува и дарува на нашиот жив опит. Сите икони, одеждите, свеќите, пеењето… сè заедно во хармонија и единство служи за да открие само едно нешто: Човекот е создаден за Бога и само во Него го наоѓа својот идентитет, исполнување и совршенство.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *