Свети Климент Охридски: Поука во неделен ден

ДоSaint_Clement_of_Ohrid_(icon,_13th-14th_century)лжни сме, браќа, да ги почитуваме Божјите празници, воздржувајќи се од секакво зло, одбегнувајќи секаква нечистотија, уподобувајќи се на светите Божји угодници, читајќи ги нивните житија во светите книги, и да се трудиме со вера и од сето срце да дознаеме со која добродетел, или со кои добри нарави го најдоа Царството небесно. Како го пренебрегнаа овој минлив живот? Оти мнозина од нас заминуваме од овој свет, без да го познаеме. Или, пак, нашето богатство, што сме го стекнале со многу труд, и тоа ни се одзема во еден ден? Размислувајќи за ова, светите Божји угодници се предаваа на подвизи, на бдеење и на секакво воздржување. Поради тоа, браќа, и ние сме должни да го следиме нивниот пример и низ подвиг да го бараме нашето спасение. А најмногу од сите празници да го почитуваме денот на Христовото воскресение, односно светата недела. Зашто во тој ден се оствари почетокот на сето видливо создание; во тој ден архангелот Гавриил ѝ го благовести Божјото воплотување на Света Богородица, и во тој ден нашиот Господ Бог воскресна од мртвите, откако го уништи адот и, со Својата смрт, ја порази вашата жестока, лоша и престапничка волја.

Со радост да го празнуваме овој ден, за слава на Христовото воплотување, на Неговото воскресение, и на почетокот на овој видлив свет, украсувајќи ги црквите Божји со духовни песни, и насладувајќи ги своите срца и души со богогласни четива. Оти Самиот Господ Бог наш го озакони овој ден, кога му рече на Мојсеј: Шест дена нека работи твојот слуга и твојата слугинка, твојот вол и твоето осле, а во седмиот ден да почиваат! (сп. 2Мојс 20,9-10). Да се собираме во црква на молитва, зашто овде примаме исцеление на душите и на телата; овдека заради нас се извршува страшна тајна; овде гласот Божји ги огласува срдечните уши и, заради нас, се извршуваат неискажливи работи; овде Синот Божји лежи пред нас на страшна трпеза, заради нас излевајќи ја како јагне Својата чиста крв, за прошка на гревовите, сакајќи да нè направи учесници во Неговото Царство.

Затоа, браќа, со покајание треба да отстраниме од себе секаква нечистотија, и така да Му пристапиме, откако со солзи ќе ги измиеме знаените и незнаените гревови, и со смирение ќе го понизиме своето срце, како што и Он се смири Самиот Себе, и стана Бог и Човек истовремено, за да го спаси човекот од прелеста ѓаволска, и ни го покажа патот на спасението, велејќи:

Блажени се смирените по дух, зашто нивно е Царството небесно!

Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат! Кој, пак, не плаче поради своите гревови, тој без успех ќе плаче неутешно во вечна мака.

Блажени се кротките, зашто тие ќе се наречат синови Божји!

Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! (сп. Мт 5,3-7).

Да побрзаме, браќа, и ние да се удостоиме за ова блаженство, правејќи од себе Црква Божја на Светиот Дух, без да држиме злоба еден кон друг, цветајќи со благоверие, светлејќи со љубов кон бедните, украсувајќи се со братољубие, да бидеме духовно распламтени, служејќи Му на Бога, пристапувајќи кон Него со страв и со чистота, за да се покажеме достојни пред Него, како што Самиот Он рекол: Ќе се вселам во нив, и ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ (сп. 3Мојс 26,12; 2Кор 6,16). А како ќе биде тоа? Зар оној, во кого што ќе се всели Бог преку причестување со Неговото животворно тело, не е почист од злато? Зар тој не се обновува катадневно со чистота како орел, и со умот не полетува угоре? Разбирајќи го ова, браќа, да се обновуваме со добрина и со чистота, и животот да ни биде достоен; по светост, а не само по име да се нарекуваме христијани! Откако ќе се оддадеме на духовен подвиг, еден друг да се натпреваруваме со добрина, та и нам да ни рече нашиот Господ: Дојдете, благословени на Мојот Отец, наследете го Царството кое ви е подготвено од создавањето на светот (сп. Мт 25,34). Него, впрочем, да Го прославиме отсега со добри дела, иако досега бевме свикнати да живееме во слабости и во мрзливост, но од овој ден па натаму, да се потрудиме да правиме добри дела, оти Царството небесно се зема насила, и силните го грабаат (сп. Мт 11,12), преку Христа Исуса, нашиот Господ, Кому нека е слава, сега и секогаш и во веки веков.

свети Климент Охридски

Извор: Свети Климент Охридски, Собрани дела: слова, поуки, житија [превод од старомакедонски: протопрезвитер Јован Таковски], Скопје: Табернакул 2012.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *