Откриена жената на Исус?

Научниците открија веродостојно сведоштво: Исус Христос бил женет!

Црковниците толку години ја криеле од нас целата вистина! Вест од насловна страница… Значи, што всушност нашле научниците? И за што сведочи нивниот пронајдок? Да се обидеме накратко да објасниме.

PAPYRUS_FRONT_500

Најден е, или поточно, внимателно е опишан и пуштен во научниот промет еден папирусен фрагмент со текст, кој припаѓа на приватен колекционер. Станува збор за правилен правоаголник со размер 4 х 8 cm, очигледно исечен од текст со поголем обем – пришто, тој вешто бил исечен, случајните остатоци никогаш немаат таква правилна форма. Него е возможно да го исекле уште во древноста за некои цели, а возможно е тоа да го сторил во поново време и некој алчен продавач на папируси, зашто за повеќе фрагменти можеш да стекнеш многу повеќе пари, отколку за еден целосен документ. Можеби го исекле и специјално, одделувајќи го од контекстот, за да се создаде некаква вештачка сензација – впрочем, самиот факт што текстот е исечен сам по себе сè уште ништо не говори, помеѓу кумранските ракописи има и такви фрагменти од кожени свитоци, од кои бедуините сечеле влошки за своите сандали. И самото тоа на никаков начин не ја докажува нивната автентичност.

На овој папирус е напишан текст на коптски јазик (со него се користеле во древноста жителите на Египет, а денес Коптската црква го запазила како богослужбен јазик). На едната страна има осум непотполни редови, а на другата – шест, но таму тие практично не се читаат, можат да се разберат само неповрзани зборови. Ракописот е ист, така што, најверојатно, станува збор за страница од кодекс (книга). Папирусот несомнено е древен – но, кој и кога ги напишал на него тие букви? Тоа е задача на палеографите, специјалисти за древни ракописи, но тие засега не дале еднозначен одговор. Како приближен датум се споменува IV век од нашата ера, но веднаш мораме да забележиме, дека древноста на текстот (не на папирусот, туку на текстот) засега предизвикува сомнеж.

090512_AncientPapyrus_1714_605

Еве го приближниот превод на текстот од предната страна (спорните зборови се поставени во заграда):

не мене. Мојата мајка ми дала жи(вот)

учениците му рекоа на Исус

отфрли. Марија (не?) е достојна за тоа

Исус им рече: мојата жена

таа може да биде мој ученик

нечестивите нека се распрснат

до мене, јас останував со неа, за

лик

Секако, најмногу прашања предизвикува четвртиот ред. Специјалистите во областа на коптскиот јазик сметаа дека, без никаков сомнеж, ова е почеток на реплика на Исус во некој дијалог и дека Он говори за Својата жена. Да, но што Он говори за неа? Можеби понатаму имало зборови кои кажуваат дека таа „не постои“? Тоа не е многу веројатно. Или овој збор е употребен во преносна смисла, на пример: „Мојата жена е Мојата Црква?“ Зашто и во посланијата на апостолот Павле го среќаваме образот на Црквата како невеста Христова. И за која Марија станува збор во текстот? Дали за Дева Марија, Мајката на Исус, бидејќи таа се споменува во првиот ред? Или за некоја друга Марија, во Евангелијата среќаваме неколку жени со тоа име? Можеби така ја нарекувале самата таа жена?

stmarymagdalene

За да се одговори на овие прашања, потребно е да се реконструира контекстот, т.е. да се разбере од каков текст е овој пасус. До овој момент не е пронајден никаков ракопис, каде би можел тој да се „постави“, иако имаме сличност со евангелските текстови. Притоа, треба да се помни дека од првите векови на Христијанството канонски се признавале само четирите нам познати Евангелија, но текстови под називот „Евангелие“ имало многу повеќе: различни апокрифи предложувале свој вид на „алтернативни верзии“ на благовестието, секој во функција на своето учење. Голема е веројатноста дека станува збор за пасус токму од таков текст.

Најмногу сличности има со Евангелието според Тома, ран гностички текст, таму дури има и многу слични зборови: „Оној кој не ги замразил татко си и мајка си, како Јас, не може да биде Мој ученик, и оној кој не ги возљубил своите татко и мајка, како Јас, не може да биде Мој ученик… Но мојата мајка навистина ми даде живот“. Воедно да обратиме внимание, колку е близок овој текст кон канонскиот и како во исто време се разликува од него: „ако некој доаѓа при Мене и не ги замрази татко си и мајка си, и жената и децата, и браќата и сестрите, а притоа и самиот свој живот, тој не може да биде Мој ученик“ (Лк 14,26).

Апокриф е еден вид препишано Евангелие: сижето практично е истото, зборовите и изразите се блиски, но идеите можат да бидат сосема други. Кај гностиците, во нивното евангелие, Исус, се чини, ги мразел своите мајка и татко, и барал да биде подражаван во тоа. Но, зборовите за омраза кон сопствениот живот тие ги изоставиле. Ако се избира според принципот „како е поудобно“, тогаш гностичкото евангелие и навистина е попривлечно: иако ги мразам своите сродници, на свој начин сакам да бидам достоен ученик, а никој од мене да не бара да го дадам животот…

Што се однесува до Марија, постоел и еден друг текст кај истите гностици, кој се нарекувал „Евангелие според Марија“. На почетокот од него, Петар ја моли Марија Магдалина: „Сестро, ти знаеш дека Спасителот те љубеше повеќе од сите жени. Кажи ни збор од Спасителот за кои си спомнуваш, коишто ги знаеш ти, но не и ние, и коишто ние не сме ги ни слушнале“. Таму, секако, не се тврди дека Марија Магдалина била жена на Исус, но многу е слично на тоа: кој би знаел за Учителот буквално сè, што не го знаат дури и неговите најблиски ученици? Жената, се разбира.

Да се поставиме себеси на место на автор на древни текстови, кој воопшто „не се измачува“ со прашања околу верноста на црковното Предание, „широко гледа на нештата“ и генерално речено, се самоизразува. Прочитал неколку такви гностички или какви било други истории за Исус и решил по нивни мотиви да состави своја сопствена. Можеби, кон поуките за односот кон родителите сакал да додаде и укажувања, како да се однесува кон жена, зашто и тоа е актуелно. А можеби во глава му дошло дека Исус и самиот би требало да биде женет, така му укажувале разни индиректни соопштенија. И измислил уште малку и се добило она што толку неодамна било откриено во вид на фрагмент во приватна колекција. Некаков Ден Браун од древните векови, такви автори коишто никогаш не недостасувале.

Замислете си дека до археолозите од идните векови стигнат од наше време фрагменти од книгите на Пелевин и Лукјаненко, и тие почнат да ја реконструират реалноста. Па, многу детали и се совпаѓаат со она што го знаеме од историските извори, значи, возможно е да се верува и на сè друго.! Значи, „Generation P“ или „Ноќна стража“ ни разоткриваат тајни од вистинскиот живот на московјаните од крајот на XX век! Сензација!

SONY DSC

А можеби авторот на овој текст и живеел во наше време? Можеби тој едноставно сакал да заработи пари, нанесувајќи измислени зборови на древен папирус, и резултатот го објавил како пронајдок? Или не се работи за пари, туку за желбата „да се уфрли“ на пазарот на идеи уште една свежа мисла: Исус навистина бил женет, но ние не сме знаеле? И папирусот бил изработен токму со таа цел? Засега нема еднозначен одговор, но од тој одговор ништо нема да се промени во нашиот однос кон евангелската повест. Во сите векови постоела желба да се создаде сопствена верзија на евангелските настани, да се изложи учењето на Христа во сопствена редакција. Книгите, во кои се содржи сето тоа, обично се нарекуваат апокрифи.

Но, пронајдокот во секој случај е многу интересен. Тој ни напомнува дека Христијанството не се појавило одеднаш во готова форма во некоја стерилна лабораторија, дека тоа растело и се развивало меѓу мноштвото други философски и религиозни текови, дека тоа го чувало сопствениот образ на Спасителот, Учителот и Младоженецот, отфрлајќи сè што не било нему соодветно. Но, тоа воопшто не значи дека соперниците никако не се обидувале да го употребат тој образ за сопствени цели и нтереси. Во суштина, истото се случува и денес.

А освен тоа, целата оваа историја повторно ни покажува дека древноста не е откриена за нашите погледи онака, како што е откриена современоста: секој нов пронајдок треба, како прво – проверка на автентичноста, а како второ – оценка и интерпретација. Ние добро знаеме: не сè што е напишано на Интернет или на соседната ограда задолжително е вистина. Истото важи и за древните папируси. Техниката на пишување била поинаква, но склоноста на човекот кон (само)измама и слободно творештво малку се променила од тие дамнешни времиња.

Андреј Десницки

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *