Отец Стефан Санџакоски: Образ на кроткоста
Денес, слава Му на Бога, се собравме со радост да го прославиме празникот на гораздиот отец и учител на светата Црква Христова свети Николај, архиепископ мирликиски и чудотворец. Свети Николај бил едноставен, прост човек, совршен во евангелска смисла на зборот. Затоа е славен во целиот свет. Бил син единец на бележитите и богати родители Теофан и Нона од градот Патара во областа Ликија. Се замонашил во манастирот „Нов Сион“, основан од стрико му Николај, епископот патарски. По смртта на родителите, имотот им го разделил на сиромашните. По промисла Божја бил избран за архиепископ на градот Мир во Ликија. Како пастир со апостолска вера, бил милостив, мудар и храбар. Во времето на прогоните на христијаните од Диоклецијан и Максимилијан, свети Николај бил затворен, но и во затворот ги поучувал луѓето на законот Божји.
Свети Николај присуствувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година. Од голема ревност кон вистината, го удрил со рака ересијархот Ариј. Поради тоа бил отстранет од Соборот и од архиерејската служба сè додека на неколкумина водечки архипастири не им се јавиле Христос Бог и Богородица мајка за да им го објават своето благоволение спрема Николај. Чуварот на вистината Божја, свети Николај, секогаш бил решителен заштитник на правдата меѓу луѓето. Човекот што го водел спорот со Ариј бил таткото на светото Православие, великиот александриски отец Атанасиј. Веднаш крај него стоел кроткиот и смирен Николај од Мир. Во тропарот на светителот, Црквата радосно и едномислено пее за свети Николај: „Правило на верата и образ на кроткоста“. Црквата признава дека свети Николај е канон на верата и икона на кроткоста. Како сведок на вистината на светата Црква низ сите нејзини истории, свети Николај ѝ станал образец. Тој станал критериум и пример за сите христијански поколенија. Угледувајќи се на него, со него да се измериме секогаш кога сакаме да ја провериме чистотата и исправноста на исповеданата вера во Богочовекот Христос. Таа вера не смее да биде индивидуална, туку соборна, т.е. вера на целата Црква Божја. И не само канон на верата, канон на вистината, туку и образ на кроткоста станал за целиот негов живот. Тој секогаш ѝ служел на Црквата подобно на Христа Бога. Зашто знаел дека во Евангелието е речено: првите ќе станат последни, а последните први. Ако сакате да покажете и докажете дека го љубите ближниот свој, потрудете се доброволно и со љубов да му станете смирен слуга на братот свој, зашто служејќи му на братот, им служите на Бога и Неговата Црква. Свети Николај се упокоил на 6/19 декември во 343 година. Многутруден и многуплоден, вечно се весели во Царството Небесно без да престане да чудотвори, да им помага на верниците на земјава и да го прославува својот Бог. Амин.
отец Стефан Санџакоски
Од зборникот: Беседи од Калишта, Струга: Рубљов 2000.