Отец Методиј Златанов: Кој има уши да слуша, нека чуе!

(Лк 8,4-15)

PENTAX Image

Излезе сејачот да сее семе… Во оваа почетна реченица од параболата за сејачот и семето е восредоточено началото на целиот божествен Домострој на спасението. Бог излезе да сее и ја откри својата креативна волја. Оној што е Господар, Оној што се грижи и ревнува над Своето создание, му дава живот и сила чинејќи ја нивата на нашата природа објект на бесконечна љубов. Инаку, кому и врз што би го фрлил сејачот семето на благодатта, семето на небесните откровенија, – словото Божјо, како што толкува самиот Господ? Овој свет и неговото постоење има смисла благодарение на тоа семе. И тоа паѓа на секаква почва, имено како што и Спасителот вели, на сите ќе им се зборува, за едни тоа ќе бидат параболи, за други приказни и легенди, а за трети – откриени вистини.

Божествениот Сејач е Тој што постојано и штедро сее. Словото Божјо, пак, или Божјата благодат, е таа којашто постојано се излева за да образува живот. Како што дождот паѓа и врз праведниците и врз грешниците така и Божјата благодат се излева врз сите.

Но, дали Спасителот, употребувајќи ја нивата како метафора, зборува за различни типови луѓе, за едни кои наликуваат на тврда земја, необработена, каменлива и јалова, а за други, пак, кои прилегаат на нива обрасната со трње, за трети – незаштитена нива од птиците небесни и грабливците, коишто го колваат семето и го разнесуваат, а за некои други, пак, кои се добра земја на којашто паѓа и изртува семето и дава стократен плод, – или Тој зборува за различните духовни состојби во кои пребива човечката природа во нејзината непрестајна невидлива борба? Толкувањето може да оди во бесконечност.

Динамичниот аспект на оваа Евангелска парабола е во следново: како што сејачот постојано се труди, постојано сее семе, постојано се раздава себе си низ безрезервно дарување, така и нивата, т.е. човекот, треба постојано да биде подготвен да го прими благодатниот плод на тоа давање. Зашто, секој човек, во одредени периоди од својот живот, поттикнат од Божјата љубов, инспириран од Божјата благодат, со огромен ентузијазам се подготвува и се труди, ја обработува нивата на своето битие усрдно и посветено, и тогаш навистина плодовите се големи. Меѓутоа некогаш, кога ќе го навјаса униние или духовна мрзливост, кога ќе го остави духовниот труд, тогаш како пуста нива неговото срце се скаменува. Добрата нива нема да остане добра и плодородна, ако таа постојано не биде обработувана. Токму затоа како што и Божествениот Сејач постојано ревнува, така и човекот како боголика нива треба да се уподобува со истата ревност.

Зашто, ако човек и се погрижи да ги изгони сите искушенија од себеси, како грабливите птици од параболата, а сепак не работи на стекнување на добродетелите, не ги исполнува Божјите заповеди во сè, тогаш без разлика што искушенијата се изгонети, или можеби и плевелот на светските грижи е искорнат, сепак нивата и понатаму ќе биде скаменета. Тоа значи дека не треба да се трудиме само во едно нешто,  делумно и од користољубие, туку во сè. Зашто и Бог преку Својот крстовоскресен пример ни покажа дека во сè се потруди и сè претрпе за наше спасение.

На ист начин треба да постапуваме и ние. Како? Нивата да биде изорана со добрите дела, со покајанието и со истрајноста во послушанието. Со други зборови, духовниот живот не треба да ни се состои само во пасивно избегнување на злото и воздржување од гревот. Тоа не е доволно. Треба да дадеме сè од себе во делотворно исполнување на секоја правда, мир и благочестие. Грабливите птици се искушенијата и демонските помисли коишто постојано нè напаѓаат. Против нив ќе се бориме со молитвата. Во личното молитвено правило и преку соборните богослужби. Подеднакво, нивата треба да биде исплевена од сите пороци и страсти, и земни наслади, од најпогубното одложување на покајанието, конечно, од сите материјални грижи и лажни вредности на светската суета со кои е оптеретено нашето секојдневие. Сè треба да биде исчистено, сè треба да биде подготвено за да го примиме спасоносното семе на Словото Божјо. И тогаш навистина како што им раскажа Господ на насобраните ученици, таквата нива ќе донесе стократен плод.

Параболата за сејачот и семето има и мошне впечатлив гносеолошки карактер. Таа нè учи како да го читаме светот Писмо; како да го примениме прочитаното во нашиот личен живот; колку во него, откривајќи ја личноста на Спасителот, се препознаваме себеси и смислата на нашето постоење; колку тоа (Писмото) станува дел од нашиот живот, делотворно, и ни дава сила да го носиме својот крст; колку тоа е критериум за мерата на нашиот духовен раст.

На крајот од параболата и на крајот од толкувањето, Господ извикува: Кој има уши да слуша, нека чуе! И тоа не треба да се сфати само како обичен повик за внимание. Од една страна, со овие зборови Тој, како добар Пастир, ги одделува овците од козите, упатувајќи на тоа дека Негови ученици се оние коишто го слушаат гласот Негов и ги исполнуваат Неговите заповеди. Од друга страна, пак, Тој алудира на зборовите на пророкот Исаија, кога тој ги прекорува синовите на Израил за неприемчивоста на божествените откровенија:

И го чув гласот на Господа, Кој рече: „Кого да го испратам и кој ќе отиде заради нас?“ А јас реков: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ Тогаш Он рече: „Оди и кажи му на тој народ: со ушите ќе чуете и нема да разберете, и со очи ќе гледате – и нема да видите. Зашто срцето на тој народ е закоравено, и со ушите тешко слушаат и ги затвориле очите свои за да не гледаат со очи, со уши да чујат и со срце да разберат, та да се обрнат да ги излекувам (Ис 6,8-10).

На тој начин Спасителот покажува на кого мисли кога на учениците им рече: Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се зборува во параболи, та гледајќи да не видат, и слушајќи да не разбираат. Тие другите не се ниту верните жени, кои Тој, набројувајќи, ги именува на самиот почеток од евангелското поглавје (Марија Магдалина, потоа Јоана, жената на Хуза, настојникот Иродов, и Сусана и многу други), ниту народот кој одеше по Него и Го слушаше, туку тие што се сметаа себеси за правоверни, конечно, тие што подоцна побараа да биде распнат.

Со други зборови, кога Господ на насобраниот народ му зборува во параболи, тоа не го прави за да им пренесе на избраните некое езотеричко знаење, по кое мечтаеле гностиците, туку за да им се открие Себеси, оживувајќи го значењето на зборовите од пророштвата, и за кого тие се однесуваат. Во егзегезата на овие стихови, свети Иринеј Лионски додава: „Блажени се очите ваши зашто го гледаат тоа, што го гледате, и ушите ваши, зашто го слушаат тоа, што го слушате“. Низ оваа парабола, како и низ сите параболи за Царството Небесно, Господ Исус Христос ни се открива самиот Себеси, повикувајќи нè сите нас на благодатно единство во Литургиската Тајна.

митрополит Методиј Златанов

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *