Отец Методиј Златанов: Атеизмот како конфесија
Конфесија или симптом? Дилема која збунува генерации и генерации свесни човечки суштества природно испровоцирани од својот разум да го земат или да не го земат пред вид оностраното. Она што не сум јас. Постои ли човек што не верува воопшто? Или ако сакате буквално, се родил ли на земјава човек сосема лишен од концептот за „бог“ во најапстрактна смисла? Конечно и принципиелното отфрлање на теизмот, религиозноста, или идејата за „бог“ не е само граматичка негација. Како инаку би се оправдало однесувањето на атеистите (материјалистите) врзано за погребите, градењето мавзолеи и почитувањето на покојниците, нешта што самите по себе се недвосмислен израз на вера во бесмртноста? Ако сме составени само од атоми без дух и логос, тогаш има ли смисла да ги почитуваме руините од бесмислени и бесловесни атомчиња кои не се повеќе она што биле – живи луѓе. Колизијата меѓу верувањето и однесувањето, како рецидив на некоја помината идеолошка мода сепак е евидентна и денес. Сепак – симптом.
Само пред две децении сè уште живеевме во атеистичко општество. Каков анахронизам е оваа синтагма од денешна гледна точка!? Атеистичко општество. И не само тоа, туку и колку бизарно делува кога една општествена формација се дефинира со формата на некакво програмски еднообразно верување кое ѝ се припишува на целокупната популација. Та ние денес не велиме дека живееме во теистичко општество, ако објективно демократијата која денес е во енергија (помалку или повеќе) е антитеза на претходниот општествен систем. Но, дали е сосема така?
Ваквата скептична задршка секако не подразбира проста негација на негација од антикомунистичка провиниенција. Тоа би било дел од истата застарена утопија. Со комунизмот природно и нужно умира и антикомунизмот, како иманентна опозиција. Ова, се разбира, е само историски егземплар.
Зошто луѓето се изјаснуваат како атеисти? Ако доволно долго медитираме над ова прашање ќе дојдеме до едно парадоксално сознание (или откровение). Елементарните мотиви за човечката религиозност позитивистичката спекулација ги лоцира во стравот од смртта и во стравот од осаменоста. Апофатичката медитација ни ги дава истите резултати. Луѓето се атеисти (повторно) поради стравот од смртта и стравот од осаменоста. Невозможно е нешто да не се побуни во нас. Моќта да веруваме како дар на спознанието е премногу комплексна категорија за да происходи или да се темели на (елементарни) стравови. Која е тогаш причината да не веруваме, или и тоа е просто извесен квалитет на вера? Потребата да бидеме неутрални лесно можеме да ја сместиме во доменот на лаицизмот, како бубрег во лој. Современиот човек е премногу слободен за да верува. Овие нови аргументи за атеизам во голема мера се движечката сила на диктатурата на либерализмот. Но, во својата суштина тие кријат банална противречност. Парадокс во парадоксот. Животот во занданата на сетилното познание не е слобода. Човекот може и повеќе. Зошто дарот на духовното познание, или интуицијата, како што ја нарекува Декарт, на пример, би бил некаков хендикеп? Како уникатен мутантски вид од икс-мен серијалот или зависник навлечен на „опиумот за народ“? Гносеолошка мутација или токсикоманија – сепак – синдром.
Како таков, атеизмот е повторно субјективна форма на верување. Верување кое во крајната инстанца се согледува преку она што го исклучува. Мислам на буквалниот, принципиелниот атеизам. Во актуелното идеолошко милје многу се поприсутни некои латентни форми на атеизам кои се особено симптоматични, па оттаму и мошне вредни за анализа. Тие се јавуваат како идеолошка, па и политичка травестија на атеизмот.
Една форма на латентен атеизам лесно се илустрира со следново општо место: Јас си верувам…, има нешто…, некоја сила…!? И атеистите веруваат. Тоа не е спорно. Но верата е повисок облик на знаење. Можеме ли да веруваме во нешто, а да незнаеме што е тоа, без оглед на неговото објективно постоење, поточно, верата да е облик на незнаење? Сепак ваква или слична констатација или конфесија (исповед) можеме да слушнеме насекаде. На гносеологијата ѝ се познати повеќе варијации на семантиката на поимот вера: припадност на некоја верска заедница; потоа, дефинирање на определено верско учење; верата како извор на познание, начин на стекнување на знаење и искуство; секако и теолошкиот контекст кој подразбира учество во натприродното откровение; верата како дар Божји итн. Веројатно можат да се набројат уште семантички варијации, сè освен артикулацијата во кој „верникот“ ја изразува својата вера преку нејзиното отсуство. Ако верувам тогаш знам во што верувам. Се разбира, освен ако од срам или страв, или од обична малограѓанштина не се осмелувам да Го спомнам Бога. Да не испаднам затуцан (колку карактеристичен израз!) или, со други зборови, зависник од опиумот за простите маси.
Еве уште една, уште пософистицирана форма на атеизам, според својата латентност, се разбира, но и според распространетоста. Илустрацијата за неа е сместена во синтагмата: Јас си верувам во црквата. Навидум симплифицирана варијанта на религиозно исповедање. Но во црква не се верува, во црква се живее. А во Бога се верува. Оваа онтолошка метонимија не е ни најмалку случајна. Многу е тешко да се изговори тој збор. Бог. Па уште и да се напише со почетна голема буква. Обидете се да им се спротивставите на стручните лица за лекторирање. Иако дури и во класичните асировавилонски јазици, значи во зората на писменоста, не постоела множинска форма за „бог“, што не покажува само дека нивните религии во коренот биле монотеистички, туку и дека Бог не е општа именка, туку личност. Личност заради кој и ние сме личности и кој со својот персоналитет на привлекува кон повозвишен облик на познание.
Што се однесува, пак, до верувањето „во црквата“, апсурдноста на овој мисловен концепт е во тоа што верата ги исклучува рационалните докази (и очигледноста) и обратно. Инаку не би била вера (и обратно). Во контекст на атеизмот ова симптоматично (не)верување се јавува како еуфемизам за она што всушност не се познава. Подеднакво далечно на здравата вера колку и на радикалниот агностицизам или на субјективниот идеализам.
Ако искрено веруваме тогаш мора да знаеме во што. Тоа проникнување во вистината нè инспирира да се еманципираме од секоја инерција според која она што го живееме ќе се претвори во куп адети, а она што го знаеме – колекција од магловити фрази присушти на некоја помодна конвенција.
митрополит Методиј Златанов
Атеист тука.
Една забелешка. Не сум сигурен која ти е таргетираната публика, меѓутоа текстовите не ти се за поширкоите маси. Во кратки црти, многу небулози, многу филозофирање (сепак само на тоа може да се основате бидејќи нема логика, нема разум во религијата).
Таргетирана публика се сите оние што сакаат да се запознаат со основите на православната вера и духовност (едноставно, да не зборуваат за нешто без да имаат некаква претстава за тоа). Впрочем, во право сте, текстовите воопшто и не се упатени кон широката маса. Првенствено, тие се упатени кон верните од православната деноминација, за подлабоко да навлезат во верата и нивниот религиозен живот да биде осмислен. Освен тоа, не се согласуваме со тоа дека нема разум и логика во религијата (има, и тоа како), само што логиката на овој детерминиран и создаден свет е ограничена и не е способна да ги прими духовните вистини, коишто се антиномични за рациото. Така што, би рекле дека верата, како гносеолошки инструмент, има поголем капацитет од рационалното мислење, но воопшто не го исклучува разумот, како таков. А во контекст на текстов, дека атеизмот си е верување – си е верување. Христос воскресе!
Очигледно терминологијата и дефиницијата на дредени значенија е соем погрешна. Атеизмот е сосем спротивно на теизам, недостаток на докази за верување односно симплифицирано неверување во божества и богови. Не верувам и тоа е тоа, доколку верувам дека не постои одредено божество јас не би се декларирал како атеист односно неверник. Кредибилитетот на едно свештенско лице да превземе во свои раце со помош на неговата титула стекната од црковната институција и нејзините псевдоинституции на црковно образование, е непостоечка. Доколку вие се декларирате како човек кој што може да им помага “духовно” на луѓето вие по автоматизам се вклопувате во дефиницијата на самоедуциран човек. Размислете за миг дали е во ред тоа што го правите, дали е праведно и морално да наметнете нешто врз останатите покрај вас, не поради тоа што е помалку или повеќе реално за вас но поради субјективизмот кој вие го чуствувате и врз основа на истиот делувате. Јас никогаш не би се обидел да дискутирам со теист за тоа дали тој треба или нетреба да верува, јас би дебатирал од лична сатисфакција, ни и како атеист се прашувам што ако грешам ? Јас имам храброст да се запрашам, да се сомневам, да истражувам, слободно да говорам, пишувам, читам и размислувам без притоа да имам потсвесна и свесна грижа на совест за тоа дали некое си божество ми ги следи моите мисли и дела. Мојот објективен морал не произлегува од стравот од казна од одредено божествено битие кое е припадник на машкиот пол, мојот објективен морал произлегува од стравот да не повредам било какво битие, затоа што јас несакам да бидам повреден, да се обидам да не навредувам и да се подобрувам, затоа што несакам да ме навредуваат и сакам останатите околу мене да се подобруваат и еволуираат со размислувањето. Мојата награда е личната сатисфакција на сите околу мене при што истата ме исполнува со елан. Јас како атеист не би ги ограничил своите деца со една догматика на монотеистичка религија, јас би го споделил своето знаење со нив и каков е мојот став спрема тоа, но никогаш нема да ги присилувам да веруваат или не во нешто што јас мислам дека е праведно. Сепак мојата лична перцепција можеби не е реална но јас имам храброст тоа да го истакнам суптилно, а вие за жал ја немате таа доблест.
Како прво, овој проект воопшто нема полемичка агенда, за тоа постојат безброј форуми и сл. Не знам, од каде тоа чувство дека сте повикан на некаков начин. Овие текстови се упатени кон православните верници и во нивната содржина постои претпоставката дека читателите се религиозни луѓе. И во самиот овој текст, којшто го анализира феноменот на атеизмот во еден религиозен контекст, нема никаква директна упатеност или навреда кон атеистите (Ве молам, кажете конретно што Ве навредило Вас лично, Ви се извинуваме во таков случај). Друго нешто, во вашиот исказ се забележува дека имате некоја своја претстава за религизоноста и во таа смисла, таа перцепција ја распространувате и на Православието, за кое најверојатно судите, без добро да го познавате што тоа самото претставува. Вашите набљудувања на религиозноста се коренат во претставата што ја имаат некои претставници на психоанализата, во категориите на комплексот за вина итн.
Освен тоа, текстовите тука, како што споменавме, пред се, се упатени кон православни верници и тука не станива никаков збор за некакво наметнување на нечие мислење. Вие зборувате за некаков субјективизам за религиозните вистини. Конечно, религиозноста или нерелигиозноста е работа на личен избор, заради слободата на човекот, којашто, според православното учење, ниту Самиот Бог не ја детерминира. На крајот на краиштата, изгледа Вам Ви пречи религиозноста кај луѓето и практично Вие сте тој што наметнува свое лично мислење врз другите, како да е подобро или вистинско. Исто така, проповедате некаков морал од аспект на атеист. Ок. Баш ме интересира, која е смислата на моралот од аспект на еден атеист? Дали мотивите се чисто хуманистички? Конечно, која е смислата на сето тоа, кога на крајот смртта го има конечниот збор – ништавило. Се враќаме повторно на онаа дилема што Иван Карамазов ја поставувал и која е неоспорно логична, според рационалното мислење на коешто Вие толку се основате: Ако има Бог и Суд, тогаш не е се дозволено, но ако не постои, тогаш – се е дозволено. Или, пак моралноста е сепак едно сведоштво дека не сме само месо и крв, туку и икона Божја. Ние православните му се радуваме на животот суштински, затоа што знаеме дека смртта е победена, дека единствено решение за смртта е Христос, Кој умре и воскресна и ни го даде дарот на воскресението, на коешто се надеваме. Ако Вие имате радост во овој живот, кој со постоењето на смртта е само една бесмисла, тогаш радувајте се. Ама ние ќе сведочиме: Христос воскресна!
Ова што го презентиравте во вашиот пишан говор е далеку од очигледно дека вие имате страв од смртта и фиктивниот суд кој следи по неа, со самиот постоечки вграден страв наметнат од вашата религија вие сте подобар човек, негрешник итн. Но јас немам намера после мојата смрт да продолжам да живеам, мене не ми е потребна вечноста, моралниот суд се наоѓа во мене и како таков според мене е задоволителен со тенденција за негово подобрување. Мене религиозните карактери кај индивидуите воопшто не ми пречи, ми пречи нивната вера, бидеќи верувањето повлекува надалеку покомплексни состојби, акции и реакции кои предизвикуваат дисбаланс и нарушување на идилата на овој свет. Барате логика онаму каде што ја нема, пареидолиа. Време е да си ги отворите очите и да бидете примерен кон другите не поради фиктивен бог и неговиот су, туку поради самиот вас и вашата совест која доцни во развиток поради догматските учења предизвикани од вашата религиозност. Не е во ред да додавете небулознот во масите за да ги придобиете, дадете им слобода. По втората светска војна еден евреин кој преживува од геноцидот експлицитно нагласува: Доколку постои бог, тој ќе бара прошка од мене. Доколку јас би бил бог не би дозволил страдање, но очигледно на вашиот му годи. Говорите за парадоксалност и анкетирање на атеизмот како религија. Собирањето на стари парички е хоби а несобирањето е хоби ?
Стравот од смртта е природен момент кај секој човек. Можеби Вие сте некој од ретките луѓе што го немаат. Иако се сомневам. Како и да е. Мотивот за човек да биде религиозен не се содржи само од желбата да се надмине смртта, иако може да биде поттик за метафизичкото познание. Мислите дека мотивот на религиозниот човек да биде морален е стравот од судот. Како таков, тој е најнизок мотив за религиозен живот. Духовниот живот на човекот во Црквата претставува една динамика на личносен однос со Бога, Кој исто така е Личност; првичниот мотив, можеби е стравот, но потоа човек се искачува на повисоко ниво кога се труди да живее според Божјите заповеди, заради наградата, а на крајот возрастува до таа мера што тој се ослободува од претходните мотиви и почнува да живее побожен живот, само заради заедницата со Самиот Бог, Кој е сушта Љубов. Секако, ова е нешто непознато за оние што го немаат опитот на верата. Исто така, го имаме гледано филмот God on Trial, од кој цитирате само еден момент од целата таа дискусија околу теодицејата, но не ги презентирате другите аргументи. Искрено сме убедени дека човек не може да биде убеден да верува по каква и да било аргументација, затоа што верата е нешто што произлегува од слободата на човекот, која Бог апсолутно ја почитува. Затоа, повторувам дека овде не станува збор за наметнување на мислење, затоа што текстовите се адресирани до верници, што значи – не придобиваме маси, како што се изразувате, туку ова е сајт со публика од затворен тип. Ова би било последно наше коментирање, затоа што, како што споменав, местото за дискусија не е овде, и проектот ја нема таа задача. Ви посакуваме се најдобро во Вашиот живот, со Вашата вера која се базира на недоволни докази (за спротивното)… Проштевајте!