Митрополит Наум: За магискиот пристап кон животот (2)
Еден народен, но зависи од случајот, во голема мера магиски и идолопоклонички обичај е курбанот. Курбанот во случај на осветување на куќа, кога темелите се попрскуваат со крв од закланото животно и во нив се става неговата глава е чиста ѓаволска работа, со која како нечестив обред си го внесуваме ѓаволот во сопствениот дом. Курбанот, пак, принесен во случај на храмова слава може да биде и нешто добро, и нешто лошо, во зависност од тоа како ќе се разбере. Ако курбанот се подготвува и дели за закрепнување на гостите кои честопати и оддалеку доаѓаат на храмовата слава, што значи ако основен мотив е братољубие, гостољубие, тогаш тоа е добро, само треба да се внимава да не е во среда или петок, или период кога се пости. И во манастирите е забрането колење на курбан, бидејќи според преданието на Црквата и Манастирските устави во манастирите не се јаде месо. Ако курбанот се коле со цел да му се принесе жртва на Бога за здравје и успех во животот, за Господ да чува од несреќи, такво нешто е магиско и идолопоклоничко, – и не е согласно со учењето и преданието на православната Црква. Ако притоа се наруши и од Светата Црква определениот пост (ако курбанот се коле и јаде во среда и петок или во некој друг посен ден) тогаш гревот е уште поголем.
Бог Отец само една жртва прима, а тоа е крстната жртва на Неговиот единороден Син, принесена за спасение на секој човек, која е потполна и совршена жртва. Нашето учество, во оваа еднаш засекогаш принесена жртва, се остварува во светата Литургија на Црквата преку постојаното принесување на нашата словесна и бескрвна жртва (Светите Дарови) и преку причестувањето со телото и крвта Христови. Нашиот пост, молитва, љубовта кон Бога и секој човек, жртва која Бог пред сè ја бара од сите нас и која ја принесуваме во Светите Дарови, ја наоѓа својата смисла само во причестувањето со Светите Тајни. Светата Литургија (Евхаристијата) на Црквата е извор и полнота и мера на нашата вера и севкупниот наш живот. Затоа во православната Црква на Бога никогаш не Му принесуваме крвни жртви, не Му принесуваме туѓа крв, зашто така покажуваме, дека ја презираме жртвата на Неговиот единороден Син и многу грешиме. Единствена крвна жртва која би Му била мила на Бога е нашата сопствена крв принесена во одбрана на православната вера и Црква.
Друг демонски обичај кој најчесто оди заедно со курбанот е сечењето на уво од животното (јагнето) што се принесува, и „помазување“ на присутните со крвта од исеченото уво, кружење со јагнето околу храмот, негово внесување внатре, принесување на јагнето да се поклони и да ја целива иконата, и друго.
Има и некои други слични нешта на кои православниот свештеник треба будно да внимава и да го просветува народот. Да ги спречува, а не да учествува во истите, губејќи си ја притоа душата.
И суеверието е една од пројавите на магискиот пристап кон животот. Неопитен во духовниот живот човек лесно прима демонски помисли и искривени учења и согласувајќи се со нив потпаѓа под дејство на ѓаволот. На пример: младите се плашат да се венчаат во престапна година, а не се плашат кога при венчањето, сакајќи да ја избегнат престапната година го нарушуваат Божикниот пост. Така луѓето пазат на престапни години, на полни месечини, на црни мачки, на несреќни броеви и што ли не друго. Некои на парастос или на Духови чекаат во виното да се појави ликот на покојникот. И уште, се прави еден цел систем на забрани (не допирај, не поминувај, не стапнувај, не целивај, не кажувај, не погледнувај, не свртувај се, не сретнувај се и друго), живот кој ѝ противречи на здравата духовност и побожност. Суеверието се појавува таму каде што нема вистинска, здрава вера и побожен живот.
Во една од пројавите на нездрав „духовен“ живот спаѓаат хороскопите и призивањето духови, нешта кои многу често ги слушам на Светата тајна Исповед.
За ова толку, а за соништата нè поучува еден од најголемите аскетски писатели и свети отци на Црквата, свети Јован Синајски кој вели:
„Демоните на суетата се пророци во сонот. Бидејќи тие со своето лукавство според одредени знаци заклучуваат што ќе се случи, ни го јавуваат тоа однапред, за ние да се восхитиме кога тие виденија во сонот ќе се исполнат на јаве, со што би почнале за себе високо да мислиме – како веќе да сме близу до дарот на прозорливост. Таквиот човек често станува пророк во очите на оние кои му веруваат на демонот; а за оние кои демонот го презираат таквиот човек е лажливец. Како дух, демонот гледа што се случува во водушниот простор и кога забележува дека некој на пример умира, тој тоа на лесноверните им го претскажува во сон. Демоните, меѓутоа, ништо не знаат за иднината по предзнаење. Впрочем и лекарите се во состојба да ни претскажат смрт!
Често демоните се преобразуваат во светол ангел и земаат лик на маченик, и во сонот ни претставуваат како да доаѓаме кај нив; кога ќе се разбудиме нè исполнуваат со радост и гордост. Тоа нека ти послужи како знак на измама. Бидејќи ангелите кога се јавуваат покажуваат вечни маки, страшниот суд и изгонување од Царството Божјо; оние кои се разбудиле од таков сон ги исполнуваат со трепет и смиреност.
Ако во сонот почнеме да им се покоруваме на демоните тие ќе ни се потсмеваат и во будна состојба. Човек кој им верува на сновиденијата, потполно е неискусен. Философ е, пак, оној кој воопшто не им верува“.
И на крајот, да заклучиме, дека луѓето кои посетуваат бајачи и гледачи, принесуваат курбан, веруваат во соништа и суеверија, се задојуваат со еден друг дух, и често доаѓаат во состојба на непослушание на својот епископ, а надвор од благодатната заедница со него нема Црква, ниту има побожен живот, ниту спасение.
митрополит Струмички Наум
Извор: Слово од Елеуса, Библиотека Домострој, Скопје 1996.