Зошто да одам во храм, кога Бог е во мојата душа?
Секој од нас има познаници, дури и роднини, кои со збунетост гледаат на нашите собирања во храмот. На нивните лица се оцртува длабоко неразбирање, а понекогаш и возмутување. Понекогаш тоа се излева во зборовите: „Епа добро, си се занел во верата, ако. Но, зошто да одиш во храм, колку време и сили да се трошат на тоа?! Еве, на пример, и јас сум верничка. Но, јас во душата верувам. Бог ми е во душата и немам потреба од никакви надворешни ритуали. Сети се како неодамна сатиричарот Михаил Задорнов рекол: ’За општење со Бога, никакви посредници не ми се потребни!‘“
Како на таквите луѓе да им се објасни нашето поведение? Како и секогаш, постојат два начина: напад и заштита. Критиката од таков вид на животна „философија“ не е тешка. На крајот на краиштата, се има доволно разум со здрава смисла, за да се сфати дека општеството, во кое шутовите (сега – сатиричари) се восприемаат како експерти во областа на богословието и духовниот живот, е многу болно. Како минимум, тоа боледува од губиток на чувството за хумор: тоа веќе не е способно да се смее, гледајќи како шутот се искачува на проповедничката катедра… Сегашното општество го смета за сериозно она, над што нашите предци се шегувале во седмиците кога се блажи…
Не вреди сериозно да се однесуваме и да веруваме во тоа дека „Бог е во душата“ на нашите критичари. Да, секако, таквата состојба претставува највозвишен идеал на духовниот живот. Тоа ни го посакувал уште апостол Павле: Чеда мои, кои пак со мака ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос! (Гал 4,19); да ви даде да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, и преку верата Христос да се всели во срцата ваши (Ефес 3,16-17).
Ако зборовите „Бог е внатре во мене“ би ги кажал преподобниот Серафим Саровски – тие зборови би имале тежина, бидејќи би биле чесно сведоштво за плодот на неговиот подвиг. Ако некој пустиник би кажал, дека се научил на непрестајна внатрешна молитва, и затоа одделеноста од храмот, што тој само ретко го посетува, не ја чувствува веќе, зборовите во таква уста, исто така, би биле оправдани.
Но, кога слушаме такви зборови од обичните луѓе… Тогаш имаме право да се заинтересираме: имено, како резултат на какви духовни подвизи Вие го достигнавте таквиот успех?.. Добро, тогаш барем кажете ни, како го доживувате присуството на Бога во Вашата душа? Какви плодови од даровите на Духот Вие чувствувате во себе? Еве, да Ви помогнам: А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста (Гал 5,22-23). Ги имате ли тие чувства? Не, не карактерни својства, туку дарови. Дар е она, што порано не сме го имале, но при духовното раѓање влегло во нашиот живот и го обновил. Не се сеќавате на таква обнова?
Дали во Вашиот душевен опит можете да разликувате: еве, ова е „присуство на Бога“, а, еве, ова е пројава на обични човечки квалитети: чувствување на убавината, хармонијата, чувството на совеста, човечката љубезност?.. Не можете? Значи, Вие не сте го забележале моментот, кога Бог, Творецот на Вселената, влегол во Вашиот живот и во Вашата душа? Зар може такво нешто да не се забележи? Значи, можеби, Он воопшто и не влегол?
Значи, можеби, сте се смешале и сте ја поистоветиле верата во Бога со присуството на Самиот Бог? Впрочем, почекајте, дали имате вера? Зашто верата не е едноставно пасивна согласност: „епа, добро, се согласувам дека Нешто такво има таму…“. Верата е стремеж кон тоа, дека ќе испадне вистина она, што душата решила да го возљуби… Верата не отстапува пасивно на притисокот на авторитетите или заклучоците; верата активно жеднее: „јас сакам, потребно ми е тоа да биде така!“
Верата е дејствување. Тоа е стремеж кон она, што веќе се претчувствува, но сè уште не станало очигледност. Стремеж кон она, што веќе се допрело до нашиот живот, фрлило свој одблесок во него, но сè уште не влегло во него целосно… Верата е желба за нов опит. Но, оние кои велат: „Јас си имам своја вера и таа ми е во душата“, тоа го говорат со такви замаглени очи, што е тешко да се поверува дека тие некогаш почувствувале стремеж кон Бога.
Не можеш да љубиш, без да ја пројавиш својата љубов, без да направиш макар некакви движења кон љубениот човек. Исто така не можеш да веруваш, без никако да ја пројавиш својата вера во надворешни дејствија. Розата што ја подаруваат на љубената, сама по себе нејзе не ѝ е потребна. Тој цвет нејзе не ѝ е мил по својата сопствена убавина, туку по оној одблесок, што на него го оставила љубовта на оној кој го подарил. Купените цвеќиња и подарените цвеќиња на сосема различни начини ја оживуваат собата. Ако човекот тврди, дека тој љуби некого, но ништо не прави во име на својата љубов: не бара средба, ништо не подарува, не одделува време за општење, ништо не жртвува – значи, тој едноставно се фали пред своите веќе вљубени другари: „еве, и јас со ништо не сум полош, веќе и јас имам возљубена!“
И така, вие кои тврдите дека „Бог ви е во душата“ – што направивте за да ја очистите својата душа за толку чудесна Посета? Како и со какви имиња Го повикавте? Како Го чувате во себе? Што се променило во вас од таа Средба? Дали Го засакавте Оној, Кого Го сретнавте? И што правите заради таа љубов? Ако овие прашања ве ставаат во збунето молчење, затоа барем не сметајте се себеси повозвишени од оние, што барем нешто прават за тоа да бидат со Бога! Вие кои вечно стоите – не презирајте ги оние кои се движат, макар и да се препкаат!
Такви прашања може да се дадат на оние, кои својата мрзливост ја оправдуваат со својата лажна „духовност“.
Но, важно е и ние самите да сознаеме – зошто одиме во храмот. Да ја слушнеме проповедта? За тоа денес може да се вклучи радиоприемникот. Да се помолиме? Да се молиме може секаде и во секој час. Освен тоа, токму таков е советот на апостолот: Молете се непрестајно. Да дадеме прилог? Собирачи на прилози денес има многу и на улиците. Да дадеме список за споменување? Него може да го предадеме преку познаниците. Да запалиме свеќа? Неа може да ја запалиме и пред домашните икони. И така, зошто, сепак, одиме во храмот?
Исто така, некои луѓе велат, дека ако сакаат да се помолат, тие одат во шума, при река или море, и таму, во Богосоздадениот Храм, полесно им е да го почувствуваат величието на Творецот и да Го прослават. Зошто, велат тие, од бескрајниот Храм да влегуваме во тесните сводови на ракотворниот храм?
ѓакон Андреј Кураев
Г.Г.
многу убав тект, едвај чекм да го прочитам продолжението, единствено што ме загрижува што моите ближни кои ми го поставиле ова прашање се ,,премногу зафатени” за да го прочитаат овој текст,
имено кога им го препорачав , одговорот беше ,… ,,ако имам време ке го погледнам”… па , останува да се помолиме за нив. Христос помеѓу нас !