Човекот и неговиот компјутер или компјутерот и неговиот човек? (2)
– А каков е, воопшто, односот на Патријаршијата кон Интернет и кон развојот на информационите технологии?
– Па, односот е многу своеобразен. Се работи за тоа, што кога Интернетот влезе во нашиот живот, пред осум години, тој збор во црковната средина беше навредлив. Само во неколку периферно-православни списанија се појавија статии со наслови од типот на „Интер-тенет“.
Од една страна, тоа беше некоја потполно разумна внимателност пред лицето на сè ново, а од друга – реакција на тоа, што Интернет го стигна судбината на секоја новина: обично во сите нови пукнатини проникнуваат активни дејци и расипници. И токму со плодовите на нивната дејност најпрво се сретнуваш на Интернет. При првиот обид за влез во Интернет, почетникот се наоѓал на најрекламираните, најотвораните, најнаметливите сајтови, т.е. на порно страниците. Потоа тој за тоа им раскажувал на своите сокласници; на крајот на краиштата, информацијата доаѓала до парохиите и таму се оформувал впечаток, дека Интернет е само ѓубриште во кое, освен ѓубре, ништо друго не може да има.
Интернетот е светско место за сплетки. Впрочем, сплетките секогаш постоеле. Интернетот е добар затоа што тој нив ги фиксира и чува. Еве овие денови најдов сплетка за мене од Израел:
„Како што е познато, ЕБН (Елцин) неодамна беше овде кај нас, на посета во Ерусалим и Бејт-Лехем. На телевизијата неколку пати се повторуваше еден кадар: ЕБН поставува свеќа во храмот, до него е неговата жена, а зад грбот му се мота некое духовно лице, елегантно пополнето. Кога ЕБН никако не можеше да ја постави свеќата, истото тоа лице се гурна напред, го подгурна Наин, ја зема свеќата од ЕБН и му помогна да ја постави за да стои. Но, тоа лице потоа го снема, и само на третиот или четвртиот пат (а тоа се повторуваше и низ Израел, и низ Русија по неколку пати, зашто тој кратко беше во црквата и нема многу снимки од таа визита) јас сфатив, дека човекот кој беше зад грб на ЕБН му беше тутор нему од лицето на РПЦ. Ѓаконот Кураев. Нека ме снема, ако грешам. Дали Вам, господа, Ви зборува нешто тоа презиме? Еве, Реј Бредбери имаше такви пожари. Во старо време пожарите ги гаснеа, но овие ги палеа и ги рашируваа. Ете таков е и христијанинот Кураев. Неговиот сајт, велат, има пароли за своите многу посурови од РНЕ. По пожарот, не заборавајте го, Руси! А она на телевизијата е знак и послание, без сомнеж, како од книгата на Макијавели. Реторички прашања: Кој го поставил него во делегацијата и го ставил пред камера? И за кого е тоа послание? Дали знаел дедото (прашањето е неважно)? Дали знаат почитуваните господа, дека се слуша оти овој ѓакон е платен политички консултант на Зјуганов? А како да се разбере тоа, што Абрамович и БАБ (Берзовски) во денот на думската алијанса оделе прегрнати и гласаа за алијанец? А БАБ уште многу пред тоа го забележаа дека е во блиски контакти со Зју? Што испаѓа – дека БАБ, Абрамович, Зјуганов, Путин, Елцин, Кураев, а? Особено добро изгледаат БАБ и Кураев, заедно сликани, тоа нема да Ви изгледа многу естетски свежо! Уште малку да го продолжиме синџирот, БАБ – Беркашов, уште попикнатно! Пријатен апетит!“.
Сурово! Јас не бев во Израел во денот на посетата на умировениот Елцин таму. Никогаш не сум се сретнал со Зјуганов и не сум го консултитал КПРФ, не водам никаков таен сајт… Но, сето тоа е проза. А зошто со неа да се руши толку восхитниот лет на исфантазираната сплетка?
Така што, првичната негативна реакција на црковните луѓе кон Интернет е објаснива. Нешто друго е малку објасниво. Самото духовништво е неедномислено – во него има луѓе со различен стил на мислите и на животот: има луѓе кои се ориентирани потрадиционално, конзервативно, но има и свештеници, кои декларираат отвореност кон современиот свет, кои се настроени кон реформи и кон зближување со западниот свет. И во такви услови е сосема природно, што токму тие свештеници (на пример, наследниците на отец Александар Мењ) нема да имаат алергија од Интернет, и затоа на Интернет Православието ќе биде претставено преку сајтови од, имено, таквите проповедници, а не од проповедниците на конзервативниот табор.
Парадоксот е во тоа, што сè се случи обратното од очекувањата. Последниве две години стана јасно, дека најпрофесионално создадени и најпосетувани религиозни сајтови во рускојазичниот Интернет се сајтовите на конзервативните богослови, на конзервативните црковни институции и на манастирите. А сајтовите, кои беа создадени од свештеници од „недогматски“ правец, и кои се појавија подоцна, се покажаа помалубројни и, освен тоа, тие премногу се обратени на самите себе, на своите внатрешни проблеми: кој што напишал за тие кружоци, како реагирал, како критикувал и „како ние на тоа одговоривме“. И, притоа, отсуството токму на она, што го прави Интернетот жив, т.е. „форумноста“.
И во тоа е парадоксот: оние, кои ја декларираа својата приврзаност кон демократијата, ја избраа најконзервативната форма на присуство во Интернет, којашто не дозволува дијалог. Напротив, оние богослови, проповедници, свештеници, кои ја декларираат својата приврзаност кон традицијата, а често и едноставно монархиските гледишта, токму тие се покажаа способни да создадат сајтови, на кои можат да присуствуваат секакви луѓе (освен сатанисти – ние имаме такво правило: сатанистите веднаш ги „замрзнуваме“) – и да водат дискусија, почнувајќи од атеизмот, па сè до новите секти од типот на мормоните или теософите. Во тоа јас го гледам парадоксот во релациите помеѓу Црквата и Интернетот.
Што се однесува, пак, на односот на црковното началство, овде на нашата Црква добро ѝ тргна. Есента 1999 година, на мисионерскиот конгрес се слушна многу важно расудување на патријархот Алексиј: „Ние сме должни поактивно да го освојуваме мисионерскиот простор на Интернет“.
ѓакон Андреј Кураев
Г.Г.