Компјутерот и богослужението

rsz_1kompjuter_molitva

– А каква е Вашата прогноза за развојот на компјутерите и информационите технологии по пет години? Како ги гледате по пет години односите: компјутер – информационо општество – Црква?

– Па, бидејќи за пет години ќе бидам сосема стар и болен, многу би сакал да можам да држам предавања во Интернет-универзитет, за да не морам да патувам со метро до Универзитетот, а да можам да седам овде, дома, а во виртуелната сала пред екраните на мониторите да се собира аудиториумот од студенти, кои се интересираат за курсот, и со нив спокојно би комуницирал во режим on-line. Но, за пет години, мислам дека тоа нема да се случи во Русија (иако во Америка веќе постојат такви универзитети). Разберете дека јас сум човек, на ваш жаргон речено, „труп“, за мене компјутерот е само голема машина за пишување. Така што, поштедете ме од прогнози во таа област, којашто лежи многу далеку вон пределите на мојата компетентност.

– Кога сме кај тоа, дали е можна интернет-богослужба?

– Сметам, дека со време компјутерот ќе ѝ стави крај на една од најпочитуваните православни професии – она што се нарекува „типичар“. Црквата живее според два календари. Има соларен календар – тоа се празниците Божик, Благовештение, Преображение, кои секогаш се празнуваат на еден ист ден. А има лунарен календар – од него зависи почетокот на Великиот пост, Прочка, Пасха, Троица. И секогаш се појавува проблем на усогласување на тие два календари. Затоа во нашиот Устав (Типикон) специјално се пропишува што да се прави, ако некој ден се падне во недела или во среда, плус корекциите за секој храм во зависност од тоа, кому тој е посветен. Има скелет на службата – песнопенијата, кои се повторуваат секој ден, има песнопенија, кои се повторуваат еднаш во два месеци, а има и такви, кои се пеат само еднаш во годината. Многу е сложено сето тоа меѓу себе да се усогласи, треба да се познава специјална технологија…

– Алгоритам…

– …да, според кој сето тоа треба да се постави. Така, луѓето што тоа го знаат – „типичарите“– секогаш уживале голема почит во парохиите. Но, следниве години, мислам, дека ќе се појави компјутерска програма, која великолепно ќе се справува со тоа.

Што се однесува до интернет-службата… Јас мислам дека ќе има. Зашто веќе постојат телевизиски преноси на службите, и тоа е нормално. Но, треба да се помни – тоа е за оние што не можат да одат во црква: поради децата, сопствената болест, или заради згрижување на болни, или, пак, поради оддалеченоста на храмот. За таквите луѓе, безусловно, телепреносот, радиопреносот, интернетските служби се потребни. Но, за човекот е важно самиот да учествува, а не просто да набљудува отстрана. На Литургијата ние се причестуваме со Телото и Крвта на Христа, и тоа не може да се случи во виртуелната реалност.

Да кажеме вака, преку Интернет можеме да направиме сè што можеме да направиме пред Бога: можеме да пратиме донација за храмот, да слушнеме проповед, можеме да предадеме запис за здравје. Но, преку мрежата не се предава она, што Бог му го дава на човекот лично – Неговата благодат, Причестувањето со Неговото Тело и Крв.

– Значи, може да се каже вака: православниот човек треба да го восприема компјутерот многу спокојно, како некој прибор што во неговиот живот внесува дополнителен комфорт, а неправославните треба поспокојно да ги прифаќаат излетите на некои луѓе, коишто, нарекувајќи се себеси православни, сметаат дека може да ги осудуваат сите, затоа што не се во соодветност со нивните претстави?

– Јас мислам, дека сè е малку посложено. Да, компјутерот внесува определен комфорт, но Интернетот е нешто повеќе, тој не е само некој комфорт, туку и зона на опасност, затоа што онаму каде што нема да палиме свеќи, таму ќе се распространува темнината. И затоа Интернетот е простор на работа и одговорност за христијанинот. Како и секое друго место, во коешто луѓето доаѓаат.

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел    Трет дел    Четврти дел

Петти дел    Шести дел    Седми дел    Осми дел

Деветти дел    Десетти дел   Единаесетти дел

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *