Јоана, жената на Хуза

joanaОд сите четворица евангелисти, само Лука ја раскажува приказната за судското појавување на Исус пред Ирод Антипа во денот на Распетието (23,6-12). Ова е истиот Ирод што Лука го спомнува на почетокот од своето Евангелие, при почетокот од службата на Јован Крстител (3,1). На тој начин, во литературната конструкција на Лука, овие две референци на Ирод Антипа служат како рамка на Исусовата јавна служба, која, како што Евангелистот внимателно забележува, траела сето време додека пребиваше и општеше со нас Господ Исус, почнувајќи од крштението на Јован до денот кога се вознесе од нас (Дела 1,21-22).

Лука ни кажува и за тоа како непријателството на Ирод Антипа кон Исус (сп. Лк 13,31) подоцна било упатено против Исусовите ученици (сп. Дела 12,1.11). Вистина е дека договорот на Антипа и Понтиј Пилат, којшто бил запечатен за време на Исусовото судење (Лк 23,12), Лука го сметал како исполнување на Давидовото пророштво (Пс 2,1-2) за собирањето на светските водачи против Господа и против Неговиот Помазаник (Христос) (Дела 4,25-27).

Забележлив е фактот дека Лука, кога ни раскажува за појавувањето на Исус пред Антипа на Велики Петок, тој прави нешто повеќе отколку само да го спомне настанот. Тој оди во некои детали за тоа како Ирод со војниците свои, откако Го понизи и Му облече светла облека, Го прати пак при Пилата (Лк 23,11). Овој опис покажува дека Лука имал пристап до сведоштво на очевидец на настанот, настан на кој, колку што знаеме, немало присутен христијански ученик. Историчарот со право би прашал, како Лука ги знаел овие нешта.

Освен тоа, како додаток на овие надворешни предмети на нарацијата, Лука дури укажува и на мотивот и на внатрешното расположение на Антипа, велејќи дека тој се зарадува многу, бидејќи одамна имаше желба да Го види, зашто беше слушал многу за Него, па се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него (23,8). Повторно историчарот соодветно би се зачудил, како Лука бил запознаен со овие емоции. Кој бил изворот на овој материјал, извор кој очигледно не бил достапен на другите евангелисти?

Самиот Лука ни дава некакво укажување како одговор на ова историско прашање, кога спомнува за извесен Хуза, опишан како „настојник“ на Ирод Антипа. Подвлечената грчка именка тука е епитропос, истиот збор што се користи за настојникот на господарот на лозјето во Мт 20,8, но во контекстот на Лука најверојатно станува збор за висока политичка служба, како главен на персонал.

Не е тешко да се поверува и да се претстави, дека таква личност била присутна кога Исус бил доведен пред Ирод Антипа. Всушност, токму ваква личност би очекувале да биде присутна во приликата, кога Ирод бил во Ерусалим да ја надгледува Пасхата. Потоа, Хуза исто така е таква личност која би очекувале да биде запозната со самите мисли на Ирод, неговите чувства и мотиви по однос на Исус.

И како информацијата од Хуза дошла до Лука? Најверојатно преку жената на Хуза, која Лука ја поставува меѓу галилејските жени кои патувале со Исус и апостолите, и кои Му служеле со нивните имоти (Лк 8,3). Јоана, која само Лука од евангелистите ја спомнува по име, со сигурност била неговиот специјален канал на информацијата, која очигледно само тој од евангелистите ја имал. Омажена за добро позиционирана политичка фигура во Галилејскиот двор, Јоана очигледно била богата жена, која ги употребувала нејзините ресурси за да го обезбеди патничкото служење на Исус и апостолите. Делувајќи како таква, таа сигурно била добро позната помеѓу раните христијани. Сепак, само Лука ја спомнува по име, факт кој како да покажува дека тој ја интервјуирал при пишувањето на Евангелието.

116624.p

Можеме да претпоставиме дека прилепувањето на Јоана кон Исус не било без тешкотии за нејзиниот семеен живот. Таа била жена на висок политички службеник, која поддржувала Некого Кој ќе умре како политички криминалец.

Во секој случај, нејзината лојалност била високо наградена, бидејќи воскреснатиот Господ ја видел подобна да ја приброи меѓу светите жени мироносици, кон оние изненадени жени кои дојдоа на гробот носејќи ги приготвените мириси, го нашле каменот одвален од гробот, потоа се поклониле пред двајцата ангели, гласници на Пасхата, а потоа ги раскажале овие нешта на апостолите (Лк 24,1. 5-7.10). Очигледно Јоана имала што да му раскаже на својот сопруг Хуза, подоцна истиот ден.

отец Патрик Хенри Рирдон

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *