Слово за абортусите

rsz_efrem

Абортусот е еден вид убиство, кое се извршува во целиот свет и тоа обично без никакво чувство на вина. Тоа е широко распространета медицинска практика, која е поддржана од многу држави и раководни организации. Бројот на неродените деца, што се убиваат во утробите на сопствените мајки низ целиот свет, надминува 50 милиони годишно. Толку убиства немало во сите светски војни. Во Грција секоја година  се извршуваат по 300 илјади абортуси, од кои 50 илјади ги вршат девојки под 18 години. Се надевам дека во Русија нештата стојат подобро. Во секој случај, нас на Света Гора ова прашање нè загрижува и вознемирува.

Осветовената култура на нашето време не гледа и не признава никакво зло во абортусите. Современиот постмодернистички човек со голема леснотија и без чувство на вина извршува абортус. Новата етика, којашто се утврдува од страна на современата култура, е биоетиката на глобализацијата. Тоа е најнеморалниот морал кој се заснова на користољубие, надворешна благосостојба, рационализам и законот на буквализам и кој дијаметрално е спротивставен на христијанската етика. Дури и термините во овој морал се употребуваат на начин, со кој се сокрива реалноста и се воведува човекот во заблуда. На пример, за абортусот е усвоен терминот „вештачки прекин на бременоста“, за човек да помисли дека станува збор за нешто многу лесно, божем стискаме копче и го исклучуваме светлото.

Во нашите дни, со преогресот на биологијата и медицината, со подобрувањето во областа на биотехнологијата и дешифрирањето на генетскиот код, се појавија големи можности за сè што се однесува на детераѓањето. Зар некој мисли дека сексуалната и контрацептивната контрола, можноста на избор на пол и видоизменување на ембрионот често не водат кон абортус? Тука не може да има никакви оправдувања. За човекот кој живее во сладострастие, невоздржано себељубие, кај кого умот е повреден од гревот и страстите – сè му се дозволува. Но, дали сето тоа му е од полза?

Така вели и апостолот: Сè ми е дозволено, но не е сè полезно. Човекот има вечна димензија. Тој по благодат ја има бесмртноста на Бога, затоа сè што тој прави во животот, има одѕив во иднината – или за вечна погибел или за вечен живот.

Нашата Црква и сите свети отци велат, дека од моментот на оплодување веќе постои полноцен човек. Од моментот на зачнувањето постои цел и полноцен човек како психосоматско, т.е. душетелесно суштество. Зачнувањето на човекот се смета како продолжение на создавањето на првиот човек од страна на Бога. Таа творечка активност, според православното учење, продолжува во секое зачнување на човек – секако, преку Божјата благодат и содејството на родителите. Оттука станува јасно дека ембрионот не е дел од мајчиното тело како, на пример, туморот, кој органски припаѓа на телото и може да биде отстранет за негово исцеление.

Foetus_450

Ембрионот, или подобро речено – човекот, гостува во телото на мајката преку благодатта Божја – целосен живот во друг живот! Само по себе се разбира дека никој нема право, дури и самата мајка, да го лиши од живот другиот, поинаку речено – да изврши убиство. Православната црква никогаш не дозволувала да се извршуваат абортуси и тоа го сметала за смртен грев. За да се добие прошка за овој грев, човекот задолжително треба да го исповеда и да понесе соодветна епитимија. Уште од апостолските времиња абортусот се прибројува кон сериозните гревови. Во учењето на апостолите „Дидахи“ читаме: „Не убивај, не прељубодејствувај, немој да бидеш мажеложник, немој да бидеш блудник, не кради, не вражи, не ги умртвувај децата во зародишот и роденото не го убивај“.

Сите треба добро да разберат, дека духовниот закон секогаш функционира, сакале ние или не. Современиот човек го избегнува крстот на детераѓањето или многудетноста – коешто претставува голем Божји благослов – и преминува кон крстот на бездетноста. И многу двојки, коишто за решавање на проблемот на бездетноста прибегнуваат кон вештачко вмешување во процесот на детераѓањето (што е погрешно, водејќи ги во заблуда, нарекувајќи го помошно), тие наидуваат на многусложни безизлезни етички дилеми.

Ние се молиме, Господ да ги просвети сите луѓе на земјата, за да разберат дека абортусот е истозначен на убиството, дека абортусите е неопходно да се избегнуваат во секоја ситуација.

Игумен на сечесната, свештена и велика обител Ватопед

архимандрит Ефрем

и со мене браќата во Христа

6 јули (23 јуни ст. ст.) 2011 година, обител Ватопед

Извор: pravoslavie.ru

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *