Дали разумот е неопходен за спасение? (1)

„Оставете ја неразумноста, и ќе живеете; одете по патот на разумот.“ (Изреки 9,6)

Денес кај нас се појавува некој чуден однос кон разумот. Често од амвонот можете да чуете: ѓаволот дејствува преку умот, затоа на умот не треба да му се верува, преку него се оправдува секоја лага.

„Затоа треба да веруваме само на нашето срце, а на умот во никој случај. Потребно е Црквата умот да го отфрли на страна, тој само нè спречува да се молиме и да се спасиме“. Ова мислење е прифатено бидејќи така учеле светите отци. Но дали е тоа така?

Ако убаво ги протолкуваме текстовите на светите отци, можеме да видиме дека нема никакви изјаснувања против умот. Напротив, на умот му се придодава голема и важна улога во аскетското подвижништво. Свети Григориј Палама пишува: „Образот не се наоѓа во телото, туку во умот, повозвишениот дел на човечкото битие. Кога во човекот би имало нешто повозвишено од умот, тогаш „образот“ би се наоѓал таму. Него го поддржува и свети Григориј Богослов, тој смета дека душата е некоја Божествена струја која ни доаѓа од небото… а нејзин владетел е умот. Преподобниот Макариј Велики го нарекува умот „управител на срцето“, а преподобниот Антониј Велики го возвеличува како „орган на духовниот раст“. „Умот и зборот се Божественост“ – вели свети Григириј Ниски, „во самиот себе гледаш и збор и разбирање, поддржување на вистинитоста на умот и зборот“.

praying-spirit

Затоа отците советуваат да го „вежбаме“ умот, за да биде светол и чист и да може правилно да расудува што се бара од нас, да ја очисти душата од страсти и да ја украси со добродетели“. Умот е неопходен за да се исчисти душата од страстите. „Страста е неразумна љубов“ вели свети Максим Исповедник. Избавување од страстите е можно само преку разумот, приведување на неразумната љубов кон разумна, или стекнување зрелост во душата, која го отстранува нејзиното слепило. Но, „умот е во душата“ вели преподобниот Јован Дамаскин, е исто како и „очите во телото“, тој е „дух“ кој созерцува што се случува во душата. Затоа тој ја избавува душата од слепилото и ја лекува од страстите. Очистувањето од страстите претставува најважна задача во делот на спасението, зашто умот поседува и сотириолошко (спасително) значење. Со помош на умот доаѓа до обожување на човекот. Свети Григориј Палама вели дека умот најпрво се присоединува со Божјата светлост, а низ неа и телото постанува подобно на светлоста. По редоследот на важноста, размислувањето со умот се наоѓа на второто место, веднаш после молитвата. Свети Никодим Светогорец поучува: „Целото слободно време после молитвата, употребувај го за читање и размислување“.

gregory-palamas-aghioritis

Таквиот однос на светите отци кон разумот потекнува од Светото Писмо. Почеток на мудроста е стравот Господов, и познавањето на светиот е разум (Изреки 9,10) поучува Соломон. Ако со помош на разумот може да се спознае светото, тогаш неговото значење во духовниот живот е непроценлив. Затоа стекнувањето на разум, во Светото Писмо се подразбира како благословено дело, кое го води човекот кон блаженствата (Изреки 3,13). Апостол Павле, обраќајќи им се на Ефесјаните, ги моли да не живеат веќе како што живеат незнабожците, по суетата на својот ум (Ефес 4,17). Тој ги повикува да го отфрлат од себе стариот човек кој се распаѓа во измамливите желби, за да се обноват со духот на својот ум и да се облечат во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината (Ефес 4,22-24). Треба да се потенцира дека облекувањето во нов човек, апостолот го поврзува со обновувањето на умот. Секако новиот човек е должен да биде со зрел разум. Браќа, по умот немојте да бидете како деца; за злото бидете младенци, а по умот зрели (1Кор 14, 20), ги поучува апостолот Коринтјаните.

Според мислењето на апостол Павле, умот е должен да учествува во молитвата. Ќе Му се молам со дух, ќе се молам и со ум (1Кор 14,15). Овие зборови не можат да се согласат со тврдењето на некои свештеници дека умот за време на молитвата треба да биде исклучен. Затоа според нивното мислење црковнословенскиот јазик е добар, бидејќи текстот е неразбирлив и умот не зема учество во молитвата. По таа логика, уште подобро ќе биде да се молиме на латински јазик или на јазик на некое афричко племе, па тогаш ништо нема да биде разбирливо и умот нема да може да се вклучи во молитвата.

„Во човекот се умот, зборот и духот и ниту умот може без зборот, ниту зборот без духот, туку секогаш се еден во друг, сами по себе. Умот говори со посредство на зборот, а зборот се пројавува со посредство на духот“ – вели свети Григориј Синаит. Со ова се потврдува дека, ако навистина го исклучиме умот од молитвата, тогаш таквата молитва не може да биде духовна.

(продолжува)

свештеник Владимир Соколов

Од книгата: „Младостарчество и православна традиција“

Подготвил: ѓакон Никола Митевски

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *