Човекот е она што го јаде

Кога Фоербах за прв пат ја искажа оваа радикално материјалистичка мисла, ставајќи равенство меѓу човекот и содржината на неговиот дигестивен тракт, тој мислеше дека преку неа за секогаш е раскрстено со философскиот идеализам. Сепак, неговата намисла во себе содржи најмалку две заблуди. Прво, тој воопшто не беше првиот кој на овој начин го дефинира човекот, тоа пред него веќе го беше направила Библијата, а второ, идејата дека „Човекот е она што го јаде“ го изразува најдлабокиот религиозен хуманизам кој не е омеѓен ниту од доктрините на философските школи, ниту од личните теолошки погледи на определени учители. Со оваа контекстуализација отец Александар Шмеман ја започнува својата исклучителна книга „За животот на светот“. Човекот е она што го јаде. За современиот човек тоа може да биде само една луцидна метафора, наследство од древните и храбри епохи кога луѓето гласно размислувале, пред да бидат замолчени со посредство на електронските огништа – телевизирите. Но, културата на исхраната или барем самата физичка потреба од храна и денес останува мошне важен сегмент од нашето постоење, а со тоа, и горе споменатата философска мисла е нешто околу што повторно и повторно треба да размислуваме.

Човекот не престанува да биде гладно битие. Гладот, во таа смисла, се артикулира на различни начини. Она што е општо и универзално е дека човештвото гладува. Еден дел, а тоа е третиот свет, гладува не по личен избор, туку заради дебалансот во материјалните добра, кој од самиот почеток на нашата цивилизација ја раслоил човечката заедница на класи. Потоа, вториот свет гладува по личен избор, во форма на разновидни диети, макробиотичко пургерство, страв од генетски мутирани прехрамбени производи и т.н. Првиот свет пости. Сите имаат добра причина за нејадење, а човекот сепак е она што го јаде и, би додал, тој е и она како јаде.

Човештвото генерално, а особено оној во многу што наш најважен дел, младите, секојдневно ја конзумира таканаречената брза храна. Тоа не е храна која брзо се подготвува или брзо поминува низ телото, туку само брзо се јаде. Во движење. Во трчање. Во корелација, пак, со Фоербаховата крилатица овој факт добива загрижувачки, апокалиптички димензии. Дали тој фаст-фуд или џанк-фуд (ѓубре-храна) како популарно се вели, е навистина образот на човештвото денес? Безлична и обезличнувачка храна која се купува на секое ќоше и се голта набрзина, без внимание, без културен однос. Зашто сите важни нешта во животот на човекот, а ова е универзална премиса, се случуваат на трпеза. Од раѓањето до смртта, сè е поврзано со културата на исхраната, или ако сакате со култниот, т.е. свештениот однос кон она што го јадеме. Во раскошноста на човечките култури: формата, бојата, соодносот, симболиката, начините на подготовка и многу други чинители во земањето на плодовите од природата и нивно претворање во храна се клучните генератори на цивилизациите. Придобивката не е само во разнообразните зборници со рецепти на националните кујни, богато украсени со колор фотографии. Денес, ние го јадеме светот набрзина. Без ред. Без свештен трепет. Ваквата (не)култура на исхрана нè прави уништувачи не само на светот, туку и на сопственото битие: на телото, на свеста и на добриот обичај.

eve-adam-sin-world

Еколошките идеологии и стравот од неповратно уништување на сината планета и нејзините природни ресурси кај многумина предизвикува потреба да го делат светот на чист и нечист. Овој повампирен дуализам отфрла значителен дел не само од природата, почвата, флората и фауната, туку и од човештвото во полза на идејата за чиста околина за мене и за моите. Стравот од контаминација на телото оди до таму што се измислуваат најбизарни методи за проверка на чистотата или методи за очистување на сето она што се внесува во организмот. На психолошко ниво ваквиот однос создава патолошка потреба да се оградиме и изолираме од оној загадениот свет. Параноја. Од валканата храна. Од валканите луѓе кои ја произведуваат и употребуваат. Овој феноменален антипод на генерациите пек-мени кои се хранат со брза храна се создавачи на една сосема нова идеологија и култура на исхрана. Храната за нив не е културен ентитет туку идол. Новите пагани обожувачи на макробиотиката, генетски исправната храна, ослободена од било каква хемија, со разбирливото чистотништво во себе го внесуваат и отровот на солипсизмот. Таа саможивост, пак, ги тера да се плашат од оние другите, нечистите, или од она другото, нечистото. Но, не е доволно само јас и моите да бидеме чисти, да јадеме чисто, да живееме чисто. Тоа го заслужува и целиот свет. Идолопоклоничкиот однос кон чистата храна, конечно, исто како и индиферентноста на конзументите на хамбургерите и хот-договите, подеднакво го расипува добриот обичај кој нè потсетува дека сме она што го јадеме.

Сега е време на пост. Всушност, секогаш е време на пост. Нели рековме дека човештвото глобално гладува. Но, дали постот е просто гладување? Според библиската повест, првиот човек, Адам, и првата човечица, Ева, од Бога добиле заповед да се хранат од сите прекрасни плодови во Едемската градина, освен од дрвото на познанието на доброто и злото. И тоа е првата заповед за пост. Ова историско, или поточно предисториско место, со векови предизвикува огромни дилеми за човековото рацио. Зошто Бог воопшто го посадил во рајската градина тој камен на сопнување за нашите предци, особено кога знаел дека тие лесно можат да бидат заведени од неговата убавина и да паднат во непослушание? Дали рајот е совршен со присуството на ова дрво? Која е потребата од таква искушувачка заповед? Одговорот секако не е во „генијалното“ прогласување на Бога за сеирџија. Човекот, и во овој примордијален случај, требаше да покаже дека е она што го јаде. Послушно битие? Добро битие? Разумно битие? Слободно битие? Секој нека одбере според верата и силите на свеста. Послушно битие и слободно битие истовремено, зарем е тоа можно? Постот, пак, на еден парадоксален начин е сето тоа. Ако немаше заповед за селективност во исхраната, слично на денешната џанк-фуд индиферентност, како човекот ќе ја реализираше својата разумност? Со што ќе покажевме и ќе си покажевме дека сме разумни? Со што ќе се разликувавме од останатите живи суштества, ако јадевме сè што ќе ни дојдеше под носот? И неразумните пчели со својата селективност ќе беа посовршени од нас. Потоа, како ќе ја изразевме својата апсолутна слобода, ако немавме можност да непослушаме? Не самото непослушание, се разбира, туку можноста да избереме ни го даде вкусот и опитот во богоизворната слобода. Постот е послушание, послушност, но послушност од љубов. Слободно избираме да се сообразиме со заповедта да бидеме селективни во она што го примаме во себе како храна. Слободно избираме да се сообразиме со добриот обичај. Јадењето нема власт над нас, не е цел за себе, ниту е загадување кое нè обезличува. Човекот е она што го јаде.

healthy-vs-junk-food (1)

Во автодеструктивниот диктат на либерализмот, современиот човек ги поистоветил слободата и непослушноста. Тоа се рефлектира и во културата на исхрана. Точно е тоа дека и самите можеме да си зададеме некакво правило за пост, или тоа може да го стори некој нутриционистички гуру. Според бојата или формата. Денес, на пример, треба да јадеме само црвени, утре само бели, задутре само зелени плодови. Или, денес само елипсовидни, утре само издолжени, задутре повеќеаголни и т.н. Но послушанието мора да има смисла и таа треба да се базира на здрава онтологија. Постот има и свој телесен и свој духовен аспект. Духовниот пост секако е поважен. Инаку нема разлика меѓу постот, како израз на религиозната култура на еден човек или на една човечка заедница, и диетата. Човештвото гладува. За жал секое гладување не е пост.

митрополит Методиј Златанов

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *