Баукот на верската неписменост кружи низ Европа
Современиот дискурс за религијата изненадувачки добива сè поголем интензитет. И атеистите сакаат да бидат „религиозни“. Угледниот и влијателен хамбуршки весник „Шпигел“, во својот број од 07.06.2014 посвети тема за иднината на религијата, односно верата без Бога (“Die Zukunft der Religion: Glaube ohne Gott”), а друг хамбуршки весник „Цајт“, на насловната страница од својот број зборува за празникот Педесетница низ темата „Во потрага на благослов без Бога“. Во фокусот на овој текст станува збор за ритуалните обичаи надвор од Црквата во врска со раѓањето, венчавањето и смртта.
Сето тоа што е напишано во овие весници не мора да се толкува како висока културна дебата, но сепак симптоматично укажуваат на изразената тенденција во современата заедница на Западот, изложена на агресивна критика кон религијата. Нејзиниот злогласен антагонист Ричард Докинс (британски теоретичар на еволуцијата) е на прво место (Richard Dawkins: The God Delusion). Станува збор за потрагата и начинот на егзистенција, не верувајќи во суштината на религиозните заедници.
Вреди да се спомене и штотуку објавениот текст „верниците атеисти“ (“fromme Atheisten”)на реномираниот професор од Салцбург по фундаментална теологија Грегор Хоф, во месечникот „Herder Korrespondenz“. Оваа идеја не е целосно нова. Берлинскиот философ Херберт Шеделбах уште пред 15 години пишувал за „вернички атеизам“, а италијанскиот философ Марио Перинола неодамна пишуваше за „верата без догми“.
Во една неодамна објавена студија на двајца теолози од Цирих – Ingolf U. Dalferth и Andreas Hunziker, „Gott denken – ohne Metaphysik?“ – авторите се прашуваат „дали е можно без никакво чувство на Божјото присуство, Бог да се чувствува или замислува, односно Бог да не се замислува како било што, туку само како Бог Кој промислува?“.
Книгата на холандскиот атеистички пастор Клас Хендриксен „Вера во Бог кој не постои“ или пак францускиот философ Ален де Ботон „Религија за атеисти“ се на иста „бранова должина“.
Поплавата од книги со вакви или слични наслови и дијалози со квази-екуменски потенцијал помеѓу религијата и „спиритуалните“ и „харизматични“ групации, кои не се и не можат да бидат Црква, сведочат за агресивната кампања против религијата.
Клучна во овој контекст може да се смета книгата на философот Курт Флаш (еден од најдобрите интернационални познавачи на средновековната философија) „Зошто не сум христијанин“, со симпатии ги образложува различните фигури и модели на христијанското мислење, за на крајот, сепак, да дојде до заклучок, дека животот без Бога не е сосема бесмислен.
Во овој контекст ќе се потсетиме и на книгата „Глобални богови. На кој начин светот станува супермаркет на религии“ од Фридрих Вилхем Граф. Тој ја толкува религијата како широк спектар на алтернативни пазарни понуди, езотерични, спиритуални или џихадистички групи и групации, кои е тешко да се наведат како наследство на една голема религија. Накратко, тоа е како во супермаркет или глобален пазар, каде понудите се нудат на глобалниот свет. Локалните божества се минато, вели Граф.
Франц Ф. Вукетитс од Виена, теоретичар на еволуцијата, исто така објави книга насловена „Во што веруваат атеистите “, во која се изнесува атеистичка философија на животот, од која може да се определат принципите на моралот и етиката.
Во кој правец треба да ја усмериме дискусијата? Во оваа смисла предлозите се веќе формулирани. Германскиот евангелистички теолог Ханс-Мартин Барт, во својата книга „Неконфесионално среќен“ (“Konfessionslos glücklich”), наговести смер кон некакво „религиско-трансцедентно Христијанство“. Ова би можеле и да го наречеме исмевање на апсурдот од страна на апсурдот. Инспирацијата за таквите „тези“ авторот ги наоѓа во класиците на евангелистичката теологија како што се Карл Барт, Рудолф Бултман и Доротеј Зеле.
Баукот на верската неписменост (аналфабетизам) кружи во општеството без Бога на современа Европа. Современата дискусија за религијата веќе од поодамна е отворена и таа сега е предизвикана да ги понуди своите уверливи одговори. Сега на ред се богословите да ги употребат своите пера.
протоѓакон Зоран Андриќ
Извор: www.spc.rs
Подготвил: ѓакон Никола Митевски