Андреј Кураев: За носењето на марами во црква
– Ќе можете ли да го објасните задолжителното носење на долги сукњи и марами кај православните жени?
– Во посланијата на апостолот Павле е кажано дека жената треба да ја покрива главата во знак на власта што мажот ја има над неа. За што станува збор? Секоја култура има свој јазик на гестови и символи. Дури и поздравите се различни. Црковните луѓе се поклонуваат или целиваат, световните луѓе обично се ракуваат, во Сумер имало обичај при поздравот да се протрива носот. Па така и во културата на Блискиот Исток, во апостолските времиња, марамата на главата кај жената била обележје на нејзиниот брачен статус: девојката не носела марама, туку мажената жена (затоа нема смисла девојчињата да носат марами). Денес, ниту во црковниот свет, ниту во народната култура марамата веќе никако не укажува на семејниот и социјалниот статус.
Но, да се бара исполнување на обред, чијашто смисла веќе не е разбирлива за оние што учествуваат во него, значи да се фарисејствува. Уште полошо: понекогаш воцрковена жена насекаде оди во марама и покрај директните забрани од нејзиниот не толку црковен маж. И тоа е веќе трагикомично: знакот, којшто треба да биде израз на послушноста кон мажот, се носи токму спротивно на неговиот вкус и волја…
На тој начин се случува една глосолалија: збор или дејствие што немаат значење за оние што живеат со нас. Апостолот Павле во своите поуки на тема женска марама, рекол: Расудете сами. Светиот Златоуст расудува: „На мажот и жената им се дадени многу различни обележја, на едниот – на власта, на другиот – на потчинетоста, меѓу кои и она, жената да се покрива.“
Ако ние „расудиме“ и сфатиме, говорејќи со јазикот на светите отци, „во кој разум“ апостолот го кажал ова, тогаш следното прашање е прашањето за тоа, во која форма таа за нас разбирлива смисла најдобро да ја предадеме на современиот човек. Во денешната култура, истата смисла ја носи еден друг обред, еден друг надворешен символ. И ако апостолот Павле ги пишувал денес своите посланија, тогаш на јазикот на современата култура тој би напишал: жени, носете ги венчалните прстени дури и кога патувате во Сочи.
Златоуст, исто така, смета дека началникот и потчинетиот задолжително треба надворешно да се разликуваат – како во армија. Опитот на XX век покажал дека социјалната хиерархија и организација се запазуваат дури и тогаш кога луѓето не носат „мундир со чин“ и кога меѓусебно се нарекуваат „другари“.
Да, марамата на мажената жена е знак/обележје на нејзиното послушание. Понижувачки? Но ако се има љубов, тогаш за неа ќе биде радост, а не понижување, да му послужи на љубениот, да го исполни неговото барање.
Впрочем, кај апостолот Павле при објаснувањето на марамата има еден многу чуден аргумент: тој вели дека жената треба да носи покривало заради ангелите. Можеби тука има некое ехо од рабинистичкото предание, според кое ангелите, чијшто пад се споменува во шестата глава од книгата Битие, се прелажале токму од изгледот на долгите женски коси… Во III век, Климент Александриски, а подоцна и блажени Теофилакт Охридски, под ангели ги подразбирале „праведниците на Црквата“ – та тие, откако ќе ја видат женската непокриеност, да не паднат во блудни помисли…
Од аспект на догматското богословие, разбирливо е зошто овие толкувачи под зборот „ангели“ претпочитале да разберат луѓе: во православното поимање, слободата на ангелите има своевидна еднократна употреба. Ангелот само еднаш може да го направи својот избор и тој избор бил направен од ангелите уште пред гревопадот на човекот. Затоа е непотребно да се грижиме за безбедноста на добрите ангели: тие сигурно нема да паднат. Злите ангели веќе паднале.
Дали станува збор за ангели или за луѓе, како и да е, мене сепак ми е тешко да разберам, зошто светиите можат да бидат соблазнети имено од женската глава. Зар токму изгледот на женската коса предизвикува таква реакција? Затоа мислам дека во апостолскиот совет станува збор за покривало, кое со себе не ја покрива само косата на главата, туку и целото тело. Да, во апостолскиот текст воопшто не станува збор за марама или капа. Се работи за чадор. Таму цело време се употребува зборот „се покрива“ – katakaliptete, кое има нијанса на замотува. „Не рекол просто: да се поткрие, туку покрие. Т.е. треба внимателно да се покрие од сите страни“ (Златоуст). Во Византија, жените носеле имено чадор. Жените што излегувале оддома, не требало да имаат откриени делови на телото, кои би можеле кај мажите да испровоцираат мисла за „достапност“ на таа жена. Колку и да звучи бесмислено, жената во чадор е социјално заштитена – таа со целиот свој изглед покажува дека има заштитник, дека таа не бара „авантури“. Така што чадорот е една од мерките за заштита од сексуални агресии. И со ова, разговорот за марамите сосема природно преминува во разговор за долгите сукњи. Жената со кратки ракави, но со марама – сепак не е безбедно облечена.
И уште нешто, кога блажениот Теофилакт објаснува зошто мажот не треба да ја покрива својата глава или да има долга коса, тој кажува чудесно нешто – „Оној што е создаден од Бога слободен и самостоен, но самиот се понижува како потчинет, Го срами Христа Кој е негова глава“. Чудесни зборови. Само што тие се во очигледна противречност со нашите црковно-државни навики: лигавење пред властите, поставување во понизна поза пред властодршците – тоа е неодделива и неизживеана карактеристика на византинизмот. Зборовите на блажениот Теофилакт великолепно би се запишале во културата на западноевропското витештво; но во источното христијанство, „честа“, нејзината одбрана и пазење никогаш не се вбројувале во списокот на добродетели. Во секој случај, никогаш на исповед на луѓето не им се поставувале прашања: „Дали си се подлизувал на началството? Дали си му ласкал? Дали си клечел пред некое овластено лице?“ Тоа не се сметало за грев и не се смета. Кај нас постои совет за сите времиња: „Целивај ја раката на злодеецот.“ Во една од украинските Богословии бил составен „Катехизис“, во кој мене ме запрепасти објаснувањето на зборот „лицемер“: „Лицемерот ги употребува надворешните дела на благочестието за да ја придобие почитта кај народот.“ Тоа што многу почесто се лицемери за придобивање на почит од властите (буквалното значење на грчкиот збор за лицемер ipokrisis се преведува како под-суден) останало премолчено…
И, секако, не смее а да не се забележи дека од строго симетричниот текст на апостолот Павле (во него се даваат забрани како за жените, така и за мажите), Православието уште одамна направило исклучок за мажите. На мажите им е веќе дозволено да носат женски долги коси и да се молат со покриена глава (монасите и свештенослужителите). Старците, кога „пророкуваат“, исто така не ги симнуваат своите камилавки, иако и тоа е на некој начин нарушување на апостолските зборови (Мажот што се моли или пророкува со покриена глава, ја срамоти својата глава). Знаејќи го ова, па и самиот имајќи доволно долга коса, јас сепак не се решавам строго да барам од жените буквално исполнување на оној совет на апостолот Павле, којшто и самиот го нарушувам…
ѓакон Андреј Кураев
Извор: Церковь в мире людей, Москва: Издание Сретенского монастыря 2006.
Превод од руски: ѓакон Георгиј Глигоров