Отец Андреј Дудченко: Литургијата да биде политургиска

Трет и последен дел од написот

rsz_liturgija3

Впрочем, во нашето парохиско богослужење, ние имаме еден вид на Литургија. Дозволете да ви пренесам една моја опсервација од парохиската пракса. Јас сум сведок на вистинска Литургија во нашата црква – станува збор за акатистот. Тој е вистинска Литургија, затоа што народот е навистина инволвиран во службата. Прво, јазикот на повеќето акатисти е многу поедноставен, многу полесен и поразбирлив отколку класичните литургиски молитви и химни. Повеќето реченици на акатистот се кратки. Повеќето нови акатисти се напишани на (црковно)словенизиран руски јазик, отколку на црковнословенски. Исто така, народот ги пее рефрените. Тие учествуваат со разбирање и со пеење. Имам уште една причина да го опишам акатистот како политургиски од Божествената Литургија. Во недела, во мојата парохија службата започнува со акатист и во еден момент доаѓа свештеник да исповеда. За време на акатистот, луѓето ретко доаѓаат на исповед, затоа што не сакаат да ја напуштат службата. Но, воошто немаат проблем да побараат исповед за време на Божествената Литургија! Кога ќе започне Божествената Литургија, се случува еден вид на „свештена драма“ и настапува време кога луѓето можат да вршат приватни нешта, на пример, исповед. Така што, луѓето го искусуваат своето учество во молитвата на акатистот, но Литургијата ја доживуваат како нешто што се случува на сцена, а не нешто во што самите учествуваат.

Овој проблем го дискутиравме за време на последниот Киевски летен богословски институт. Еден свештеник забележа дека нашите парохјани учествуваат во Евхаристијата, но како индивидуи, а не како заедница. Како правило, парохјанинот ги исполнува следниве обврски: го чита правилото – три канони плус канонот и молитвите пред Света Причест, пости најмалку еден ден или подобро три, и се исповеда. Да се исполнува ова секоја недела или дури двапати месечно е многу исцрпувачки, но оваа традиција (т.н. „говение“ на руски) станала вообичаена пракса не толку одамна, во времето на литургиски распад. Традициите можат да се променат од пастирски причини. Инаку, ние свештениците би биле како фарисеите што ги натоваруваат луѓето со тешки бремиња, додека и самите не се допираме ниту со прст до тие бремиња. Додека ги товариме луѓето со вакви товари, ние немаме право да бараме нешто. Сè додека постојат бремињата, луѓето ќе доаѓаат на Литургија како индивидуи и целата Литургија за парохјанинот се редуцира на примање на Светите Дарови или, со други зборови, на примање Причест (заедничарење, соединување) кога нема поинакво причестување/заедничарење освен ритуалниот акт на учество.

Исцелението на ваквите проблеми се случува со промена на умот. Прво што треба да сфатиме е дека ваквото учество е далеку од комплетно. Ако сме поканети на свадбена веселба, целта на нашето учество не е само јадењето. Ние го споделуваме свадбеното јадење и тоа е суштинско, бидејќи нема празнување без јадење, но самото јадење не е целта. Целта е подлабоко заедничарење/причестување, како што е случајот и со Евхаристијата, којашто е исто така јадење. Тука има трпеза со јадење сервирана од нашиот Младоженец – Господ Исус, и ние презвитерите сме претстојатели/возглавители на церемонија во која на луѓето не им нудиме наше јадење, туку она што ни се нуди сите нам од Исус. Целата Литургија е еден вид на долга, детална, сознателна здравица упатена кон нашиот Бог и Спасител пред да ја споделиме Чашата на животот. Значи, она што е важно не е само примањето на еден дел од свештеното јадење, туку учество во целата евхаристиска благодарствена молитва принесена од нас, во сите прозби, сите гестови и целата Литургија.

На крај, ние обично велиме дека „Литургијата по Литургијата“ се случува кога луѓето го изнесуваат она што го искусиле во црквата и го споделуваат со своите ближни. Но, друго неопходно нешто е „Литургијата пред Литургијата“, којашто претходно ја споменавме. Ние се однесуваме како оние коринтјани, критикувани од свети Павле дека се конзументи што доаѓаат на Литургија само за да земат нешто од неа, а не да дадат нешто или да споделат. Но, Литургијата е образувана од она што ние го принесуваме, не само лебот и виното, туку и она што го принесуваме во нашите срца и умови.

Литургијата може да се дефинира како служба која се манифестира кога луѓето секојдневно го практикуваат христијанскиот живот. Тие не се собираат само за да земат нешто, туку најпрво и пред сè да дадат и споделат нешто. Еден мој пријател во Киевскиот богословски институт забележа дека во Тората – јадрото на Светото писмо – следниот стих се среќава трипати: не смееш да се појавуваш пред Бога со празни раце. Приносот не треба да биде само леб и вино, или масло и свеќи како во раната Црква, туку, на пример, како што вели и свети Павле, (тоа треба да е) човек преобратен кон Христа. Така, во Литургијата ние велиме дека нашата служба/принос е жртва на пофалба (жертва хваленија). Но, секоја жртва треба да биде подготвена. Дали ние се грижиме за подготовката на нашата жртва на пофалба како дел од нашата соборна жртва, пред да појдеме в црква?

Разбирањето е првата фаза во возрастувањето. Сите луѓе не можат да ги научат овие нешта самите; пастирите и проповедниците се повикани да ги научат нив. Но, тие најпрво треба да се научат самите себе пред да ги поучат другите. Еве, споделив со Вас некои размисли што мене ме вознемируваат и Ве повикувам сите да го дискутирате ова и да бараме соодветни начини за разрешување на оваа ситуација. Ајде да ја направиме нашата Литургија вистинско причестување/заедничарење.

протоереј Андреј Дудченко

Прв дел    Втор дел

Извор: http://www.kiev-orthodox.org/site/worship/5450/

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *