Ава Доротеј: За љубовта
Претставете си еден круг: во неговата средина е центарот, а од центарот излегуваат радиуси – зраци. Тие радиуси, колку се подалеку од центарот, толку повеќе се одделуваат и оддалечуваат еден од друг; напротив, колку поблизу се до центарот, толку повеќе се зближуваат меѓусебно.
Претставете си сега дека овој круг е светот, самиот центар на кругот е Бог, а правите линии (радиусите) што излегуваат од центарот кон кружницата или од кружницата кон центарот се животните патишта на луѓето. И овде е исто. Колку повеќе светиите влегуваат внатре во кругот кон неговата средина, сакајќи да Му се приближат на Бога, толку повеќе по мерата на влегувањето тие стануваат поблиски и до Бога, и еден до друг; и притоа така, што колку се приближуваат до Бога, толку се приближуваат еден до друг, и колку се приближуваат еден до друг, толку се приближуваат до Бога. Така сфатете го и оддалечувањето. Кога се оддалечуваат од Бога и се обраќаат кон надворешното, очигледно по мерата на оддалечувањето од фокусот и оддалечувањето од Бога, така се оддалечуваат и еден од друг – и колку се оддалечуваат еден од друг, толку се оддалечуваат и од Бога. Такво е својството и на љубовта: колку понадвор се наоѓаме и не Го љубиме Бога, толку секој е оддалечен и од ближниот. Ако Го возљубиме Бога, тогаш колку се приближуваме кон Бога со љубовта кон Него, толку се соединуваме преку љубовта и со ближните, и колку се соединуваме со ближните, толку се соединуваме и со Бога.
ава Доротеј
Г.Г.