Зошто да одам во храм, кога Бог е во мојата душа? (3)
Она што можеме да Му го принесеме на Бога, можеме да Му го принесеме на секое место. Сè што постои во светот, и така Му припаѓа Нему. Но, постои таква честичка на битието, во кое Бог дозволил не да царува Самиот, туку друг. Тоа е мојата душа. Тоа е таа собичка во бесконечното здание на Вселената, каде Создателот не влегува без да Го побараат. И од нас зависи, на чија служба ќе ја поставиме својата слобода што ни е дарувана од Бога. Ќе Му служиме ли на Бога или на самите себе и на своите желби и похоти. Единственото, со што можеме да ја збогатиме беспределната Господова власт, е ако самите ние и својата слободна волја Му ја предадеме Нему. Затоа – жртва на Бога е духот скрушен (Пс 50,19). И таа жртва може да ја принесе секој од нас. И во таа смисла секој од нас е свештеник. Во таа смисла треба да се разберат зборовите на апостолот Петар за тоа дека христијаните се народ, составен од свештеници (1Птр 2,9). Никој наместо мене не може да Му ја принесе на Бога како жртва мојата волја. Само јас самиот владеам со неа и јас самиот можам да ја принесам неа при престолот Божји. Да се заколнеме на верност и да речеме: „Господи, волјата Твоја, а не мојата да биде! Ти благодарам за сè што Ти ќе посакаш да го внесеш во мојот живот! Дај ми можност да Ти послужам со секој мој здив!“ – може на секое место.
Значи, она што можеме да го принесеме како жртва на Бога, секогаш е со нас. И затоа секогаш можеме да му ги кажеме на своето „Јас“ зборовите, со кои философот Диоген некогаш му одговорил на предлогот на господарот на светот Александар Македонски да ја исполни секоја прозба на мудрецот: „тргни се и не заслонувај ми го сонцето!“.
За да може христијанинот да Му принесе жртва на Бога, не му е потребен храм. Но, во религијата не е само она што ние го даваме. Поважно е она што го добиваме. Не е важно зошто ние Го бараме Бога. Поважно е она зошто Он нè бара нас.
Зошто ние најчесто одиме во храм и се обраќаме со молба кон Бога – добро е познато. Ние во Бога сме склони да видиме некаков генератор на хуманитарна помош: „Дај ни, Господи, повеќе здравје, поголем успех и додавки кон платата!…“ Многу често Го бараме Господа, според изреката на светителот Димитриј Ростовски – „не заради Исуса, а заради залакот лебен“. Но, зошто Бог нè бара нас? Дали нешто сака да земе од нас? Или да даде?
За што повикува Неговото Слово: Дојдете при Мене сите изморени и обременети (Мт 11,28)?.. Во тој повик нема продолжување од видот: И дадете Ми го ова и ова... Со поинакво предвестување се завршува тој повик; тој говори за она што Бог ќе го стори за оние, кои ќе дадат одзив: и Јас ќе ве успокојам… ќе најдете мир за душите ваши.
И така, Бог нè повикува кон Себе за да ни даде нешто. Што? Знаење – Научете се од Мене... Дух – Примете од Духот Мој… Љубов, мир и радост – Бидете во Мојата љубов… Мирот Свој ви го давам… Радоста Моја да биде во вас... Но, Христос ни дава и уште нешто незамисливо…
Бидете во Мене, и Јас во вас… Примете, ова е Мојата крв, која се пролева за вас... Христос целиот Себеси им се дава на луѓето. И Својата Божественост, и Својата човечност.
Во современата медицина има една ваква процедура: на човекот му се излева неговата сопствена крв. Од неговото тело се изведува неговата крв, се очистува од некои штетни примеси или, напротив, се збогатува со оние компоненти, што организмот на болниот веќе не може сам да ги изработува во неопходна количина. И таквата, очистена и збогатена крв, повторно се влева во телото на човекот. Нешто слично се случува и во нашите односи со Христа. Бог станува човек. Он во Себе ја зема нашата природа, падната во состојба на распадливост, во Себе ја исцелува, ја наситува со Божественоста, Вечноста, Бесмртноста, и Своето човечко Тело, веќе поминато низ смртта и воскреснато, ни го возвраќа нам. Својата човечка крв, наситена со Божествени текови, Он ја влева во нас, за во себе да го носиме зачетокот на Воскресението и да бидеме причесници на Вечноста.
Значи, во храмот одиме за да добиеме нешто во него. Храмот – тоа се ѕидови, изградени околу Тајната на Причестувањето. Тајната се состои во тоа, дека кон луѓето е протегната рака со Дарови. Затоа посетата на храмот не претставува тешка обврска, туку чудесна привилегија. Нам ни е дадено правото да станеме соучесници во Тајната Вечера. Нам ни е дадена можноста да станеме „учесници (причесници, заедничари) во Божествената природа“. Нам ни е дадена можноста да се допреме до онаа Енергија, којашто не може да ја произведе ниту една електроцентрала во светот.
Оние кои велат дека не им се потребни храмови и посредници, тешко дека го сметаат за авторитетно за себе словото на Евангелието. Но, можеби, тие ќе ја почувствуваат човечката веродостојност во зборовите на од сите саканиот Вини-Пу. Еднаш, како одговор на предлогот да напише песна, Вини-Пу вели: „но тоа не е така едноставно. Зашто поезијата не е такво нешто, што вие го наоѓате, туку нешто, што ве наоѓа вас. И сè што можете да направите е да отидете онаму, каде може да ве најдат“.
Бог нè бараше. И нè најде. Нам едноставно ни претстои да појдеме и да застанеме на такво место, каде Бог најблизу од сè приоѓа кон луѓето, на такво место, каде Он најнезамисливите дарови ги раздава на луѓето. Ако Чашата со причеста Христос ни ја подава преку Царските врати на храмот – дали вреди да го свртуваме носот и да тврдиме „Бог и така е во мојата душа“?
Христос ни кажа каде нè чека и што сака да ни даде. Он, Вечниот, сака со нас да се сретне и да се соедини во овој живот – за во идниот наш вечен живот да не останеме непоправливо осамени.
И така, дали е учтиво, откако ќе дознаеме дека некој нè чека за средба на плоштадот „Пушкин“, во назначеното време да отидеме на прошетка по улицата „Лав Толстој“? Ако средбата не се случи – кој во таков случај ќе биде виновен?.. Се знае – „Пушкин“!
Оние кои велат, дека не им се потребни посредници во нивниот однос со Бога, не сфаќаат дека во храмот ги очекува Оној Посредник, Кој токму наместо нив и принесе жртва и ги ослободи луѓето од неопходноста нешто да уништат во светот и со плодовите на уништувањето да ги потхрануваат боговите. Зар е толку неподносливо тешко да се рашират своите раце, за да може во нив да се стават Дарови?
ѓакон Андреј Кураев
Подготвил: Георгиј Глигоров