Архимандрит Захариј: Исповедта и срамот

Прашање: При преземањето на мерките што ни ги презентиравте, најтешкото нешто, чинам, е надминувањето на последната пречка, срамот. Ова се обидувам да го поттикнам во мојата парохија. Луѓето не доаѓаат на исповед, освен ако нивните души не се обременети и некои нешта не ги излудуваат, бидејќи не можат да го надминат срамот и да ги признаат сопствените гревови. Како ги поттикнувате луѓето на овој пат?

resize_of_confession

Одговор: Мислам дека силата да се носи срамот е дар од Бога. Кога бев млад и неопитен духовен отец, старецот Софрониј ми рече да ги охрабрувам младите луѓе да ги исповедаат токму оние нешта од кои се срамат, бидејќи ако го научат тоа, срамот се преобразува во сила против страстите и тие ќе го победат гревот. Токму ова се случило во личноста на Закхеј. Тој доброволно го носел срамот и Господ, Кој патувал кон Ерусалим за да пострада на Крстот на срамот, го видел Закхеја како носел срам заради Него и во него препознал сроден дух. Закхеј самиот пророчки се упатил на патот Христов, на патот на Крстот, и на пророчки начин тајната на Крстот и Воскресението Христово била активирана во срцето на Закхеј. Неговото срце се проширило и бил способен да влезе во силата на верата. Христос нè спаси преку Крстот на срамот, та кога ние трпиме срам заради Него, Он го прима ова како благодарност, и за возврат Он ни ја предава Неговата благодат која го обновува нашиот живот.

Yesus-dan-Zakheus (1)

Токму ова се случува за време на исповед. Оние кои искрено се исповедаат и на себе го земаат срамот за сопствените гревови, биваат обновени. Но, оние кои ги креваат рамениците и велат: „Ништо особено, вообичаените работи…“, тие не носат никаков срам, нивните срца остануваат нетрогнати, и едвај добиваат некаква полза. Но, оние кои со срам и скрушено срце ги разголуваат своите души пред Бога и пред уште еден смртник, „со слични страсти“ (Дела 14,15), тој нивни срам навистина го наоѓа срцето, го смирува и го изнесува на површина. Ова, пак, отпосле го отвора срцето за да ја прими благодатта на обновувањето, на утехата. Ова го гледаме во животот на многумина што пришле кон нас: колку е поголем срамот што го носат со скрушеност, обвинувајќи се себеси пред Бога, толку поголема е благодатта што ја добиваат, за да ги промени нивните животи и да постават нов почеток.

архимандрит Захариј Захару

Од книгата: Remember thy First Love

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *