За жената во Црквата

Women-Detail-Decani-Kosovo-620x350

Често може да се наиде на мислење дека достоинството на жената во Христијанството, особено во Православието, е унижено. Но, дали е тоа така? Напротив, слободно може да се каже, дека денешната рамноправност на жената во општеството се должи на Христијанството и неговите принципи. Во времето пред Христос, во Стариот завет, но и меѓу другите народи, жената се сметала за пониско суштество и била потчинета на мажот. Со доаѓањето, пак, на Христос се враќа првичното рајско достоинство на жената и таа станува сонаследница“ на благодатниот живот (1Птр 3,7). Според ап. Павле, глава на семејството е мажот, но тука главенството не означува нееднаквост (станува збор за различни служби коишто стапуваат во хармонично единство). Власта на мажот е власта на љубовта, која се состои во подготвеноста да се љуби до саможртвување, (тоа е власта на) онаа иста љубов со која Христос ја љуби Црквата и се предаде Себеси за неа (сп. Ефес 5,25).

Но, ќе се постави прашањето, зошто таа не може да биде свештеник, зар тоа не е дискриминација? Праксата на Православната црква да не поставува жени за свештеници не се должи на нејзината традиционалност и конзервативност, во негативната смисла на зборот, туку станува збор за нешто посуштинско. За свештеници се поставуваат мажи, затоа што ерархиското свештенство во Црквата отсекогаш претставувало служба на духовно татковство. Жената може да биде мајка, жена, ќерка, но не и татко. Мајчинството не е пониско од татковството, но станува збор за друга мисија (служба). Што е разликата помеѓу татковство и мајчинство знае само детето, иако не може да го објасни тоа со зборови. (Во контекст на ова, кога станува збор за хомосексуалните бракови, од аспект на Црквата, не е толку проблем во тие партнерства [во секуларниот свет тие нека постојат, по силата на слободата што ја има секој], но Црквата го крева гласот особено кога станува збор за посвојувањето на деца од тие бракови, и тука мотивите не се толку религиозни, колку општочовечки, психолошки [да се има двајца татковци или мајки, како ќе биде тоа за детето и неговиот развој?], но тоа е една друга тема).

Же0_7801d_c9d168fc_Lната не може да биде татко, т.е. да ја носи службата на духовното татковство, како што и мажот не може да биде мајка. И во Православието е многу важен литургискиот символизам, којшто претставува нешто повозишено од голиот симболизам (во православното сознание, символот и реалноста се поистоветуваат, тие се поврзани). Кога свештеникот служи Литургија тој е икона (образ, символ) на Христа, Кој се воплотил како маж и на Тајната Вечера ги кажал зборовите: „Примете, јадете…“ и „Пијте од неа сите…“. Исто така, треба да се прави разлика меѓу традиција (предание) и Традиција (Предание): предание коешто претставува остаток од културата на минатото и е изменливо, и Предание коешто претставува суштина на верата, онтологија, нешто што произлегува од опитот со вечното и е неизменливо. Во таа смисла, свештеници да бидат само мажи, а не жени, во Православието е Предание, а не едноставно традиција, иако има многу такви во црковниот живот (на пример, кога се молиме „за настојателите и браќата на овој свет храм“, во ектенијата слободно може да се додаде „и сестри“, како што е случај во многу парохии – затоа што е очигледно дека оваа ектенија во себе содржи примеси од културата на минатото, од цивилизацијата која првенствено била машка, но можеби навлегла и од богослужбените книги наменети за машките манастири, и затоа корекцијата во овој случај би била соодветна).

Жените и денес, освен во семејствата, и во црковната заедница носат многу важни служби. Во женските манастири секогаш раководи игуманија, на која ѝ се потчинуваат, не само монахињите, туку и свештениците кои служат таму. Во старо време постоел институтот ѓакониси, коишто помагале при Крштението и Евхаристијата, постоеле и старици кои биле духовни раководители и примале исповед. Познато е дека жена може да изврши и света тајна Крштение, во случај на смртна опасност и отсуство на свештеник (ова произлегува од општото царско свештенство што го имаат сите христијани). Денес жените предаваат во богословии, читаат и пеат на богослуженијата, кај нас повозрасните жени, бабички, ги подготвуваат просфорите, лепчињата за Литургија итн.

(продолжува)

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *