За воздржанието (1)
Еднаш браќата од Скитот пошле кај ава Антониј. Качувајќи се на кораб за да стигнат при него, тие нашле еден старец кој одел во истиот правец. Браќата не го познавале. Седејќи на коработ, тие разговарале за изреките на отците и на Писмото, а исто така разговарале и за своите ракоделија. Старецот цело време молчел. Кога стигнале на пристаништето, дознале дека и старецот бил упатен кај ава Антониј. Кога стигнале кај Антониј, тој им рекол: вие сте нашле добар сопатник во овој старец! Му рекол и на старецот: и ти си нашол добри браќа, ава. – Добри се, одговорил старецот, но нивниот двор нема врата, па кој сака оди до шталата и го одврзува магарето. Тој го рекол ова, затоа што тие говореле сè што ќе им паднело на ум.
Ава Даниил говорел за него (за ава Арсениј): колку години живееше тој со нас; еднаш во годината му дававме мала мера пченица и кога одевме кај него, од истата јадевме и ние.
За него говореле и дека не повеќе од еднаш во годината ја менувал водата, во која ги натопувал гранките, но само долевал нова вода. Тој од нив плетел кошници и шиел до шестиот час (пладне). Старците го прашувале: зошто не ја менуваш водата со гранките – таа лошо мириса? Одговарал: заради прекрасните мириси и масла, со кои се насладував во светот, приличи да го трпам овој лош мирис.