За осудувањето (3)

Некогаш во Скитот некој брат паднал во грев. Браќата се собрале и пратиле по ава Мојсеј; но тој не сакал да дојде. Тогаш презвитерот пратил по него со вакви зборови: дојди, те очекува собранието. Авата станал, зел една лоша корпа, ја наполнил со песок и така тргнал. Браќата што му излегле во пресрет го прашале: отец, што значи ова? Старецот им рекол: тоа се моите гревови што се истураат зад мене – но јас не ги гледам нив, туку дојдов сега да судам туѓи гревови. Браќата, откако го слушнале ова, ништо не рекле за братот, туку му простиле.

Ава Јосиф го прашал ава Пимен: кажи ми како да станам монах? Старецот одговорил: ако сакаш спокој, и овде, и во идниот век, тогаш при секое дело говори: кој сум јас? И никого не осудувај.

Братот го прашал и ова: ако го видам гревот на мојот брат, добро ли е да го сокријам? Старецот му рекол: кога ние ги покриваме гревовите на братот, тогаш и Бог ги покрива нашите согрешенија, а кога го откриваме гревот на братот, и Бог ќе ги објави нашите гревови.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *