За телевизијата и сериите

Во последно време малиот екран на телевизорот го окупира не номадското, туку седечкото племе – тоа се сериите (особено сапуниците и турските серии). Пред тоа телевизорот личеше на мини-театар кој се наоѓаше во куќата: претставата се завршува, се спушта театарската завеса, се гаси светлината на бината и гледачот се збогува со јунакот на драмата, поточно, од глумците кои одат во шминкерницата каде што ги соблекуваат театарските алишта и ја бришат шминката од лицето. Додека некогашните телевизиски емисии протекуваа како кратки средби, денес во сериите човекот буквално се соживува со туѓиот живот, како да добива двојно државјанство, живее и во своето и во туѓото семејство. Ликовите од сериите му стануваат блиски и родени, или напротив, непријатели,  кои ѝ се закануваат на неговата благосостојба. Тој кон нив негува вистинско, искрено пријателство и љубов, или пак чувствува омраза и одвратност. Тој за нив повеќе се грижи, отколку за пријателите од оваа страна на екранот. Тој страда поради нив, нивните неуспеси ги доживува како свои сопствени, се радува на нивната среќа, љубоморен е и негодува како божем Хофмановата бајка за куклата која оживеала и во која луѓето се заљубуваат како во жива девојка, како да станала реалност. Се чини дека ликовите од овие серии слегле од екранот и живеат во неговиот дом. Додека е на работа или во кругот на семејството, човекот психички се подготвува и планира кога ќе дојде време да го вклучи телевизорот и да влезе во иреалниот свет на екранот. Тој го чека тој момент како да чека состанок. Тој го гледа екранот како врата која влегува во друг дом што му станал близок. Тоа е свет на соништа, само што се напишани по сценарио. Човекот постанува сличен на наркоман кој излегува од себе, заминува од луѓето кои го опкружуваат, од своите грижи и неволји. Тој доживува чувство како бестежинска состојба, само без губиток на свеста. Што се случува во душата на овој човек?

watchingtv

Светите отци ни заповедале да се трудиме дел од денот и ноќта да го посветиме на молитва упатена кон Бога, мислено да се оддалечиме од овој свет за да се издигнеме над сѐ што е миновно и краткотрајно, над сѐ она што е во власта на трулежноста и смртта. За да има молитвата крилја, треба да ги ограничуваме надворешните впечатоци, да се ограничи фантазијата и да се заклучува умот во зборовите на молитвата. А овде покрај екранот, човекот ја исполнува својата душа со концентрирани впечатоци и таа станува налик на патник кој се качува на планина и носи на грб полна вреќа со камења. Овие слики и впечатоци како да испливуваат на површината на свеста и човекот се моли како во звуци на бура која завива, не слушајќи ги своите зборови. Светите отци учеле дека целиот човечки живот треба да биде подготовка за молитва, а тука човекот пред телевизорот го продава најскапоценотот – својата молитва.

Содржината на сериите е живот на светските луѓе, оддалечени од Бога, кои се занимаваат со земни проблеми. Ако и дојдат во допир со религијата, најчесто таа се прикажува во намерно изопачен облик. Овде сценариото најчесто се одвива според Фројд; пансексуализмот проникнува во сите односи меѓу луѓето. Развратот се претвора во нешто секојдневно и нормално. Кај луѓето кои со часови седат пред телевизорот доаѓа до адаптација на духовната нечистотија, тие престануваат да ја чувствуваат смрдеата, ги теши мислата дека така живеат сите луѓе. Христијанскиот морал почнува да им изгледа како некој фанатизам. Тие тоа не го зборуваат директно, но почнуваат да живеат по некој компромисен морал. Тоа би го нарекле нихилистички морал.

Оваа тема и проблематика уште би се продлабочила ако споменеме пак колку полошо влијание имаат овие серии над децата, затоа што родителите не знаат да си ги заштитат од нив, или пак едноставно им е полесно да уживаат заедно во „спокојството“ кое им го пружат сериите. Да потсетам дека од серијата „Долина на волците“ многу деца „влегоа во филм“ и правеа работи кои ним не им беа подобни, а немаше да ги прават ако не им беше сервирана оваа високо криминална серија. Негрижата на нивните родители ги направи децата „Полат“ и „Мемати“ кои беа пример за ладнокрвни убијци и тешки криминалци, но во умовите на децата тие беа претставени како херои.

архимандрит Рафаил Карелин

Подготовка и коментар: ѓакон Никола Митевски

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *