За свети Климент Охридски (2)

Сега накратко би се осврнал на богословските погледи на св. Климент од содржините на неговите творенија, зашто неговите зборови, заедно со зборовите на св. ап. Павле, се она што е положено во основата на современиот македонски христијански менталитет.

Paintings_in_the_Church_of_the_Theotokos_Peribleptos_of_Ohrid_0228

Св. Климент се покажува како извонреден познавач на Светото Писмо и неговото толкување во преданието на Православната црква. Неговите беседи се испреплетени со цитати и алудирања на места од Стариот и Новиот завет. Особено се среќаваат Псалмите, а, исто така, во голема мера се застапени и пророците.

Самите беседи на св. Климент имаат голема стилско-фразеолошка и јазична сличност со словата на великиот беседник, св. Јован Златоуст. Врз неговата богословска мисла, пак, големо влијание имале генијалните свети мислители, философи и отци на Црквата, кои со сиот богат опит на посленикејските собори го завршиле создавањето на богословскиот јазик и ги утврдиле поимите и, конечно, ја изразиле сета длабочина, сето бесконечно значење на православното учење за Св. Троица.

Оттука, по тинитарното прашање, т.е. учењето за Св. Троица особено значење во светиклиментовото богословие добил св. Григориј Богослов (особено неговите „5 слова за богословието“), во антропологијата – св. Григориј Ниски од неговото дело „За устројството на човекот“, во сотириологијата – св. Атанасиј Велики со неговото „Слово за воплотувањето на Бога Словото“. Св. Василиј Велики и Златоуст, како и св. Ефрем Сирин, првенствено имале значење во аскетиката и егзегетиката.

Наоѓајќи се во диспут со западното учење за Св. Дух, тој го бранел православното учење со тоа што ја поучувал својата паства на тајната за Светата Троица. Затоа тој во многу моменти од своите беседи се зафаќа со тоа. Тој богословствувал за Св. Троица не само поради тоа што било потребно да се одбрани и зачува православното учење, туку и поради тоа што за него созерцанието на Пресветата Троица била предел и средоточие на целиот духовен живот.

Освен тоа што народот го поучувал на тајните и вистините на верата, тој го поучувал и како да ја воплоти таа вера во живот.

kliment

Св. Климент настојува да го натера верниот народ да излезе од онаа површност во христијанскиот живот и активно да се вклучи во она што се нарекува светотаински живот во Црквата. Центарот на тој живот е Светата Евхаристија и активното учество во неа преку причестувањето, зашто, според неговите зборови, „таму примаме оздравување на душите и на телата, таму е страшната тајна… таму Синот Божји е положен пред нас на страшна трпеза, како Јагне безгрешно пролевајќи крв заради нас и нашето избавување од гревовите, сакајќи да нè направи наследници на Своето Царство“. Но, тој повикува тоа да се прави со должната подготовка. Пред сè со постот, вистинскиот пост, кој за него претставува „не само воздржување од храна или од пиење, туку и бегање од секој грев, како од непријател, кој ја погубува душата“. Исто така, тука се покајанието и исповедта. „Да го разбудиме срцето кон смирение и душата кон покајание – вели тој. Да пролееме солзи… Оти Бог не се радува на гревовниот пад, туку се весели поради нашето покајание. Затоа да не ги сокриваме нашите грешки, туку исповедајќи да примиме исцеление од Бога. Оти Он Самиот рече: На здравите не им треба лекар, туку на болните, зашто не дојдов да ги повикам праведните, туку грешните на покајание“. И така, преку духовниот подвиг, добродетелноста и будноста „со чиста совест да пристапиме кон светите тајни на пречистото тело и крв Христови“.

Св. Климент високо го вреднува делото на милостина. Тој советува „гладен да нахраниш, жеден да напоиш, патник да прибереш и гол да облечеш, на презвитери чест да им направиш… манастири да посетуваш и на монасите да им донесуваш што е потребно, в црква да се трудиш ден и ноќ. затоа што во неа се очистува од гревови и од секое зло се оддалечува“. Тој напишал и многу слова посветени на празничните денови, во кои ја објаснува смислата на празникот и, воопшто, начинот на нивното празнување.

Кога се читаат светиклиментовите зборови се добива чувство за тоа колку се тие потребни и денес, колку се живи, како да се упатени кон современиот Македонец, зашто нивната актуелност не го губи значењето и во овие времиња.

breadoflife

„Откако ќе го разбереме ова, браќа – вели тој – ќе се обновиме со чистота и со добрина и својот живот достоен ќе го сториме, а не само со збор да се нарекуваме христијани, туку во духовен подвиг да се поставиме и да се надминуваме еден со друг со добрина, па и нам да ни рече Господ; Дојдете, благословени, од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот. Па затоа Него да Го прославуваме отсега со добри дела, иако сме навикнале да живееме во слабост и мрзеливост до ден денешен, но уште од денеска да се помачиме за добри дела. Затоа што Царството Небесно насила се зема и силните го грабаат заради Исуса Христа, нашиот Господ, Нему да Му е слава, сега и секогаш и во сите векови“.

На крајот би завршил позајмувајќи ги зборовите на отец Дејвид Мозер, кој ги искажал за св. Јован Шангајски во денот на неговото прославување, но кои со истата таа величественост и вистина можат да се искажат за св. Климент Охридскиот Чудотворец. Овде се поставува прашањето, зошто светата Црква ги прославува светителите, зошто го прославува и св. Климента? Заради неговите чуда ли? Не! Заради неговите подвизи и исцеленија? Не! Заради неговото испосништво и бдеење? Не! Ние го прославуваме затоа што тој навистина Го љубел Бога. А сите негови подвизи и дела биле плод на таа љубов, зашто без неа сè друго не би имало значење. Ние што сме присутни на ова прославување не можеме да правиме чуда какви што правел светителов, ниту да ги извршуваме неговите подвизи и да исцелуваме болни или, пак, да го повториме целото негово дело, но можеме да Го љубиме Бога над сè друго и во тоа да го подражаваме светителот Климент. Сите други дела зависат од таа љубов.

Прв дел

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *