За свети Климент Охридски (1)

Слово произнесено на 06.12.2008 година во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“, по повод патрониот празник

StClement

Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, Ваше Преосвештенство, отци, драги професори и ученици, почитувани гости, браќа и сестри.

Голема е личноста на св. Климент, Охридскиот Чудотворец. Во меморијата на Македонецот, тој особено се пројавува како просветител и втемелувач на писменоста на македонскиот народ. Не само на македонскиот, туку и на сите словенски народи, почнувајќи од Македонија, преку Киев, дури до московска Русија. Поради него Македонија за сите Словени претставува симбол на словенската писменост и култура. Но, пред сè, св. Климент претставува еден голем богослов, кој е рамо до рамо со највеличествените богослови на Христијанството – столбовите на Црквата, кои се залагале со благоприлични зборови да ја определат верата и да го преобразат светот со квасецот Христов и Неговото учење, чии принципи се положени во основата на целокупната современа европска култура и општество.

Прво би се задржал на историскиот контекст и богословските збиднувања во кои се наоѓа личноста и творештвото на св. Климент.

Во 9 век во животот на Византија веќе се засилил и добил самостојно значење новиот словенски подем. И со брзиот раст на христијанизацијата на словенските народи се започнува едно ново и извонредно важно поглавје во историјата на Православната христијанска црква. Во 7 век Словените постепено ги населиле од нив опустошените древни римски провинции – Илирија, Мизија, Тракија, Македонија. Речиси до самата престолнина на империјата се создала моќна словенска држава, која речиси со непрестајна војна го исполнува целиот осми – „иконоборечки“ век. И неизвесно е како би се решил тој, за Византија, нов и ужасен „словенски проблем“, ако во втората половина од 9 век не се случил настанот, кој претставува автентичен почеток на словенската глава во историјата на Православието: „преводот“ на Христијанството на словенски јазик од светите браќа Кирил и Методиј.

Светите Кирил и Методиј припаѓале кон онаа интелектуална елита на Византија, која во тоа време се групирала во Константинопол околу патријархот Фотиј. После нивната мисија во Моравија и по прогонството на нивните ученици во Преслав, царот Борис го упатил светиот Климент во западниот дел од своето царство – во Охридската област, каде делото на светите Кирил и Методиј и ја нашло својата прва, плодородна почва. Св. Климент Охридски со својот светол образ го осветлува почетокот на словенското Христијанство; не ограничувајќи се само со религиозно просвештение, тој се трудел да ги подобри и економските животни услови на својата паства. Овде биле создадени многубројни кадри на словенското духовенство, овде била напластена христијанската православна словенска писменост: овде е почетокот на православната словенска култура.

07.27_sv_Sedmochislenici

Во тоа време, околу времето на св. Климент, со крајот на иконоборечките полемики се завршува епохата на вселенските собори, времето на творечката напрегнатост на црковната мисла. Се почувствувала потреба да се дефинира и утврди догматското учење на Православието во некоја точна и завршна форма, и да се систематизира целокупниот напластен жив опит и предание на Црквата, и околу тоа се правеле различни обиди.

Почетокот на тоа официјално византиско богословие може да се припише на она културно возрождение коешто се случува во 9 и 10 век и за свој центар го има Магнаурскиот универзитет во Константинопол. Од тој кружок произлегол и т.н. „отец на византиското богословие“ – патријархот Фотиј, чие богословие е соединето со оној „академизам“, кој е типичен за неговите следбеници: богословие целосно основано на сведоштва и цитати. Неговата ерудиција била универзална и легендарна. Тој создал цела плејада на научници и богослови. Од неговото опкружување произлегол св. Константин Философ, братот на Методиј – просветителот на словенството.

Во историјата на Црквата, тој доцен византиски период се нарекува уште и „епоха на разделувањето на Црквите“ и тоа именување, секако, е соодветно на сето значење на таа најголема трагедија во историскиот пат на Христијанството. Догматски не е толку важно како се разделиле Црквите, туку она што нив по суштина ги разделува, т.е. утврдувањата на Римската црква: како прво за самата себе (догматот за папската непогрешливост), а потоа и за верата на Црквата (учењето за Св. Дух, учењето за непорочното зачнување на Богородица) кои за православниот се косат со основната вистина на Христијанството. Важно е да се спомене дека во моментот на конечната поделба на Црквите, предмет на спор и полемика биле не прашањата што вистински ги разделувале Црквите – за папството и Св. Дух, туку разликите во обредот на западната Црква од Источната: употребата на пресни лебови, постот во сабота, пеењето на алилуја на Пасха и сл. Овде се покажало стеснување на вселенскиот поглед на Црквата: второстепеното, надворешното, обредното ја засенувало Вистината. Колку и да звучи парадоксално, но Црквите во 11 век се разделиле не поради тоа што вистински ги разделувало и тогаш, а и денес ги разделува.

Патријархот Фотиј е првиот кој јасно и прецизно укажал на новововедувањата во доктрината на западната Црква, коишто ја сочинуваат вистинската суштност на разделувањето: папизмот и учењето за происходењето на Св. Дух. Иако ги поставил и двете прашања, тој на крајот пројавил вистинско разбирање за состојбата и се заложил богословски да го разоткрие неправославието на догматот за Filioque.

photios_great

Оваа личност, преку светите браќа Кирил и Методиј, има големо влијание врз дејствувањето и богословствувањето на св. Климент. Самиот св. Климент активно учествува во полемиката околу учењето за Св. Дух. За ова имаме сведоштво во неговото пространо житие од блажениот Теофилакт Охридски. По смртта на св. Методиј, учениците биле напаѓани од приврзаниците на западното учењето. „Зошто уште верувате во Методиевите зборови…, а не се присоедините кон живиот епископ и не исповедете дека Синот е роден од Отецот, а Духот исходи од Синот“ – му било речено на св. Климент и на другите соученици. Тие одговориле; „Ние веруваме во Духот на Синот како во Дух на животот и вистината… Но, дека тој происходи од Синот, ниту сме примиле, ниту ќе примиме, ниту, пак, ќе се откажеме од верава… Ние веруваме дека Духот происходи од Отецот и дека Неговиот Причинител и Изводител е Отецот на Синот… Но, едно е ’да исходи‘, а друго е ’да се раздава‘“.

Значи, во овие историски збиднувања се појавува личноста на св. Климент.

Св. Климент во своето време претставува, како што ќе рече блаж. Теофилакт, најучен маж. Тој е првиот најзначаен автор кој творел и проповедал на словенски јазик. Тој пишува житија според византискиот образец, похвални слова и беседи, црковни химни, преведува црковни текстови. Тој, заедно со своите учители, учествувал во преводот на Светото Писмо, дело кое го продолжува и по нивната смрт. Токму учеството на светителот во преводот на Библијата на црковнословенски јазик, заедно со светите браќа, претставува печат со кој се осведочува фактот на боговдахновеноста на преводот. Тоа е многу важно, зашто според преданието на Црквата, не само оригиналниот текст на Светите списи, туку и нивниот превод претставува акт на Божествена инспирација и обично тоа се запечатува со учество на свет маж во процесот на преведување. Она што претставувале седумдесетмината благочестиви мажи во преводот на Септуагинтата, она што бил блаж. Ероним за латинската Вулгата, св. Филарет Московски за рускиот синодален превод, тоа е св. Климент, заедно со своите учители, за словенската Библија.

Во науката се посочуваат од 15 до 50 светиклиментови сочиненија. Токму преку овие текстови ние се запознаваме со неговото богословие и неговата философија на живот.

(продложува)

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *