Биоетика (7): За самоубиството

Дали евтаназијата е самоубиство?

Ако човекот каже:hangingman „Убијте ме, затоа што сум во немоќ, затоа што животот повеќе не ми носи радост и наслада, и затоа јас не сакам да живеам“, тогаш тој едноставно ќе добие породилна траума. Зашто смртта – тоа се нови породилни болки, ново раѓање. Породилната траума ќе се одржи сиот живот. Овој пат – во вечниот.

Да си спомнеме за зборовите на Гандалф што ги кажа на намесникот Гондор Денетор, којшто реши да се изгори самиот. „Ти немаш право да си го назначиш часот на својата смрт, намеснику Гондор – сурово напомна волшебникот. – Така постапувале само паганските кралеви, над коишто целосно владееле темните сили“.

Човекот, којшто намерил доброволно да го напушти животот, тешко дека тоа го прави во радосно расположение. Но, тоа, всушност, е заминување, премин, а не исчезнување. На самоубијците нема да им успее да умрат потполно. Состојбата на душата, со која човекот ја престапува границата, состојбата на очај и ужас тој ќе ја земе со себе во вечноста. Господ кажал за тој премин: Во што ќе најдам, така ќе судам (сп. Ез 33,13.16).

Смртта од очајание е пат кон таков ужас, за кој ништо не знаат атеистите и трезвените луѓе. Во петтиот „Хари Потер“ Дамблдор вели дека најлоша од сите заблуди на Темниот Лорд е мислењето, божем нема ништо полошо од смртта. И токму тоа неверие Дамблдор го смета за најслабо место на својот непријател…

Сметате дека не е сериозно да се согласите со детска сказна? Епа, тогаш, послушајте го великиот Данте: „Тврдам, дека од сите видови на човечка нискост, најглупо, најподло и најштетно е да се верува, дека после овој живот нема друг“.

Телото може засекогаш да се разруши, но душата не може. Во полуразрушена состојба, душата ќе се влече од вечност во вечност, и ниту една од нив нема да ја радува. Кога човекот бега од сопствената болка, не гледајќи смисла да продолжи со животот, тогаш тоа ја означува власта на самракот во неговата душа. Од религиозно гледиште, не е безопасно да му се помогне на човек да ја премине границата на времето и вечноста во такво (не)време.

Црквата не ги погребува самоубијците не затоа што сака да им се одмазди или да ги казни. Со таа забрана таа едноставно ги предупредува сè уште живите: „Тоа не е излез!“.

…Еден свештеник имал добри односи со офицерите од најблиската воена единица. Но, еднаш во незгоден доцен час му затропале на врата:

– Батјушка, несреќа! Аљоша ни се застрела! Треба да го отпееш!

Свештеникот решително ја одбива молбата:

– Не можам. Алексеј станал самоубиец, според нашите канони не можам да го отпеам!

Следела разбирлива реакција од страна на офицерите:

– Што ги поставуваш каноните и хартиите повисоко од човекот! Не ни мислевме дека си таков формалист! Ти одбиваш да ни помогнеш во нашата беда! Не можеме да те препознаеме сега!

Оттогаш вратите на таа воена единица остануваат затворени за свештеникот… Поминува половина година. Свештеникот служи во својот градски храм. И, одеднаш, по службата му пришол истиот оној офицер, којшто најлуто од сите викал на него во денот на смртта на својот колега, паднал на колена и рекол:

– Ти благодарам, батјушка!

– Зошто ми благодариш?

– Ти од смрт ме спаси!

– Кога сум го направил тоа?

– Вчера!

– Како можев вчера од смрт да те спасам, кога половина година воопшто очи не сум ти видел?

– Токму и со тоа ти ме спаси!.. Вчера таков мрак на душата ми беше. Го земав пиштолот и сакав точка да ставам… Но, тогаш си спомнав дека заради тоа ти Аљошка не сакаше да го отпееш. И прекинав. Си легнав да спијам, а утрото веќе сè помина… Ти благодарам!

Треба уште и да се помни, дека овде секој од нас не живее сам и само за себе. Со нас е поврзан животот на другите луѓе. Една жена ми кажа: „Знаете, отец Андреј, јас самата бев во слична ситуација, мајка ми многу долго и страшно умираше, за нас тоа беше многу тешка година. И слава Му на Бога, што ја имавме. Јас не знам што ѝ донесе таа година на мајка ми, но нам ни даде многу“. Се случува, страданијата на другиот човек да бидат повод за пројавување на силата кај другите. Затоа, не може да се реши проблемот со евтаназијата, застанувајќи само на тоа, што доживува или не болниот.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел    Трети дел    Четврти дел    Петти дел    Шести дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *