За причестувањето

rsz_1communion

Кога се говори за Литургијата, неминовно треба да се опфати и прашањето за причестувањето: имено, колку пати треба да се причестуваме и како да се подготвуваме за тоа? Поаѓајќи од содржините на литургиските молитви, очигледно е дека смислата и целта на Литургијата е самото причестување. Причестувањето на секоја Литургија било норма во раната Црква. Св. Василиј зборува дека во нивната област во негово време (4 век) се причестувале 4 пати во неделата…

Околу расправиите за ова прашање, Цариградскиот собор од 1819 г. донел одредба: „А за Божествената и Света Причест, бидете сигурни и знајте, дека должни се сите благочестиви христијани на секоја свештена Мистагогија (света Литургија) да пристапуваат и да се причестуваат со живототворното Тело, заради што и се повикуваат од свештеникот со возгласот: Со страв Божји, вера и љубов пристапете. За оној човек што е колеблив и неспособен да се причестува секој ден, на таквиот Црквата му порачува и му налага, да пристапува кон Светата Причест тогаш, кога откако ќе се исповеда кај својот духовен отец, се најде себеси достоен за Света Причест и добие од духовниот отец благослов. Ако, пак, се покаже престапник и се подложи на епитимија, во покајание и солзи да ја извршува претходно наложената епитимија, а потоа повторно доаѓајќи кај својот духовник, да добие разрешување и така да се удостои за Божествената и Света Причест, за која не постои определување во денови. Ниту 40 дена треба да поминат од пристапувањето кон Божествените Тајни, зашто тоа е слободно и непречено, и кој сака да добие дозвола од духовникот, како оној кој е без престап, дозволено му е да се причестува и секоја недела, и за ова ниту постои ограничување, ниту апостолско правило“. Оваа одлука ги потврдува веќе постоечките канони на Православната црква.

Значи, во идеалот, сите верни треба да се причестуваат на секоја Литургија, затоа што преку неа го остваруваат своето членство во неа. Еве еден, можеби недостоен, пример: ако сме членови на некој клуб или здружение, па некое време не ги исполнуваме своите обврски кон него или не плаќаме членарина, нашето членство автоматски ќе биде прекинато. Така и со Причеста, ако не се причестуваме одреден период, со самото тоа се изопштуваме од заедницата на Црквата, која е Телото Христово. Друга работа е тоа, што не секогаш сме подготвени за причестување.

(продолжува)

Претходно: За Литургијата

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *