За почитувањето на светиите
Почитувањето и молитвата кон Богородица и светиите претставува древно Предание на Црквата. Треба да се прави разлика меѓу служење (латрија) коешто Му приличи само на Бога и почитувањето (проскинесис) на светиите, коешто не е обожување, туку оддавање на чест како на луѓе што достигнале духовна височина и се соединиле со Бога. Уште во старо време, христијаните имале обичај да се собираат при гробовите на мачениците: таму им оддавале почит, им се молеле и служеле Литургија. Денешните антиминси на Чесната Трпеза (платна на коишто има мошти) се сведоштво за тоа. Со ова се истакнува врската на Црквата, која се состои и од живите и од упокоените.
Почитувањето на одредени светители не е последица од официјалната канонизација од страна на Црквата (еве Црквата решила некој да биде светец), туку попрво канонизацијата претставува печат на веќе општонародното почитување на извесен светител. На пример, кај нас преподобниот Гаврил Велички Светогорец веќе се почитува како светител: има многу сведоштва за негово прославување од Бога преку различни знаци (чуда, исцеленија), но официјалната канонизација сè уште не е направена (има Комисија во Синодот која работи на ова и во скоро време ќе се случи и самата канонизација). Во суштина, според библиското и црковното сознание, светии се сите христијани што примиле Свето Крштение и учествуваат во светотаинскиот живот на Црквата. Но, народното сознание ги поистоветува поимите светител и високоморален човек. Во Црквата, сите се светии, но не поради својата праведност, туку затоа што таа светост произлегува од единството со Самиот Христос (сп. на Литургијата се повикуваат сите верни да се причестат: Светињите се за светите). Во таа смисла, секој кој се упокоил во заедница со Црквата е веќе светител, но некои членови на Црквата, поради својот подвиг, биле прославени и Црквата ги канонизирала нив, т.е. ни ги претставила како пример и правило (канон) за нашиот живот.
Понекогаш Бог дава видливи потврди за светоста на некој христијанин, на пример многу тела (мошти) на светии се покажале нераспадливи со векови, а и од самите тие тела понекогаш истекува исцелително миро со прекрасен мирис (св. Николај, св. Димитриј, св. Спиридон, св. Јован Руски и многу други). Од самите мошти се случуваат исцелувања на различни болести и тоа е засведочено од многу луѓе.
За нецрковните луѓе и протестантите е неразбирливо како може и зошто да им се молиме на светиите, кога тука е Христос. Треба да се знае дека светителите не се посредници меѓу Бога и луѓето (Христос е единствениот Посредник во таа смисла, сп. 1Тим 2,5), туку нив треба да ги доживуваме повеќе како небесни пријатели, браќа и сестри, коишто можат да нè слушнат и да помогнат со своите молитви. Љубовта е таа нераскинлива врска што нè соединува. Црквата е само една и е составена од сите нејзини членови, живи и упокоени: од нас живите, но и од оние што биле пред нас, како и од сите оние што ќе дојдат по нас. Упокоените веќе се преминати во новата реалност, тие се веќе во Вечноста, но врската на љубовта нè не разделила. Од наша перспектива, за нас сè уште не се случил крајот на светот, воскресението, соединувањето на телата и душите на упокоените (затоа се тука моштите на светиите), но не и за преминатите од нас, тие се веќе во Вечноста и од таа перспектива тие ги слушаат нашите молитви и молитвено се застапуваат за нас. Небесната и земната Црква се поврзани неразделно.
Одделена од небото – од Божјата Мајка и светиите – Црквата се претвора во земска организација и престанува да биде мистичното тело на Христа, коешто во себе ги обединува сите живи и упокоени, светители и грешници.
Г.Г.