За осудувањето (2)
Ава Исак Тивејски дошол во киновијата и видел еден брат кој паднал во грев, па го осудил. Кога се вратил во пустината, дошол ангел Господов, застанал пред вратата на неговата ќелија и му велел: нема да те пуштам да влезеш. Авата го молел, велејќи: која е причината за ова? Ангелот му одговорил: Бог ме прати кај тебе, велејќи: прашај го, каде заповеда да го фрлам братот што падна? Ава Исак во истиот миг паднал на земја и рекол: згрешив пред Тебе – прости ми! Ангелот му рекол: стани, Бог ти прости, но понатаму пази се да не осудуваш некого пред Бог да го осуди.
Раскажуваа за ава Марко Египетски: тој проживеал триесет години, без да излезе од својата ќелија. При него имало обичај да доаѓа презвитер и за него да извршува свет Принос (Литургија). Ѓаволот, гледајќи го цврстото трпение на мажот, му намислил зло и решил да го искуша, па му внушил на еден бесомачен да отиде кај старецот, божем за молитва. Страдалниот, уште пред да се изговори нешто, му се раздрал на старецот, велејќи: твојот презвитер е грешник – не му дозволувај веќе да доаѓа кај тебе. Ава Марко му рекол: чедо мое! Во Писмото е речено: не судете, за да не бидете судени (Мт 7,1). Впрочем, и да е грешник, Бог ќе му прости – и јас самиот сум поголем грешник од него. Откако го рекол ова, тој се помолил, го изгонил демонот од човекот и го исцелил. Кога, според обичајот, презвитерот дошол, старецот го примил со радост. И Бог, гледајќи ја незлобивоста на старецот, му јавил некаков знак. – Зашто, кога презвитерот имаше намера да пристапи кон Светата Трпеза, видов – раскажувал самиот старец – ангел кој слезе од небото; тој ја положи својата рака врз главата на презвитерот и овој стана непорочен, стоејќи при светиот Принос, како огнен столб. Кога се восхитував на видението, слушнав глас што ми говореше: што се чудиш, човеку, на ова јавување? Ако и земниот цар не им дозволува на своите благородници да стојат пред него во валкана облека, туку од нив бара благолепие, зар Божествената сила уште повеќе нема да им дозволи на служителите на Светите Тајни да претстојат (гнасни) пред небесната слава? И блажениот Марко се удостоил со ваков знак заради тоа што не го осудил презвитерот.