Религија и наука (7): За инквизицијата (4)
„Според упорно повторуваната, макар и непроверена легенда, инквизиторските трибунали на средоземноморскиот регион биле фанатични и крвожедни, а шпанската инквизиција била најжестока од сите. Самиот збор ’инквизиција‘ одамна постанал синоним за нетрпеливост. Сепак, кога историчарите конечно почнаа систематски да го изучуваат огромниот масив на протоколи на инквизициите, се добија тотално поинакви резултати и постепено почна да се изработува нова претстава за нив. Сега, пак, веќе може да се говори за сеопшто прифаќање на два принципијални заклучоци, иако истражувањата не се завршени.
Како прво, средоземноморските инквизиции биле помалку крвожедни, отколку европските светски судови на раното Ново време. Меѓу 1550 и 1800 година пред судот на инквизициите се претставиле околу 150 илјади луѓе, но само 3000 од нив биле осудени на смрт: поголемиот дел од судовите на крупните европски земји има многу повисоки показатели, што се однесуваат на 16 и 17 век. Вториот важен заклучок се состои во тоа, дека средоземноморските инквизиции, за разлика од светските судови, изгледале позаинтересирани да ги разберат мотивите, коишто ги воделе обвинетите, отколку да го утврдат самиот факт на престапот. Порано се мислело дека инквизиторите, кои грижливо ја чувале анонимноста на своите информатори, во помала мера се грижеле за правата на обвинетите, отколку светските судии. Но, последните истражувања покажуваат дека инквизиторите биле попроникнувачки психолози, отколку светските судии, и биле целосно способни да дојдат до коректна, а често, и ослободителна пресуда.
Во целост, за разлика од светските судии, тие речиси воопшто не се ослонувале на тортурата за да се убедат во вистинитоста на тврдењата на обвинетиот. Инквизиторите се обидувале да проникнат во сознанието на луѓето, а не да определат правничка одговорност за престапот. Затоа протоколите на инквизиторските распити изгледаат сосема поинаку, за разлика од протоколите на светските трибунали, и на историчарите им оставаат богат материјал за обичаите и народните верувања… За разлика од светското судство на тоа време, судиите на инквизицијата работеле многу бавно и педантно. Ако некои од карактеристиките на нивната дејност, како што е анонимноста на обвинителите, ги заштитувале информаторите, многу други обичаи биле на страната на обвинетите. Бидејќи инквизиторите малку се грижеле да го востановат фактот на извршениот престап – ерес, богохулство, магија итн., сепак, попрво се стремеле да ги разберат намерите на луѓето, кои го изрекле или го направиле тоа. Тие воглавном ги разликувале раскајаните и непокајаните грешници, оние кои згрешиле случајно или намерно, крадците или будалите. За разлика од многу светски кривични судови на раното Ново време, инквизиторите малку се ослонувале на тортурата како на средство за утврдување на вистината во сложените и нејасни ситуации. Тие претпочитале осомничениот да го подложат на многукратно сослушување со поставување на вкрстени прашања, пројавувајќи понекогаш зачудувачка психолошка префинетост, да ги сфатат не само неговите зборови и дејствија, но и неговите мотиви. Инквизиторите биле целосно способни да им препорачаат на светските власти, коишто единствено и можеле нераскајаниот грешник да го предадат на смрт, да применат смртна казна, и самите донесувале многу сурови пресуди. Сепак, во основа, инквизиторите едноставно припишувале покајание со различен рок и интензивност. Нивната култура била култура на срамот, а не на насилството“ – пишува американски историчар, чија книга на руски превод се појави благодарение на Фондот на Сорос[1].
Од истражувањата на инквизициските архиви на историчарите од универзитетот на Охајо се дава заклучок дека инквизицијата, наидувајќи на дела за маѓепсништво, „ги испитувала ваквите дела неволно и благо ги казнувала престапниците. Мекоста на инквизиторските пресуди за обвиненијата за маѓепсништво е во контраст со суровоста на светските судии на Северна Европа во тие столетија. Зачудувачки е што шпанскиот Супремо веќе во 1538 година на своите одделенија им советувал: инквизиторите не треба да веруваат на сè што се содржи во ’Чеканот на вештерките‘, дури и ако авторот ’пишува за тоа како за нешто што самиот тој го видел и испитал, бидејќи природата на таквите дела е таква, што тој може и да греши, како и многу други‘, и зачудувачки е, исто така, што филијалата на римската инквизиција во Миланското херцогство се противела на месната паника, која во 1580 година во миланските темници привела 17 вештерки. Девет од нив биле ослободени од сите членови на обвинението, уште пет се ослободени по давањето на клетвата, една од нив во потполност ја признала својата вина, а две дале делумни признанија, но дури и тие три поминале со незначајна казна. Забележувајќи го таквиот однос, не треба да е чудно тоа што малкумина биле казнети за маѓепсништво, според забелешката на една од средоземноморските инквизициии (дузина вештерки во 1610 година, пришто, половина од нив умреле во темница), негледајќи на сета оставена можност. Чудно е да се гледаат огромните папки со собрани хартии од инквизиторите, со материјали од делата за маѓепсништво, знаејќи за малата реална штета, нанесена од нив на луѓето.
…Навистина дошол векот на Просветата. Како што видовме, средоземноморските инквизитори осудиле неколку илјади луѓе за недозволена магија, но казниле само дузина вештерки. Ако се зборува за тоа, во раното Ново време тие лишувале од живот мало количество на луѓе, обвинети за ерес. Ако се споредат тие податоци со бројот на анабаптистите, убиени во Австрија, Империјата и Холандија, средоземноморските инквизитори ќе се причинат дури и снисходливи. Сите дваесет одделенија на шпанската инквизиција од 1540-1700 година објавиле смртна казна само на 775 обвинети. Повеќето од нив, како и порано, биле јудаизанти, но помеѓу нив имало и неколку десетици волшебници, повеќе стотици протестанти (пред сè туѓинци, Французи), околу 50 хомосексуалци и неколку вештерки. Од 50 илјади обвинети, делот на осудени на смрт е 16%. Во Валенсија во 1484-1530 година биле разгледани 2000 дела и, практично, сите биле поврзани со јудаизантите, а смртните осуди биле 38%. По 1530 година, престап што се казнувал (споредбено) најсурово било скотоложништвото, коешто било под јурисдикција на инквизицијата само во Арагон: овде наоѓаме 23 смртни казни на 58 пресуди, пришто, бројот на казнети достигнувал 40% (за контраст, бројот на казнети дури меѓу обвинетите-јудаизанти сега бил 10%)“[2]. „Највнимателните проценки на количината на еретици, кои биле казнети во Рим во текот на првото столетие од дејноста на инквизицијата, пресметуваат стотици – од кои поголемиот дел биле протестанти“[3].
„Во првите 50 години од својата дејност (15 век) инквизиторите осудувале на смрт на клада до 40% од сите судени. Подоцна тој процент се намалил до 3-4“[4]. Само два процента од уапсените од шпанската инквизиција биле подложувани на тортури и тие не траеле повеќе од 15 минути.
Пораните (што значи, помалку документираните и потенденциозните, но, сепак, научни) публикации сметале дека во Европа „Светиот трибунал запалил повеќе од триесет илјади маѓепсници“[5]. Секако, ѕверско нешто. Но, сепак, не се милиони. На просторот на светските репресии на безбожничкиот 20 век, цифрата 30.000, распределена по сите земји и неколку векови, веќе не изгледа вртоглава. Инквизицијата е оклеветена прво од протестантските, а потоа и од масонските автори.
[1] Монтер У., Ритуал, миф и магия в Европе раннего Нового времени, М. 2003, 84-85 и 99.
[2] Монтер У., Ритуал, миф и магия в Европе раннего Нового времени, М. 2003, 90-91 и 94.
[3] На истото место, 95.
[4] Плавский З., Испанская инквизиция: палачи и жертвы, СПб. 2000, 58.
[5] Ли Г., История инквизиции в Средние века, Т. 2, 528.
ѓакон Андреј Кураев
Прв дел Втор дел Трет дел Четврти дел Петти дел Шести дел
Г.Г.