За гостољубието и милостината (3)
Еден брат му рекол на ава Пимен: кога на братот му давам малку леб или нешто друго, демоните ми го оцрнуваат дарот, како да го правам од човекоугодие. Старецот му рекол: макар да е тоа и од човекоугодие, треба да му го даваме потребното на братот. И му ја раскажал следнава приказна: живееле двајца земјоделци во еден град. Едниот од нив посејал, и многу малку и невнимателно се потрудил, додека другиот од мрзливот не посејал и ништо не направил. Кога ќе има глад, кој од нив ќе најде прехрана? Братот одговорил: оној што малку и невнимателно се потрудил. Старецот му одговорил: така и ние да сееме, макар малку и невнимателно, за да не умреме од глад.
Еден брат го прашал него (Пимен): кажи ми поука. Старецот му одговорил: колку што можеш, занимавај се со ракоделие, за од него да им подаваш на оние што имаат потреба, зашто е напишано: милостината и верата очистуваат гревови (Изреки 15,27). Братот го прашал: што е вера? Старецот одговорил: верата (тука) значи – да живееш смиреномудрено и да даваш милостина.
Близу едно општежитие живеел еден отшелник (пустиник) што правел многу подвизи. Се случило некои да дојдат во општежитието и да го принудат да јаде надвор од определеното време. По ова, браќата го прашале: ава! Да не ти е мака сега? Тој им рекол: мојата мака е тогаш, кога ја исполнувам сопствената волја.