За царските двери во Литургијата: Заклучок

Втор и последен дел од написот

rsz_dveri_liturgija (1)_resized

Св. Николај Кавасила го повторува Псевдо-Ареопагит: „Потоа свештеникот има намера самиот да пристапи и другите ги поканува кон Трпезата… Откако ќе го земе и ќе го покаже Живототворниот Леб, повикува на причест… И возгласува ’Светињите се за светите‘, притоа како да вели: ’Еве го Лебот на Животот што го гледате. Затоа, дојдете да се причестите‘“. Сведоштвото на Кавасила има особена вредност. Тој самиот припаѓа кон епохата, кога веќе раскошно цветала тенденцијата кон изградување на високи иконостаси и имањето на затворени царски двери во олтарот за време на Литургијата. Може да се каже дека Николај Кавасила се движел против течението и бил своевиден пророк на евхаристиско возродување во нему современата средина. Него можеме да го наречеме „византиски Јован Кронштадски“.

Значи, гледаме дека обредот на кревање на Божествениот Леб при возгласот: „Светињите се за светите“ има сосема еднозначна и единствена смисла: на причасниците да им се претстави пред очи Божествената Храна – Изворот на бесмртноста. Ако обредот не ја постигнува нему својствената цел, тогаш тој се лишува од смислата и се случува негова профанација. Мислам дека никој нема да негира, дека зад повлечената завеса (а и без неа, при затворени двери на иконостасот) е невозможно да се „види“ тоа Божествено вознесување. Следствено, треба да се признае дека светотаинскиот акт ја губи својата смисла и не се извршува со тоа значење, коешто нему еднозначно му се припишува преку согласието на отците во православната традиција!

Подоцна, како печурки по дожд, почнале да израстуваат алегориски „толкувања“, истиснувајќи ги со себе толкувањата на отците на Црквата од раната епоха, коишто врската на храмот и олтарот со богослужението ја објаснувале низ призмата на учеството на верните во Евхаристијата. За да се „објаснат“ манипулациите со царските двери, обично се повикуваат на символичното значење на Литургијата, според кое на Литургијата се изобразува целиот Христов живот на земјата (на пример, затворањето на дверите по херувимската песна го „изобразува“ полагањето на Спасителот во гробот и запечатувањето на гробот). Но, Литургијата е имено символ, а не драма. Во символот нема „актери и декорации“. Во символот има свештенослужители, а кон овие се прибројува не само свештенството, туку и целиот црковен народ, осветен во тајната на Крштението и Миропомазанието. И во тоа свештено служење учествуваат сите оние што се наоѓаат во храмот, сите верни се причасни на полнотата на символизмот на Литургијата. Во тоа се состои смислата на зборот дека „не е олтарот ’гробот Христов‘, туку целата Црква како еден литургиски простор, па дури и сите верни“, како што пишува св. Николај Кавасила, го претставуваат Гробот, во кој слегуваат Телото и Крвта на Христос, и од којшто Христос воскреснува, совоскреснувајќи го со Себе и човекот.

Што да кажеме за онаа Литургија што многу патријарси и епископи ја служат под отворено небо. Зар таа Литургија е „помалку благодатна“? Или, пак, таа е „неполноцена по символичноста на свештенодејствието“, затоа што нема двери и нема завеси? Тешко дека некој ќе си дозволи да каже нешто такво, но ова се логички заклучоци од оние барања што денес се претставуваат од „ревнителите“ на воспоставениот поредок.

Како прво, сите што се крстени и добиле Дар на Светиот Дух се Христови ученици, повикани на Неговата трпеза (зашто оној што се причестува и е учесник во Таинството). Сите што присуствуваат на Литургијата се нејзини учесници. Христос не ги поделил причасниците на Тајната вечера на две класи: оние што гледаат што Тој прави и оние што не гледаат, но на кои само им се „изнесува“ Телото Христово од горната соба. Како второ, повторно се појавува прашање: а ако служи архиереј, тогаш зарем веќе и окото на оние што стојат во храмот не е нечисто и срцето не им е лукаво? (Бидејќи, кога служи архиереј, дверите се секогаш отворени на Литургијата). Во што е смислата на поделбата на едниот свештен мистичен простор на Телото Христово (Црквата) за време на Литургијата – во тоа време кога сите прегради имено треба да бидат надминати/преодолеани? Литургијата е гозбата на Царството Небесно уште сега, на земјата. А символ на таа гозба, која ги соединува небото и земјата, треба да станат токму целосно отворените двери на Вечноста за време на целата служба, кога служењето во Вечноста се извршува од целата Црква во еден и неподелен простор.

За тоа, колку негативно влијае олтарната преграда врз самите свештенослужители, пишувале такви личности како отец Александар Шмеман и отец Николај Афанасјев. Краткото резиме на нивната мисла е вакво: свештенослужителите во олтарот, одделени од погледот на оние што се молат, честопати водат разговори за време на богослуженијата, седат, читаат писма, општат со браќата. Отсуството на иконостас или – како минимум – низок иконостас и широки царски двери, отворени за време на целата служба ќе послужат за издигнување на молитвеното благочестие и на самите свештенослужители.

По однос на постоечката богослужбена пракса во Руската православна црква, протопрезвитерот Александар Шмеман, како одговор на својот епископ, кој укажувал да се пазат прописите во уставот за царските двери и завесата, пишувал: „Мислам дека е голема, па дури и трагична грешка да се апсолутизира она што самата Црква не го апсолутизирала, тврдејќи дека само оваа или онаа практика е правилна, а секоја друга неправилна. Така, на пример, ниту на едно место во текстот од Литургијата на св. Јован Златоуст, како што тој е испечатен во руските книги (пред мене е прекрасното Московско синодско издание од 1904 г.), завесата дури и не се споменува. Доколку затворањето на царските двери за време на богослужението е навистина органски и суштински дел од евхаристиската служба, тие не би биле оставени отворени кога служи епископ или, како што е обичај во руската практика, кога служи свештеник со одреден чин… Лично сум убеден дека современата грчка практика, во која дверите воопшто не се затвораат во текот на целата Литургија, е значително поверна на вистинскиот дух на Евхаристијата и православното поимање на Црквата, отколку практиката на Руската црква, која, изгледа, постојано ја истакнува поделбата меѓу народот Божји и клирот.“

Многу често, некои се повикуваат на Типикот. Но треба да се знае дека типикот е книга прирачник за чтеците, а не за свештениците, за коишто во него се зборува во трето лице. Но, како и да се однесуваме кон Типикот, треба да помниме дека самиот збор „Типикон“ значи „Зборник на обрасци“, скици на богослужението. Тоа не е канон со жестоки барања, туку едноставно образец, примери што не се вечни и не се неоспорни.

На разни места и во разно време се пазеле различни традиции по однос на користењето на завеса и царски двери на Литургијата. Обновувањето на традицијата на служење на Литургијата при сослужување на целиот народ, со негово полноцено соучество во ова служење – со слушање, молитва, созерцување, причестување, благодарење претставува исконска и автентична христијанска древност, древност што не старее.

Што ни попречува, согласно светите отци и согласно традицијата на „Мајката Црква“ – светиот Гроб на нашиот Господ, да ја примиме традицијата, при која сите верни би можеле да го созерцуваат/набљудуваат евхаристиското свештенодејствие?

Заклучок

Црквата е жив организам, а не бездушно здание. Секој жив организам е подложен на страдања, на метаморфози. И задачата на секој жив организам е да ги победува болестите, „да го истресува правот“ и да се развива понатаму. Се надеваме дека иследувањата што се спроведуваат од богословската школа нема да бидат „ставени во папка“, нема да бидат покриени со „вековна прашина“, туку ќе станат стимул за реална дејност при преобразувањето на нашиот литургиски живот. Сега оваа тема е особено актуелна, бидејќи без полноцено воведување на верникот во православното богослужение, ние ризикуваме да го изгубиме тој верник, ако не за Црквата во целост, тогаш за богослужението. Нашиот народ се ползува со секакви литургиски сурогати, апокрифни молитви итн. поради недостапноста на богослужението за него. Тука нема да помогне само катихезацијата. Доаѓајќи во храмот, човекот (ако тој посакува да стане член на заедница, а не само како оној што дошол да „запали свеќа“) го бара своето место во богослужението. Но, тоа излегува затворено за него.

архимандрит Теогност Пушков

Интегралниот текст, објавен во списанието “Церковь и время” № 52 2010, со изворите на иследувањето, можете да го видите тука.

Прв дел

Подготвил: Георгиј Глигоров

 

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *