Владика Методиј: Духовниот меч на свети Климент (2)

rsz_1priest

Потребата од символичко проникнување во својата богоизворна убавина, сведочењето за неа и, конечно, учеството во неа најдиректно е изразена во култот, или поточно културата на свештените одежди, која е неодминлив и клучен елемент на секој религиски облик, дури и на оние најпримитивните. Во религиозните свештенодејствија свештеникот не учествува во својата вообичаена, секојдневна, би рекле, делнична појава, и секако не во својата вообичаена облека, колку таа и да се разликува од облеката на останатите учесници во свештенодејствието, туку во особено подготвена посветена риза со која тој не треба само да се разликува од другите, туку треба да сведочи за блесокот на невидливата и беспрекорна првородна облека – девственоста. Со оваа првоначална риза на човекот му станува можно да заедничари со причината и изворот на тоа совршенство – Трисолнечниот Бог. Поаѓајќи од еден мошне груб формализам, често се среќаваат мислењата дека свештените одежди како културен феномен имаат чисто психолошки карактер и дека причината за оваа појава лежи во вродениот пиетет кон Бога, и во мислата дека само во облека која му доликува на благочестиво и молитвено расположение на човека му е можно и неопходно да Му пристапува на Бога и на неговиот олтар на земјата. Ваквата мисловна конструкција ја разобличува богомудриот апостол, великиот Павле, кој, обраќајќи им се на коринтјаните, го вели следново:

„Ако, пак, служењето на смртта со букви, издлабени во камења, беше така славно, што синовите Израилеви не можеа да погледаат во лицето на Мојсеја, поради преодниот сјај на неговото лице, тоа како ли нема да биде славно служењето на Духот! Оти, ако служењето на осудувањето е славно, тогаш служењето на оправданието е многу поизобилно со слава. И не е славно она што се прослави тогаш спрема преголемата слава. Оти, кога е славно она што престанува, тоа во многу поголема слава ќе биде она што останува. Имајќи,пак,таква надеж, ние дејствуваме со голема слобода, а не како Мојсеј што ставаше покривало на лицето свое, за да не можат синовите Израилеви да го видат крајот на она што останува. Но умовите нивни заслепеа, бидејќи и до ден денес, кога се чита Стариот завет, покривалото стои несимнато, зашто Христос го симнува. Па и до ден денс, кога се чита Мојсеј, покривалото им лежи на срце. Но, кога ќе се обрнат кон Господа, покривалото им се симнува. А Господ е Дух; а каде што е Духот Господов, таму има слобода. Ние, пак, сите со откриено лице, гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во ист образ, од слава во слава, како што доаѓа Духот Господов (2Кор. 3,7-18).

Ова нè воведува во мистирионот на духовниот авторитет со кој е обдарен свештенослужителот и кој не само символички туку и онтолошки е изразен преку богослужбените одежди како богооткриена убавина. Духовниот меч на свештеникот е оиконет во неговата служебна риза, ракотворена од најскапоцените и најпрефинети твари. Скапоцените платна, благородните метали и бесценетите камења и кристали, и самите во себе се бременити со највозвишени символички значења, со нив тие ни го приопштуваат знаењето за невидливите и наднебесни категории, кои се зад веловите на символичното знаење. Со чудесно внимание и со благоговејност, вештите мајстори, занаетчиите и уметниците, подобно на нивните бестелесни собраќа – ангелите, го принесуваат во видливиот свет и го отелотворуваат од Божјата мудрост повеленото искуство во создавањето убавина:

“И направи му свештени одежди на Арона, братот твој, за чест и слава. И кажи им на сите надарени со ум, кои сум ги исполнил со дух на премудрост и расудување, за да му направат на Арона одежди, со кои ќе ми служи во светилиштето. А ова се одеждите што треба да ги направат: наградник, ефод, наметка, везен хитон, кидар и појас. Нека направат свети одежди за Арона, и за синовите негови, во кои ќе Ми свештенодејствуваат. Затоа и овие нека земат злато и ткаенина сина, црвена и темноцрвена и висон; па нека направат ефод од висон ткаен, изработка шарено ткаена. На него два нараменика нека има, кои се врзуваат на двата краја, за да се држат заедно. И ткаењето на ефодот, кој е одозгора, нека биде иста изработка: од злато, од ткаенина сина, црвена и темноцрвана и од висон. И земи два камена смарагд, и изрежи ги на нив имињата на синовите Израилеви: шесте имиња нивни на едниот камен, а другите шест имиња на вториот камен, според нивното племе; со помошта на резбар, преку вешт каменорезец, кој длаби печати, ќе ги изрежеш на тие два камена имињата на синовите Израилеви. Тие два камена потоа стави ги на нарамениците од ефодот, како камења за спомен на синовите Израилеви: и Арон нека ги носи имињата на синовите Израилеви пред Господа на обете рамења за нивни спомен. Направи и две рамки од чисто злато, потоа две веришки од чисто злато ишарани, направи ги со цветови, па закачи ги плетените веришки на рамките, од нараменикот нивни однапред. И градник судиски направи, везен, направи го како по составот на ефодот: од злато, од ткаенина сина, црвена и темноцрвана и од висон ткаен направи го; четириаголен да биде, двоен, педа долг и педа широк; нареди по него во четири реда скапоцени камења. Во првиот ред: сард, топаз и смарагд, во вториот ред: антракс, сафир и јаспис; во третиот ред: лигур, ахат и аметист; во четвртиот ред: хрисолит, јаспис и оникс. Опточи ги со злато, а нека бидат поставени во златни рамки, да бидат на својот ред. Тие камења со имињата на синовите Израилеви треба да бидат дванаесет, според имињата нивни: нека бидат врежани како печат, со по едно име од бројот на дванаесетте племиња. И на наградникот стави веришки вити, исплетени од чисто злато. Направи и две алчиња златни за наградникот, и двете алчиња прицврсти ги за двата краја на наградникот, па провлечи ги двете златни веришки низ двете алчиња за краевите од наградникот, а другите два краја од двете веришки закачи ги за двете копчиња и стави ги на нарамениците од ефодот, од предната страна. Направи и уште други две алчиња златни, па стави ги на другите два краја од наградникот, од крај в крај на ефодот назад, одвнатре, а направи и две златни алчиња, и прицврсти ги за двата нараменика на ефодот, одоздола, од неговата предна страна, каде што се соединува, над појасот. Потоа алчињата на наградникот нека се врзат за алчињата на ефодот со сина врвка плетена од волна, та да не се одделува наградникот од ефодот. А Арон нека ги носи имињата на синовите Израилеви преку наградникот судиски над срцето свое кога ќе влагува во светилиштето, за спомен пред Бога. А во наградникот судиски стави ги Урим и Тумим; и тие ќе бидат на градите Аронови, кога влегува пред Госдпода; а Арон секогаш ќе го носи над градите свои судот на синовите Израилеви пред Господа. Направи и наметка за ефодот, целата сина; одозгора во средината нека има прорез за главата; и нека биде работ на прорезот наоколу опшиен со ширит ткаен, така што наметката да не се реси; и по полите нејзини направи топченца од сина, црвена и темноцрвана ткаенина, и темен висон наоколку, а меѓу нив и златни ѕвончиња: ѕвонче златно па топче, ѕвонче златно па топче по полите на наметката насекаде наоколу. Неа ќе ја носи Арон, кога ќе служи, за да се слуша гласот од неа кога ќе влегува во светилиштето пред лицето на Господа, а и кога излегува, та да не умре. А направи и плочка од чисто злато, и на неа изрежи како на печат „Светиња Господова“, и да ја поставиш на сина ткаенина за кидарот, да стои од предната страна на кидарот; да биде на челото Ароново, та Арон на себе да ги презема гревовите на приносите, што ги посветуваат синовите Израилеви од сите дарови, што му се принесуваат тие; и така, таа нека биде секогаш на Ароновото чело, за да бидат тие секогаш примени од Господа. Направи и хитон од висон, и кидар од висон; а појасот направи го везен. И на синовите Аронови направи им хитони, направи и кидари, и превивки за главата направи им, за чест и слава. Во тоа облечи го Арона, братот твој, и синовите негови со него; помажи ги, исполни им ги рацете, и освети ги, за да ми бидат свештеници. А направи им и долна облека од лен, да се покрие голотијата од телото нивно, од крстот до бедрата, нека биде, и да ги носи Арон, и синовите негови, кога влегуваат во скинијата на сведоштвото, или кога пристапуваат кон жртвеникот за служба во светилиштето, за да не навлечат грев и не умрат. Тоа е вечен закон за него и за потомството негово по него“ (2Мој. 28,2-43.).

Овој особен однос кон свештените одежди, за кој пишува светиот пророк Мојсеј, се пренесува во новозаветната Црква:

„А светите одежди Аронови по него нека преминат на синовите негови, за да бидат во нив помазувани и во нив да се посветуваат за свештеници. Седум дена нека се облекува во нив великиот свештеник, оној, кој на неговото место ќе биде свештеник од синовите негови, кој ќе влегува во скинијата на сведоштвото за да служи во светилиштето“ (2Мој. 29,29-30.).

Теологијата на свештенослужењето и теологијата на свештените одежди и дејствија во христијанството се преобразуваат во Литургијата како пројава, поточно како откровение на новата твар (види: Гал. 6,15). За Оваа преобразба зборува и апостолот Павле во погоре наведениот цитат од Второто послание до коринтјаните.

(продолжува)

Прв дел

отец Методиј Златанов

Еден коментар

Напиши одговор на Makedonka.madzirova Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *