Видови на светост
Светителите меѓусебно се разликуваат по личните дарови и придонесот во живото Предание на Црквата:
Пророците се свети Божји луѓе кои живееле во времето пред Христос. По дејството на Светиот Дух тие на избраниот Божји народ, Израил, му го претскажувале (пророкувале) доаѓањето на Месијата, пророчки укажувајќи ги настаните од Неговиот живот и од животот на Црквата.
Апостоли се Христовите ученици кои биле сведоци на Воскреснатиот Христос и го имале дарот и службата на мисионерство (проповедање на Евангелието на народите и основање на црковни општини). Апостоли биле само оние што Го виделе Господа (на апостолот Павле, којшто не бил Христов следбеник, Господ му се јавил на патот за Дамаск и така добил дар на апостолство).
Маченици се оние коишто совршено ги исполниле Христовите зборови: Кој сака да оди по Мене, нека го земе својот крст и нека Ме последува. Зборот маченик на грчки е мартис, што значи – сведок. Нивната смрт за Христа била сведоштво за преобразбата на смртта, која веќе преку Христа претставува премин во обновена реалност. Во првите три века милиони христијани пострадале за својата вера; според Тертулијан, нивната крв била семе за нови христијани. По три века гонење, во 4 век Христијанството ја добива својата слобода, којашто значела триумф на верата што го победи светот (која претходно била соблазна/скандал за Евреите, а безумство за Елините). Свештеномаченици се оние маченици коишто имаме ерархиско свештенство.
Исповедници се оние што за време на својот живот страдале, исповедајќи ја верата, но не починале со насилна смрт, мачеништво. Преподобен Максим Исповедник е класичен пример: тој целиот живот страдал за своето исповедање на православното учење против монотелитите (му бил исечен јазикот и едната рака).
Преподобни се оние што преку аскетски (подвижнички) живот во монаштво (пост, молитва, победа над страстите) достигнале висок степен на подобност, сличност на Бога, т.е. во себе го развиле потенцијалот на образот Божји, подобието. Преподобномаченици се монаси коишто пострадале со маченичка смрт.
Јуродиви (безумни) заради Христа се оние што достигнале висок степен на смирение, понизност, земајќи го на себе крстот да бидат сметани како луди за светот и од него да ја сокријат големината на својот подвиг (св. Андреј Јуродив, св. Василиј Јуродив, св. Ксенија Петербуршка). Основа на овој вид подвижништво се зборовите на Павле: Ние се безумни заради Христа (1Кор 4,10).
Житијата на светиите, според зборовите на преподобниот Јустин Ќелиски, го претставуваат животот на Господ Христос повторен во животите на светиите. Тие се опит и живо Предание на Црквата, а нивното читање е од голема полза за верните. (Можеме да кажеме дека, на некој начин, житијата ги прикажуваат успешните експерименти, со коишто се потврдува вистинитоста на христијанскиот благодатен живот). Во неделата по Педесетница (Духовден) се одбележува споменот на сите светии (и на оние што се познати и имаат свој празник и на сите оние што не се познати).
Г.Г.