Верата не е убедување, туку живот
Во денешно време речиси нема човек, а да не е корисник на социјалната интернет мрежа Facebook. При уредувањето на профилот, корисниците даваат различни информации за себе (работа, образование итн.). Еден од деталите што можат да се укажат е именуван како „Religious Views“ (религиозни погледи). Дали сме размислиле за значењето на овој израз? Ова е, всушност, она на што мислат луѓето кога говорат за религија – тоа е прашање, не на начин на живот, туку на „погледи“, убедувања. Facebook не го користи дури и терминот beliefs (верувања).
Но, за многу традиционални религии, верата не е само збир на „погледи“. Напротив, верата е начин на живот, целисходен начин на живеење кој во својата срцевина има одредени цели, коишто одредуваат сè во тој начин на живот. Во својата терминологија, Facebook ја претставува секуларната философија која не е толку директно негирање на духовните вистини, колку расчленување (одделување, компартментализација) на животните елементи во категории, коишто немаат никаква суштинска врска една со друга. Во една кутија ги чувам економските погледи, во друга погледите за кабелската телевизија, а во трета омилената книжевност. А во оваа ја чувам мојата религија. Т.е. религијата не е нешто што ги уредува сите аспекти на животот, туку се сведува само на еден аспект во животот, на некаква си потреба (како гладот и жедта, разонодата), но не го преобразува целокупниот живот на човекот. Според оваа секуларна философија: кога сум во црква, јас сум христијанин и ги пазам обичаите, но потоа можам и да бидам и блудник, и пијаница, да осудувам, едноставно како и сите други што прават, и тоа нема никаква врска. Инаку, јас си ја почитувам верата…
Религијата не е само нешто што мислиш, тоа е нешто што правиш, нешто што активно те ангажира. Постои една фундаментална вистина за сите религиски практики: Она во што веруваш и она што го правиш се навистина важни. Ако е ова вистина, а мислам дека тоа е очигледно, тогаш постои и последица што треба да ја прифатиме: Ако го промениш она во што веруваш и она што правиш, тогаш ќе добиеш различни резултати. Ова е вистина за сè во животот. Ако прашаме кого било: хемичар, физичар, психолог, ѕидар, хигиеничар – сите ќе ви кажат дека е важно она во што веруваш и она што правиш, и ако ги промениш тие нешта, ќе добиеш и поинакви резултати. Денес ние не го применуваме овој основен принцип на она што е најважно во човечкиот живот.
Во религиски контекст, оваа фундаментална вистина значи дека различни религии, бидејќи тие различно веруваат и различно практикуваат, ќе дадат различни резултати. Понекогаш тие различни резултати се ставаат под една ознака, на пример, спасение. Но, што значи да бидеш „спасен“? За хиндуистот што практикува религиска јога, спасението значи ослободување од физичкото тело и апсорпција (претопување) во заборавот на универзумот, уништување на индивидуалната личносност во нирваната. Спасението е нешто различно за муслиманите, за будистите, па и за христијаните на различни деноминации. Членовите на различните вери имаат различни методи, со кои се обидуваат да го здобијат она што го сакаат.
Бидејќи постои вистина и постои невистина, и бидејќи повеќето религии традиционално тврдат дека нивната вера е вистинска, а останатите, логично, барем во нешто се погрешни, тогаш тоа значи дека некои религиозни верници се фундаментално заблудени во врска со нивните верувања и практики. Ова значи дека нема да ги добијат резултатите што мислат дека ќе ги добијат. Не можеме сите да бидеме во право, бидејќи даваме различни тврдења за природата на реалноста. Во соба полна со хемичари, каде сите експериментираат различно со истите хемикалии, некои ќе добијат корисни производи, а други – експлозии во лицето.
Во православната христијанска вера, целта на животот е да станеме слични на Исуса Христа. Прашањето „дали ќе одиме во рајот“ кога ќе умреме е само еден елемент во многу поголема слика. Конечно, тоа е сликата на Света Троица. Целиот живот на православниот христијанин има една цел: единство со Света Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, Единиот Бог Кој создал сè. Патот до тоа единство е Исус Христос, Богочовекот, втората Личност на Светата Троица. Спасението е здобивање на вечен живот.
Г.Г.