Важноста од правилното познание на Бога

Петти и последен дел од воведната реч на „Неделната катихетска школа“ – Штип

Christ_Taking_Leave_of_the_Apostles

Во 17 глава од Евангелието според Јован, во својата молитва кон Отецот пред да појде на Распетие, Исус дефинира што значи тоа: А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос (17,3). На крајот се моли, И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние. Јас сум во нив и тие се во Мене, за да бидат во сè едно, и да узнае светот дека Ти си Ме пратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби (Јн 17,22-23). Според тоа, во православната христијанска вера, да се биде спасен – да се има живот вечен – значи да се познава Бог во Исуса Христа. Исто така, тоа значи да се прими од Исус славата која, како Син Божји, ја има од Својот Отец.

Станува јасно дека спасението е нешто многу многу повеќе, отколку тоа дека се избавуваме од пеколот кога ќе умреме. Тоа е длабоко, интимно познание на Бог – Отецот, Синот и Светиот Дух. И во ова длабоко познание – коешто претставува опит, а не интелектуална акумулација на факти – оние што се спасени ја добиваат самата Божја слава. Да се оди во рајот или пеколот во моментот на смртта, едноставно значи дека нашиот опит на Бога во овој живот продолжува и во следниот, но со интензитет. Ако Го љубиме Бога и Го познаваме длабоко, тогаш нашиот опит во следниот живот ќе биде бескраен и со засилена радост. Ако Го одбиеме Бога или едноставно Го игнорираме Него во овој живот, тогаш нашиот опит на Неговата љубов во следниот живот ќе биде непознат за нас и ќе се доживува како страдање.

Затоа е важно учењето. Затоа ереста е многу опасна. Бидејќи целото учење во основа е ориентирано да нè упати кон интимно познание на Бога, оти она што го определува нашиот вечен пат, нашиот вечен опит во животот што следи, е карактерот на нашето знаење на Него. Ова знаење многу ќе зависи од нашето придржување кон правилното учење и од живеењето на истото во нашиот секојдневен живот.

За да ја доловиме поентата на кажаното, еве еден сликовит пример од еден американски православен свештеник, Ендрју Стефен Дејмик, клирик на Антиохиската православна црква. Примерот што го приведува можеби е донекаде груб, но е ефикасен.  Тој вели: да замислиме дека вие сте членови на мојата парохија и сте слушнале гласини дека сум хомосексуалец на дело. Тоа не е вистина, но ако вие верувате во тоа, истото ќе се одрази на вашиот однос кон мене, а бидејќи сум свештеник, тоа може да влијае и врз целата парохиска заедница.

Оние што ја сметаат хомосексуалноста активност за грев можеби ќе се оддалечат од мене и нашиот однос ќе се раскине. Оние што ја преферираат оваа активност можеби ќе се обидат да ми се приближат, но таа блискост ќе се разруши, бидејќи верувањето е погрешно. Некои ќе си заминат од парохијата засекогаш. Други однадвор можеби ќе ги слушнат гласините и никогаш нема да дојдат, а некои ќе сакаат да се придружат.

Животот на моите најблиски, на мојата жена и семејството, ќе се поремети, ако поверуваат во гласините. Тоа најверојатно ќе го уништи нашиот семеен живот. А растурањето на тој семеен живот ќе одекне, не само во нашата поширока фамилија, туку и меѓу пријателите, парохиската заедница итн. Сето тоа поради погрешно верување за тоа кој сум јас.

Замислете дека погрешното верување е сериозно нешто, но помалку екстремно од претходното. Да речеме да се верува, дека имам проблем со пиењето. Ефектот на оваа гласина веројатно ќе биде исто така значаен, но ни одблизу експлозивен како претходниот. Во секој случај, сите овие односи не се погодени само од моралните дејствија на засегнатите, т.е. од тоа дали сториле нешто добро или лошо еден на друг, туку од она во што веруваат за некого и како реагираат на тие верувања.

И така, зголемете ги сите овие ефекти до обемот на прашањето за служењето и познанието на Самиот Бог на универзумот. Некои погрешни учења за Него може да имаат огромни духовни последици. Некои – помали ефекти. Но сите тие, во некој степен, нè оттргаат од вистинското и чисто познание на Единствениот вистински Бог, а ќе се одрази и на тоа, дали и како ќе ја примиме Неговата слава, и како ќе Го доживуваме Него во следниот живот. Да се живее морален живот според Божјиот закон е навистина суштинско за животот во Христа, но не и доволно. Ние, исто така, треба да Го познаваме Бога како што Он навистина се открил Самиот Себеси, онака Каков што Он Е. Затоа учењето, правилното знаење на Бога, е крајно важно.

Прв дел    Втор дел   Трет дел   Четврт дел

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *