Тајната на Пресвета Троица
Кој или Што е Бог? Обично луѓето за Него говорат како за возвишено и вечно Битие, Кое постои на посовршен начин од светот, Совршено Суштество, богато со сите возвишени атрибути (најверојатно оттаму и потеклото на словенскиот збор „Бог“ – богат со сè). Философите го определуваат како Апсолут.
Многу луѓе веруваат во Бога, во тоа дека нешто постои, некаква сила (има Нешто…). Тоа е едноставно деизам. Но, да се верува во Бога, тоа сè уште не значи да се биде христијанин. Богот на Библијата, Богот на Христијанството е Бог на Откровението. Он не бил воочен како некоја безлична суштина, туку Самиот се открил на светот онаков како што Е, како Личност.
Христијаните веруваат во Бог Троица – Отец, Син и Свет Дух – тоа не се три бога, туку еден Бог во три Ипостаси, Личности. Тоа е единствениот случај кога 1=3 и 3=1. За разумот ова претставува апсурд и затоа оваа тајна се прима само со вера.
Постојат два начина или два пата во обидот да се објасни или постигне Божјата природа. Првиот е патот на определување што е Бог: Он е битие, Он е добар, праведен, Он е љубов. Тој пат во богословската наука се нарекува катафатика. Во нашето сфаќање на Бога, ние најчесто ги користиме овие катафатички поими, бидејќи тоа е полесно и подостапно за умот. Но, нарекувајќи Го Бога со некое име или својство, веднаш доаѓаме до заклучок дека Он го надминува секое име: Он не е само битие, туку го надминува секое битие, Он не е едноставно добар или праведен – во Својата љубов Он ја надминува секоја праведност и секоја добрина, Он е љубов – но Он е повозвишен од љубовта, Он е надљубов. На крајот доаѓаме до заклучок дека ништо не можеме да кажеме за Бога потврдно, што и да кажеме е непотполно, делумно и ограничено. Оттука природно преминуваме на другиот начин на говорење за Бога, кога објаснуваме што Он не е. Тоа е апофатика. Тоа е изразено во евхаристиската молитва која ја чита свештеникот за време на Достојно и праведно е (а ние, за жал, не ја слушаме): „Ти си Бог неискажлив, непоимлив, невидлив, недостижен…“ Бог не е нешто што можеме да го определиме. Значи, доаѓаме до конечен заклучок дека и двата начина на објаснување на Божјата природа не можат да Го доловат Бога во поимањето што е Он навистина.
Бог Е суштина и енергии. Неспознатлив во Неговата суштина, но спознатлив во Неговите енергии. Едниот пат (патот на негирањето, апофатиката) се однесува на Неговата суштина, која не можеме никако да ја спознаеме, додека другиот говори за Божјите енергии, за Неговиот однос кон светот, преку што ние, сепак, имаме некакво знаење за Него.
Бог е беспочетен, бесконечен, вечен, несоздаден, невидлив, неопислив, беспределен, непостижен, добар, праведен, Творец на сè, Семоќен, Седржител, Кој гледа сè, Промислител за сè, Владетел на сè. Ние како создадени битија не можеме да си ги претставиме овие нешта. За нас е природно сè да има почеток и крај, но Бог е беспочетен и тоа ни е тешко да го сфатиме. Но, како што за нас се природни минливите категории, за Бога се природни беспочетноста и бесконечноста, Он е над времето и просторот, Он живее во Вечност, за Него нема минато, сегашност или иднина, Он живее во вечен презент; Божјата перспектива ја гледа историјата како еден миг, како што се вели во псалмот: за Него илјада години се како еден ден и еден ден како илјада години.
Во историјата на човештвото се забележува постепеност во откривањето на вистината за Бога и Кој е Он навистина. Во древноста кога царувал политеизмот (верувањето во многу богови), најпрво преку еден избран народ, Евреите, се открива вистината за постоење на само еден Бог, Творец на сè (монотеизмот). Целата старозаветна еврејска религија практично претставувала подготовка за совршеното Откровение за Бога преку очекуваниот Месија, Христос. Со Христа конечно се објавува Вистината за Бога како Единствен во Три Личности. Кога се крштева Исус во реката Јордан, на почетокот од Својата мисија, се слуша гласот на Отецот, Синот се крштева од Јован, а Светиот Дух слегува во вид на гулаб. Во историјата ова е првото објавување на Бог на Самиот Себеси како Троица. Тоа е, всушност, она што го празнуваме на празникот Водици, кој заради тоа е наречен Богојавление.
Тајната на Пресвета Троица се открива дури со евангелската историја, со доаѓањето на Христос, но уште во Стариот завет се среќаваат некакви укажувања, навестувања за постоењето на повеќе Лица во Бога. Уште на првите страници од Библијата, при создавањето на човекот Бог се советува со некого: „Ајде да создадеме човек според Нашиот образ и подобие“ (1Мојс 1,27). Христијанските толкувачи во ова отсекогаш гледале советување меѓу Лицата на Троица. Потоа, при падот на човекот Бог пак вели: „Ете, Адам стана како еден од Нас и знае што е добро и зло“ (1Мојс 3,22). Како и при градењето на Вавилонската кула: „Ајде да слегнеме и да им ги смешаме јазиците нивни, па да не се разбираат еден со друг“ (1Мојс 11,7).
Една епизода од историјата на патријархот Авраам, во христијанската традиција се гледа како старозаветно символично објавување на троичното Божество. Имено, во еден случај кај Авраам доаѓаат тројца патници (види 1Мојс 18); тој среќава тројца, а се обраќа како кон еден: „Господи…“.
Пророк Исаија опишува една своја визија на Бога, околу Кого стоеле серафими и повикувале: „Свет, свет, свет е Господ Саваот“. Господ рекол: „Кого да испратам? И кој ќе отиде за Нас?“ Пророкот одговорил: „Еве, прати ме мене“ (Ис 6). Повторно еднаквост меѓу „Мене“ и „Нас“, но исто така тука е и трикратното „Свет, Свет, Свет…“. Има и многу други укажувања во Стариот завет, кои во Христијанството се доживуваат како старозаветни пророчки укажувања за тајната на Пресвета Троица, која конечно ќе биде откриена со Новиот завет.
Г.Г.